Достапни линкови

Милошоски - Ќе го поддржиме договорот со Бугарија ако се вклучат нашите препораки


Архивска фотографија: Антонијо Милошоски

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на затворената седница на собраниската Комисија за надворешна политика, на која премиерот Зоран Заев го презентираше Нацрт-договорот за добрососедство со Бугарија, рече дека на седницата ги истакнале нивните забелешки на текстот. Тој рече дека владата не треба да брза со потпишувањето зашто поважен е квалитетот на договорот. Тие бараат во договорот да се спомене македонскиот народ, да се потврди македонскиот јазик, да има симетрични обврски и за Македонија и за Бугарија и да има јасна дистинкција помеѓу делот на заедничката и делот на посебните истории.

„Доколку овие препораки бидат вградени во дел од текстот и со тоа го унапредат како содржина, а со самото тоа биде и поповолен за Република Македонија, ние како пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“ би дале поддршка“, рече Милошоски.

Премиерот Заев претходно рече дека во договорот нема дилеми дека се работи за две држави, два народи и два јазика.

Текстот на нацрт-договорот не е јавно објавен.

На затворената седница на Комисијата присуствувале 14 пратеници вклучувајќи го и претседателот на Парламентот Талат Џафери, кои поседувале безбедносни сертификати.

XS
SM
MD
LG