Достапни линкови

Новa парадигма во македонската надворешна политика - Договорот со Бугарија


Љупчо Петковски, извршен директор на Евротинк - Центар за европски стратегии

Договорот треба да се смета - без непотребно претерување - како мало ремек дело на дипломатијата и надворешната политика, пишува Љупчо Петковски од Евротинк во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија (натаму Договорот) дигна многу (непотребна) прашина во јавноста. Иако, според признанието на сите актери вклучени во процесот, државите усогласиле дури 90% од текстот за време на владеењето на претходната влада, ВМРО-ДПМНЕ и пропагандната машинерија поведе силна кампања против договорот обвинувајќи ја владата на Заев за велепредавство. Според признанието на актерите кои биле вклучени во финализацијата на Заедничката декларација од 1999 година, слична ситуација постоела и тогаш - СДСМ договорил голем дел од текстот, а на ВМРО-ДПМНЕ му падна обврската да го финализира и потпише.

Црната кампања зачудува затоа што близок поглед врз текстот не покажува постоење на спорни точни, освен ако како спорни не се толкуваат заложбите да се гради инфраструктура, да се олеснува соработката и прекуграничната соработка во многу полиња, и да се бараат сојузнизници во меѓународните односи. Но, недовербата на сегашната опозиција веројатно произлегува од членот 8, особено ставката 2 на Договорот, каде што се ефектуира мантрата за „оставање на историјата на историчарите“ преку формињање на Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања која би се обидела да ги доближи ставовите во различната интерпретација на историјата. Освен тоа, на ВМРО-ДПМНЕ веројатно му пречи и делот од преамбулата на договорот, во кој се истакнува „заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи“.

Сепак, сите обиди за рационализација на црната кампања, вклучувајќи го и овој скромен придонес, на крај потфрлуваат да дадат целосна слика затоа што се насочени кон барање на одговорите во когнитивниот дел на текстот, а не во неговата историја, во контекстот во кој истиот настанал. А тој контекст не е само когнитивен, туку и полн со чувствено набиени националистички претстави, слики, создавани во историографијата, медиумите, училиштата и универзитетите, стадионите и уличните шеги во периодот од 1945 година наваму. Сржта на спорот меѓу Македонија и Бугарија лежи во недовербата создавана од национализмите во периодот од последните 70 години, и со тоа е многу сличен во својата природа со спорот за името кој нашата држава го има со Грција. Ова сознание го прави потпишувањето на Договорот дотолку поважно, и затоа истиот треба да се смета - без непотребно претерување - како мало ремек дело на дипломатијата и надворешната политика.

Оттука, на сегашната опозиција најмногу и пречи фактот што - со ставањето во рамка на идентитетскиот спор со Бугарија - македонските националисти го губат своето најсилно оружје. А тоа е политиката на омраза, која е базирана на идејата на виктимизација, според која на Македонците низ историјата, подалечна и поблиска, им биле ускратувани правата (во психоаналитички јазик - „крадено уживањето“). Оваа идеја е присутна во односите на Македонците не само со Бугарите, туку и со другите соседни народи како Албанците и Грците. За да верзијата на македонскиот национализам промовирана и искористувана од ВМРО-ДПМНЕ цвета, потребен е свет кој претставува непријателска околина за Македонија, во кој на државата и е ускратено правото на непречено делување, и во кој Македонците се немоќни, повредени и навредени, но морално супериорни во однос на своите соседи и светот. Овие чувствено набиени претстави беа дел од државната политика во изминатите 11 години владеење на актуелната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ. Беа искористувани во мобилизациите кои доведоа до упадот во Собранието во април годинава, во националистичките мобилизации против соседите и во палењето националистички пожари против Албанците.

Затоа, значењето на новата парадигма во меѓународните односи промовирана од господинот Заев и ефектуирана од господинот Димитров оди отаде потпишувањето на Договорот со Бугарија и драматичното подобрување на односите меѓу Албанците и Македонците внатре. Новата парадигма значи преиспитување на улогата на Македонија и Македонците како пасивен, но морално супериорен актер, кој честопати се става во пасивно-агресивна позиција кон комплексностите на модерниот свет (за што парадигматски пример е однесувањето на претседателот Иванов со странските државници). Големината на новата парадигма со состои во пораката што ја праќа, а тоа е дека Македонија рационално и без омраза ги согледува предностите и пречките на контекстот во кој треба да делува, создавајќи пријатели од некогашните непријатели и обидувајќи се да го максимизира својот интерес во дадениот контекст, без непотребни поплаки кои сами себе се репродуцираат, и без непотребно создавање на чувство дека не сме разбрани и доволно вреднувани. Значењето на новата парадигма е и во пораката дека не секогаш ни се потребни големите сили и меѓународната заедница за да ги решаваме локалните проблеми и дека со тоа сме доволно зрели да бидеме на висина на задачата.

Дали општеството е зрело за новата парадигма? Дали околу новата парадигма ќе се изгради широк општествен консензус кој би го вклучил и делот од јавноста во кој пораките на ВМРО-ДПМНЕ сè уште добро резонираат? Тоа ќе покаже времето, но досегашните случувања треба да нè прават оптимисти дека Македонија ќе заплови во помирни меѓународни и со тоа домашни води.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG