Вести
Турската полиција приведе 37 осомничени членови на ИД
Припадници на турската полиција за борба против тероризмот денеска приведоа 37 осомничени членови на Исламска држава во рамки на антитерористичките операции во неколку области во земјата.
Истовремено, властите во округот Хатаи, во југоисточниот дел на Турција, соопштија дека сириски државјанин, кој се обидел илегално да влезе од Сирија во Турција, бил уапсен вчера со 5,25 килограми експлозив и девет детонатори.
Полицијата привела 25 лица минатата ноќ при операции извршени истовремено во девет окрузи во Турција, вклучувајќи го и Истанбул, а кои се насочени против осомничени членови на ИД.
Во други полициски акции синоќа во Адана се уапсени 12 лица, меѓу кои и две деца, осомничени за поврзаност со џихадистичката група. Меѓу приведените се наоѓа и едно 12-годишно девојче.
Турските власти во последните години уапсиле над 5.000 осомничени членови на ИД и депортирале околу 3.290 странски борци од 95 различни земји
види ги сите денешни вести
Подоцна во пензија и повисок ДДВ, препорачува Светска Банка
По Фискалниот совет и Светска банка (СБ) алармира за дупката во македонскиот пензински фонд.
Северна Македонија има пензиски дефицит и без реформа, тој уште повеќе би се зголемил, оценува СБ во новиот извештај „Преглед на јавни финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и зајакнување на отпорноста“.
Во него, се посочува дека целта на повеќестолбната реформа на пензискиот систем од 2005 година била подобрување на среднорочната и долгорочната фискална одржливост со одржување на паритетот на правата низ генерации, но дека оваа цел е доведена во ризик поради подоцнежните ад-хок промени на политиките.
За справување со овие предизвици, велат, се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што се повеќе старее.
„Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (т.н Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање согласно индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот“, стои во извештајот.
Комбиниран пакет што ќе ги интегрира сите три политики, се посочува дека би можел да донесе поизбалансирани исходи и да го спречи понатамошното зголемување на пензиските расходи и дефицити.
Проекции се прават од сите страни, а клучно е дека постои свесност дека недостасуваат средства во Пензискиот фонд и дека е потребно да се изнајде решение за санирање на дупките во фондот, порача претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, пред почетокот на денешната (13 декември) презентацијата на Извештајот.
„Ние имаме дијагноза и дијагнозата е заедничка. Постои консензус, а тоа е дека има недостиг на средства. Останува да се утврди терапија. Терапијата се дискутира и ние не сме замена за носителите на економските политики. Тоа во една поширока дебата е решение што на крај треба да го усвојат и да го решат носителите на економските политики“, рече Бишев.
Тој оцени дека доколку не се изнајде решение, тогаш Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на долг рок ќе мора да се финансира од буџетот.
Неодамна Фискалниот совет до Собранието достави Мислење со кое бара во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67 години за мажи и жени. Фискалниот совет смета дека буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.
Инаку, во делот на даноците, СБ предлага зголемување на стапката на ДДВ од сегашните 18 на 19 проценти и отстранување на повластената стапка за сите стоки, освен за основните производи.
Во извештајот се нагласува и дека најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донела задоволителни резултати.
Во последната деценија, земјата се соочува со повисоки фискални дефицити од земјите од Западен Балкан, со ниво на долгот што надминува 62 проценти од Бруто домашниот производ (БДП).
„За подобро да се подготви за иднината, сега е клучно Северна Македонија да почне да се справува со фискалните предизвици, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија.
Според него, обезбедувањето на цврсти макроекономски основи може да придонесе за одржлив економски развој и намалување на сиромаштијата додека земјава се приближува кон членство во ЕУ.
Препораките на СБ опфаќаат конкретни мерки за зголемување на даночните приходи, реформи за подобрување на ефективноста на јавната администрација, ребалансирање на финансиите на локалните власти и напори за подобрување на ефикасноста на извршувањето на јавните услуги.
Групацијата Светска банка е партнер на Северна Македонија во разни проекти за финансирање и знаење со цел подобрување на ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи, подобрување на ефективноста на даночната администрација и кои опфаќаат повеќе сектори, вклучувајќи ги образованието, социјалните услуги и земјоделството.
