Достапни линкови

Тилерсон ја завршува посетата на Персискиот Залив, нема напредок


Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон вчера се сретна со министрите од четирите арапски земји во градот Џеда на Црвеното Море во Саудиска Арабија

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ја заврши неколкудневната посета на земјите од Персискиот Залив каде што се обидуваше да посредува во спорот меѓу Саудиска Арабија и нејзините сојузници од една страна и Катар од друга. Тилерсон денеска одби да даде коментар по втората средба со емирот на Катар, Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани.

Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Египет и други држави ги прекинаа сите дипломатски и трговски врски со Катар, поради наводното финансирање исламистички екстремисти и блиските односи на Катар со регионалниот противник Иран. Четирите арапски држави испорачаа листа со 13 барања кои Катар треба да ги исполни и се заканија со продлабочување на санкциите.

Катар ги негира обвинувањата и смета дека ова е обид за нарушување на суверенитетот на земјата.

Тилерсон вчера се сретна со министрите од четирите арапски земји во градот Џеда на Црвеното Море во Саудиска Арабија, но без знаци на напредок.

За време на првата посета на Катар во рамки на оваа блискиостична турнеја, Тилерсон потпиша договор меѓу САД и Катар за финансирањето тероризам во обид да ја олесни кризата, но Саудиска Арабија и сојузниците сметаат дека тоа не е доволно.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан викендов треба да го посети регионот во обид за смирување на кризата. Слични патувања беа најавени и од министрите за надворешни работи на Германија и на Велика Британија.

XS
SM
MD
LG