Достапни линкови

Разрешени Јелена Жугиќ и Братислав Димитров


Илустрација- театарска претстава "Нешто пропуштаме" на Театар Комедија.

Министерот за култура на Роберт Алаѓозовски денеска донел решение за разрешување на директорите на Театарот за деца и младинци – Скопје, Братислав Димитров и на Театарот Комедија – Скопје, Јелена Жугиќ, информираат од министерството за култура. За вршителка на должноста директор во Театарот за деца и младинци е именувана Катарина Илиевска - Силјановска, а за вршителка на должноста директор во Театар Комедија е именувана Мирјана Поповска – Ристов, се наведува во соопштението.

„Би сакале да ја информираме јавноста дека единствена цел на назначувањето на в.д директори е итно да се ослободат клучните институции, кои беа заробени од кадри што се под целосна контрола на Никола Груевски, кадри врз основа на кои се штимале систематизацијата и критериумите. Воедно, ве известуваме дека во најскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори“ пишува во соопштението од министерството за култура.

Во него се додава дека веднаш штом се исполнеле законските услови, министерството за култура, низ целосно отворен и транспарентен процес, ќе распишело конкурси и ќе спровеле постапки за избор и именување на нови директори, на кои сите заинтересирани кандидати од самите институции, но и надвор од нив, ќе можеле да ги предложат нивните програми и визии за, како што пишуваат, департизација, заздравување и унапредување на работата на културните институции во Република Македонија.


XS
SM
MD
LG