Уапсени три топлес активистки пред зградата на Обединетите нации
Најмалку три феминистички активистки беа приведени во Женева откако оштетија споменик пред комплексот на Обединетите нации (ОН) во знак на протест против војната на Русија против Украина и неуспехот на ОН да го запрат конфликтот, пренесе агенцијата АП.
Две топлес жени од групата „Фемен“ со моторна пила се обиделе да го исечат „Скршеното столче“, дрвена скулптура висока 12 метри која симболизира повик за забрана за разорно оружје.
Тие носеа ленти на нозете во боите на украинското знаме.
На голите гради и грб им беа испишани зборовите „запрете ги мините“ и извикуваа пцовки против Обединетите нации и Русија.
Тие одбија да разговараат со новинарите.
Над 250 нови производи во „Новогодишната кошница“
Листата за „Новогодишната кошница“ за една недела е зголемена од 650 на повеќе од 900 производи, објави заменик министерот за економија, Марјан Ристески, на социјалните мрежи денеска (13 декември).
Тој најавува дека од задутре, кога почнува акцијата, па до 15 јануари граѓаните ќе можат да ги купат производите од 83 компании кои тие самите ги понудиле, со пониски цени од најмалку 10 проценти.
„Апелирам компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која што самите ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат“, наведува Ристески во неговата објава.
Ристески посочува и дека листата не е затворена и има можност да пријавување на дополнителни производи.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски порача дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе ја следи работата на маркетите.
Тој уверува дека најавеното намалување на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“ ќе го заштити семејниот буџет.
Во листата на новогодишната потрошувачка кошничка спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Изминатите денови пазарните инспектори ги мониторираа сегашните цени на производите во акциската листа заедно со најниските цени на овие производи кои биле применувани во последните 30 дена.
Целта на мониторингот е да се утврди дали по почетокот на акцијата трговците ќе се придржуваат до акциското намалување на цените од најмалку 10 отсто на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.
Производите на листата ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Акцијата „Новогодишна кошница“ ќе се спроведува заклучно со 15 јануари 2025 година.
Граѓаните може да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страницата на ДПИ, www.dpi.gov.mk, на која е достапна и листата со производи.
Речиси 800 уапсени во меѓународна полициска акција на Западен Балкан
Обединети полициски сили од 26 земји уапсија 796 лица во масовна полициска операција на Западен Балкан, објави Европол денеска (13 декември).
Акцијата била раководена од центарот во Сараево, а како што се наведува во соопштението, цел биле повеќе криминални закани, вклучувајќи трговија со луѓе, криумчарење мигранти, трговија со дрога и нелегално оружје, како и борба против криминални мрежи од висок ризик.
Без наведување на дополнителни детали, се нагласува дека се покренати вкупно 316 истраги и запленети се 442 парчиња оружје, во акција во која учествувале 31.109 полицајци.
„Опсегот на операцијата беше дизајниран да биде што е можно поширок. Проверките и пребарувањата го вклучија физичкиот и онлајн светот, Интернетот, 'дарк веб' и платформите на социјалните мрежи“, соопшти Европол.
Тие додаваат дека во овие „сајбер патроли“ учествувале не само претставници на полицијата, туку и обвинители со различни надлежности.
Извршени се над 655 илјади проверки, со кои се проверени околу 516 илјади лица, 152 илјади возила, пет илјади пратки и 1.181 место на живеење.
Тие објаснуваат дека Европол тоа го направил со испраќање експерти со мобилни канцеларии на терен, кои можат да ги проверат постоечките бази на податоци, додека земјите партнери работеле со специјални единици за откривање и експерти за фалсификувани документи.
Во акцијата учествуваа 16 земји-членки на ЕУ, сите земји од Западен Балкан, како и Молдавија, Турција и Украина.
Меѓу меѓународните организации, во акцијата учествуваа Европската комисија, Европол, Европравда, Фронтекс и ИНТЕРПОЛ.
Акцијата е спроведена во рамки на Денот на координирана заедничка акција за Југоисточна Европа (JAD SEE), организиран во рамките на EMPACT, европската мултидисциплинарна платформа за борба против криминогени закани.
Засега ништо од отворањето на кластерот 3 во преговорите на ЕУ со Србија
Прашањето за отворање на кластерот 3 со Србија ќе биде земено предвид откако земјата ќе постигне значителен напредок во областа на владеењето на правото, поточно во поглавјата 23 и 24, како и во процесот на нормализација со Косово.
Ова се наведува во ажурираната верзија на нацрт-заклучоците за Србија, за кои амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) ќе расправаат во петок, на 13 декември.
Во овој документ, Советот на ЕУ повторно потсетува дека напредокот на Србија во владеењето на правото и нормализацијата на односите со Косово „ќе продолжи да го одредува целокупното темпо на пристапните преговори“.
Станува збор за пакет заклучоци за проширувањето кои треба да бидат договорени на ниво на амбасадори и формално усвоени на состанокот на министрите одговорни за европски прашања што ќе се одржи на 17 декември во Брисел.
„Советот ја прифаќа оценката на Комисијата дека Србија го одржува нивото на подготвеност на првичните одредници во кластерот 3 (Конкурентност и инклузивен раст). Советот ќе се врати на прашањето за отворање на кластерот 3 врз основа на значителниот понатамошен напредок на Србија, особено во согласност со областите (поглавја 23 и 24 и дијалог со Косово) и во согласност со преговарачката рамка, споредено со оценката претставена во Извештајот за проширување за 2024 година“, пишува во најновата верзија од заклучоците.
Преговорите за членство меѓу Брисел и Белград се замрзнати главно поради невоведувањето санкции против Русија. Србија нема отворено ниту едно поглавје од декември 2021 година.
За време на својот мандат, Унгарија, која претседава со Европската Унија до 31 декември, иницираше можност за отворање на кластерот 3 за Србија, за што Европската комисија смета дека земјата е технички подготвена.
Сепак, Унгарија наиде на отпор од голем број земји-членки кои, освен проблемот со усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, инсистираат на напредок во владеењето на правото и имплементација на договорите постигнати во рамките на дијалогот за нормализација на односите со Косово. За секоја одлука за евентуално отворање или затворање на поглавја или кластери во процесот на пристапување, потребна е согласност од сите земји-членки на ЕУ.
Мицкоски: Борбата со криминалот продолжува, ќе има десетици случаи
Премиерот Христијан Мицкоски, во коментар за акцијата на МВР „Адитив“ поврзана со работењето на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“, најави дека борбата со криминалот ќе продолжи и најави десетици такви случаи во следниот период.
„Да, борбата ќе продолжи. Ние рековме внимателно, рековме нема да правиме естрада од сето тоа, ќе продолжи. Се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази и основано сомневање за сторен криминал МВР заедно со срамежливото обвинителство влегуваат во акција. Таа акција беше спроведена пред неколку дена, 23 лица се осомничени и два правни субјекта. Во периодот што следи десетици случаи се работат. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години“, одговори Мицкоски на новинарско прашање, на поставување камен темелник на фабрика во ТИРЗ Кичево.
Тој вели дека од акциите нема да се прави естрада.
„Нема да се случува, вели Мицкоски, како што беше во минатото на полноќ или наутро да влегуваат специјални единици вооружени до заби во домовите на лицата коишто се осомничени и сето тоа камера да го снима и слично и да правиме естрада. Нема да биде тоа, ќе биде вака преку соопштенија, а потоа преку еден фер и транспарентен судски процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност во целиот случај. Во периодот што следи мислам дека од информациите со коишто располагам ќе има десетици вакви случаи“, рече Мицкоски.
Основниот кривичен суд Скопје завчера одреди притвор во траење од 30 дена на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра во акцијата наречена „Адитив“.
Рокас: Во тек се дипломатски активности за евроинтеграциите на Северна Македонија
Процесот на проширување е врвен приоритет на Европската Унија. Правиме напори да заврши процесот на реформи во Северна Македонија и што побргу да се постигне целта, а тоа е земјата да стане членка на ЕУ, изјави денеска (12 декември) шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Михалис Рокас, одговорајќи на новинарско прашање, за време на неговата посета во Тетово.
„Премиерот на Северна Македонија беше во посета на Брисел каде што се сретна со новото раководство на ЕУ, а следната недела, на 18 декември, ќе има уште една можност да го посети Брисел, во рамките на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Јас мислам дека од страна на новото раководство на ЕУ е јасно кажано дека процесот на проширување е врвен приоритет, вклучително и со Северна Македонија“ изјави Рокас.
