Достапни линкови

Иванов и Заев со честитки до Трамп за Денот на независноста на САД


Архивска фотографија-премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов,како што соопштија од неговиот кабинет, упатил честитка до американскиот претседател Доналд Трамп, по повод Денот на независноста на САД. