Достапни линкови

Ердоган во посета на Саудиска Арабија, Кувајт и на Катар


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја започнува дводневната посета на Саудиска Арабија, Кувајт и на сојузникот Катар во време на регионална криза.

Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Египет и други земји ги прекинаа сите дипломатски и трговски врски со Катар, поради наводното финансирање исламистички екстремисти и поради соработката со регионалниот ривал Иран. Катар ги негира обвинувањата.

Ердоган денеска треба да се сретне со саудискиот крал Салман, по што ќе замине за Кувајт, земја која посредува во кризата. Се очекува да ја заврши посетата на Катар утре.

Меѓународните обиди за решавање на кризата, вклучувајќи го и американското вклучување, досега не дадоа резултат.

Од почетокот на кризата во јуни, Турција испрати војници во Катар и продолжува да испорачува храна во малата држава во Персискиот Залив.

Катар е од стратешко значење за Турција која таму во 2014 година отвори воена база. Анкара вели дека во базата би можеле да бидат стационирани дури 1000 војници.

Двете земји поддржуваат исламистички организации, како што е Муслиманското братство, на кои другите држави од Персискиот Залив гледаат како закана за нивното владеење.

XS
SM
MD
LG