Тој додаде дека и делегацијата на ЕУ прави огромни напори да заврши процесот на реформи за Северна Македонија и таа да стане членка на ЕУ.
„Каква било друга дополнителна поддршка или дипломатски активности се повеќе од добредојдени“, изјави Рокас.
Тој посочи дека во моментот во тек се повеќе дипломатски активности во врска со ова прашање, потенцирајќи дека новото раководство на ЕУ прави многу напори за Северна Македонија да стане дел од европското семејство.
Во врска со американската црна листа на која се ставени поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, рече дека сега е важно судството во земјава да ги преземе сите можни активности поврзани со овој случај, но и со сите други случаи каде што е присутна корупцијата во државата.
„Соединетите Држави презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа. Меѓутоа, она што е важно е дека судството во државата треба да ги преземе сите активности не само во врска со овој последен случај, туку и сите други видови на корупција кои се присутни, со цел да имаме независно судство“, рече Рокас.
Тој додаде дека ЕУ има преземено значајни активности и напори за обезбедување механизми за зајакнување на судството.
Бишев: За „дупките“ во Пензискиот фонд потребна е итна терапија
Проекции се прават од сите страни, а клучно е дека постои свесност дека недостасуваат средства во Пензискиот фонд и дека е потребно да се изнајде решение за санирање на дупките во фондот, порача денеска Глигор Бишев, претседател на Фискалниот совет.
„Ние имаме дијагноза и дијагнозата е заедничка. Постои консензус, а тоа е дека има недостиг на средства. Останува да се утврди терапија. Терапијата се дискутира и ние не сме замена за носителите на економските политики. Тоа во една поширока дебата е решение што на крај треба да го усвојат и да го решат носителите на економските политики“, изјави Бишев во одговор на новинарско прашање пред почетокот на презентацијата на Извештајот на Светска банка за земјава.
Оцени дека доколку не се изнајде решение, тогаш Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на долг рок ќе мора да се финансира од буџетот.
„За 2025 и 2026 година тој процент достигнува 37-38 проценти од вкупните исплати за пензии и тоа не е нешто што не е вообичаено, меѓутоа ние укажуваме дека тој обем претставува сега товар и за самиот буџет. Тие се големи средства и заради одржливост на буџетот ќе треба да се најдат соодветни приходи во рамките на буџетот, бидејќи и средствата во буџетот имаат одредени намени“, рече Бишев.
Истакна дека исплатите за пензии коишто учествуваа со 8,8 проценти од БДП оваа година достигнуваат околу 10,3 проценти од БДП, а со најавеното зголемување во 2026 година ќе стигнат до 11,5 проценти од БДП.
„За да се зголеми учеството на пензиите во БДП треба нешто друго да се намали - дали е тоа лична потрошувачка, дали е инвестиции, дали се плати. Ние го изнесовме тоа, укажавме и сега останува да се дефинираат соодветни политики. Една од политиките е тоа учество на долг рок да остане со тој процент“, појасни Бишев.
Неодамна Фискалниот совет до Собранието достави Мислење со кое бара во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67 години за мажи и жени. Фискалниот совет смета дека буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.
Стејт департмент: Северна Македонија покажа напредок во борбата против тероризмот
Северна Македонија во 2023 година покажала напредок во борбата против тероризмот преку усогласување на стратешките документи со европското законодавство и меѓународните стандарди, зајакнување на капацитетите за истрага и гонење кривични дела поврзани со тероризам, како и размена на информации за спречување на радикализација на насилството. Ова се наведува во последниот извештај на Стејт департментот за тероризмот во светот.
Таа покажала и напредок во реинтеграцијата на повратници од воените зони, се додава во извештајот.
„Владата во мај усвои национални стратегии за контратероризам и спротивставување на насилниот екстремизам со соодветни акциски планови кои се фокусираат на превенција на онлајн радикализација кон насилство, „десничарски екстремизам“, реинтеграција, потреба од специјализирани обуки за полицајци и социјални работници, и ажурирани стратешки приоритети, вклучително и воспоставување база на податоци за повратници. Северна Македонија соработуваше со напорите на САД за контратероризам, вклучително и рана детекција“, се вели во извештајот.
