Достапни линкови

Словенија смета дека Хрватска не заслужува да влезе во Шенген зоната


Пиранскиот Залив

Словенечкиот шеф на дипломатијата, Карл Ерјавец, испрати писмо до Европската комисија во кое наведува дека Хрватска не заслужува влез во Шенгенскиот простор, затоа што со нарушувањата на границата во Пиранскиот Залив од страна на нејзините рибарски и полициски бродови го нарушува правниот поредок на Европската унија и територијалната целост на Шенген, пренесува хрватската национална телевизија ХРТ.

„Држава која тоа го прави со умисла и не го почитува меѓународното право, не ги исполнува условите да стане дел од Шенген“, подвлекува словенечкиот министер во писмото.

Тој, исто така, додава дека словенечкиот премиер Миро Церар е запознаен со содржината на писмото и смета дека Хрватска е должна да ја почитува одлуката на Арбитражниот суд за границата во Пиранскиот Залив.

Постојаниот арбитражен суд во Хаг минатиот месец го реши долгогодишниот спор меѓу Словенија и Хрватска за Пиранскиот Залив, утврдувајќи дека поголем дел од заливот ѝ припаѓа на Словенија, која со специјален акт доби и коридор преку хрватските територијални води кон меѓународните води.

Хрватска и Словенија за морската граница во Пиранскиот Залив спорат уште од 1991 година. Двете земји во 2009 година се согласија на арбитража, но Хрватска се откажа од неа во 2015 година, откако беше откриено дека словенечки претставници лобирале пред судиите да донесат одлука во нивна корист.

Загреб одбива да ја признае одлуката на Арбитражниот суд.

XS
SM
MD
LG