Достапни линкови

Со синот на Трамп се сретнал и поранешен советски контраразузнавач


Архивска фотографија-Доналд Трамп јуниор, син на американскиот претседател Доналд Трамп

Рускиот адвокат кој се сретнал со најстариот син на американскиот претседател Доналд Трамп и други претставници од тимот што работеше на неговата претседателска кампања во јуни 2016 година бил придружуван од руско-американски лобист кој бил контраразузнавач во советско време, јавува американската телевизиска мрежа НБЦ. Во извештајот објавен вчера телевизијата наведува дека лобистот, чиј идентитет не го открива, ја придружувал руската адвокатка Наталија Веселитскаја на состанокот со Доналд Трамп јуниор, зетот на претседателот Трамп Џаред Кушнер и шефот на кампањата Пол Манафорт.

Во извештајот на НБЦ мажот е опишан како американски лобист роден во Русија кој работел за советската војска и емигрирал во САД каде што поседувал двојно државјанство. Мажот кој судејќи според описот одговара на Ринат Ахметшин е познат како соработник на Веселнитскаја во повеќе лобирања и односи со јавноста во САД во средината на 2016 година против актот Магнитски со кој беа воспоставени санкции против кршителите на човековите права.

Весникот Фајненшл тајмс на 10 јули објави дека Веселитскаја го најмила Ахметшин за тој период. Во април сенатскиот комитет за правда во одделот за домашна безбедност испрати барање за информација како дел од истрагата за можно нелегално лобирање на Ахметшин, наведувајќи дека тој е осомничен за спроведување субверзивни политички влијанија кои често вклучувала дезинформации и пропаганда. Застапниците на Трамп јуниор, Кушнер и Манафорт одбија да го коментираат извештајот на НБЦ.


XS
SM
MD
LG