Покрај ова, се наведува и дека главните терористички закани во земјава се поврзани со „претходно репатрирани странски терористички борци од Сирија и Ирак, како и со домашен екстремистички тероризам“.
„Националниот комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и тероризмот процени дека 143 граѓани на Северна Македонија (исклучувајќи деца) патувале или се обиделе да патуваат во Сирија или Ирак за да се приклучат на терористички групи во изминатите години. Од овие 143 возрасни (133 мажи, 10 жени), се верува дека само четворица останале во камп за раселени лица во североисточна Сирија. До крајот на 2023 година, Северна Македонија репатрираше 19 раселени и 11 задржани државјани од североисточна Сирија. Македонските власти го проценија нивото на терористичка закана како „средно,“ имајќи ги предвид војната во Украина, развојот на настаните на Блискиот Исток и присуството на поранешни членови и симпатизери на „Исламска држава“, се наведува во извештајот.
Во 2023 година во земјава не биле пријавени терористички инциденти.
Во врска со законодавната рамка на Северна Македонија се истакнува дека таа овозможува гонење на осомничени и соучесници во терористички активности или лица кои учествуваат во странски војни. Се додава дека казните за кривични дела поврзани со тероризам значително се подобриле во споредба со претходните години и со други земји од Западен Балкан.
Министерството за правда на САД обезбеди менторство и докази од бојното поле за случаите на кои работеле обвинители и истражители.
„Апелацискиот суд во Скопје лани во јуни ја зголемил казната на странски терористички борец репатриран во 2021 година за ширење пропаганда на „Исламска држава“ од шест на осум години затвор. Во август, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе обвиненија против двајца такви борци за учество во непријателска армија“, пишува во извештајот од Стејт департментот.
Извештајот потенцира дека Северна Македонија го продолжи своето учество во спроведувањето на Заедничкиот акционен план на ЕУ за Западен Балкан за борба против тероризмот и ја зајакна соработката со Европол (Агенција на Европската Унија за соработка за спроведување на законот) и Европравда (Агенција на ЕУ за кривичната правда и соработка).
САД воведоа визни ограничувања за грузиските официјални лица
Соединетите Држави воведоа визни ограничувања за грузиските власти поради „поткопување на демократијата“ поради тековните протести на владејачката партија Грузиски сон за одложување на преговорите за пристапување на оваа кавкаска земја во Европската Унија (ЕУ).
Демонстрантите, исто така, повикаа на нови избори по наводите за изборна измама за време на парламентарните избори во октомври, чии резултати опозицијата одби да ги признае, тврдејќи дека Грузиски сон ги наместил гласовите за да ја обезбеди власта.
Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили, која застана на страната на демонстрантите, изјави дека изборите биле изманипулирани со помош на Русија.
Властите реагираа насилно на последниот бран протести, при што беа уапсени стотици луѓе во последните две недели.
Како одговор, американскиот Стејт департмент на 12 декември соопшти дека „ќе го забрани издавањето визи за одговорните или соучесниците во поткопувањето на демократијата во Грузија“.
„Овој потег ќе влијае на околу 20 лица, вклучително и владини министри и парламентарци, службеници за спроведување на законот и безбедност и граѓани“, се вели во соопштението, без именување на поединци.
„Ние сме посветени да обезбедиме високи функционери одговорни или соучесници во поткопувањето на демократијата да бидат предмет на визни ограничувања“, се додава во соопштението.
Откако започнаа протестите кон крајот на ноември, насилството врз опозицијата и новинарите ескалира, што наиде на осуда од САД и ЕУ.
На 4 декември, грузиските безбедносни сили упаднаа во канцелариите на неколку опозициски партии, водачи на протести и активисти за човекови права.
Во американското соопштение се повторува дека Вашингтон „силно го осудува тековното, брутално и неоправдано насилство на партијата Грузиски сон врз грузиските граѓани, вклучително и демонстранти, членови на медиумите, активисти за човекови права и опозициски фигури“.
На власт од 2012 година, партијата Грузиски сон, основана од милијардерот и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, беше обвинета од критичарите дека станува сè поавторитарна.
Претходно оваа година, Грузиски сон го протурка таканаречениот закон за странски агенти во парламентот, моделиран по сличен руски закон што Кремљ го користи за да ја задуши политичката опозиција и да ги потисне критичарите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете