Достапни линкови

Неделен печат – Спорот за името и Договорот со Бугарија


Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишуваат договорот за добрососедство меѓу двете земји во Скопје на 1 август 2017
Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишуваат договорот за добрососедство меѓу двете земји во Скопје на 1 август 2017

Се топи едногласната поддршка на сојузниците за Грција, вели професор Тони Дескоски во интервју за Капитал. Фокус пишува за омразата што ја ширеше минатата влада, а Република дека Договорот со Бугарија е предавство.

Капитал - Се топи едногласната поддршка на сојузниците за Грција

Од најновиот Капитал, овојпат наместо економија, малку политика. Интервјуто со Тони Дескоски, професор по меѓународно право, е во врска со новата рунда преговори за името помеѓу Грција и Македонија, што ја најави Метју Нимиц, затоа што, според професорот, „се топи едногласната поддршка на сојузниците за Грција“. И дека е дојдено време за репозиционирање, при што прашање е која од двете држави подобро ќе го погоди пулсот на САД и на другите сојузници, односно нивниот интерес. Професор Дескоски смета дека првата можност за промена на одлуката од Букурешт е следната година, на Самитот на НАТО, а дотогаш, процесот на преговори под медијаторство на Нимиц имал доволно време да влезе во втората фаза, „фазата на конкретни предлози“. Западот, од сопствен интерес, координирано ќе помага за наш влез во НАТО, вели Дескоски. Секако, додава, во зависност од перцепцијата на сојузниците за поведението на секоја од двете страни во преговорите, ќе биде и поддршката за едната или за другата страна на следниот Самит на Алијансата. Затоа Дескоски инсистира на нова дипломатска стратегија која ефикасно ќе ѝ парира на грчката и која ќе може да ги искористи нејзините слаби точки, вели покрај другото професорот по меѓународно право во интервјуто за Капитал.

Фокус - Мразам, значи постојам

Поминаа и 2 Август и потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Од двобројот на Фокус овојпат го издвојуваме уводникот под наслов „Мразам, значи постојам“ во кој авторката потсетува на постојаната негативна пропаганда и говор на омраза од страна на Груевски и неговите најблиски соработници во изминатите десет години, и внатре и кон соседите, па го поздравува потпишувањето на Договорот и двајцата потписници, Заев и Борисов. Затоа што, вели, втурнати во минатото ни минуваше сегашноста, закопувајќи ја иднината – нашата, пред сè, бидејќи на евроатлантскиот автопат нè претркаа сите, па и оние што со децении беа дел од Варшавскиот пакт. И на крај, празнично и Илинденски, потсетува дека во 26-те години зад нас докажавме дека немаме политичка култура, ниту демократски традиции. На сите празнувања, власта доминираше, опозицијата се третираше како отпадник. Па апелира до новиот премиер дури и „злосторничката групировка да ја истретира за празникот како легитимна, пред да заврши на робија!“

Република - Заев потпиша срамен, велепредавнички договор

Порталот на Република го објавува отвореното писмо до Заев и до Владата од групата што се нарекува Македонски манифест, потпишано од поетот Ефтим Клетников, во кое се обвинуваат дека Заев потпишал, како што се вели, „срамен, велепредавнички договор“. Со договорот, според Клетников, биле фрлени „под нозе, во кал“ македонските национални интереси и идеали, а со него, вели, „си обезбедувате вечност во македонската колективна меморија, која, за жал, ги памети не само хероите и родољубите, туку и предавниците и одродниците“. Па апелира да се откаже од Договорот додека било време, затоа што македонскиот народ, „кој за жал сега е и одлево и оддесно дезориентиран и во апатична фаза“, вели, веќе знаел, како што тврди поетот од Македонски манифест, и го препознавал „злосторството“ и немало да им прости.

XS
SM
MD
LG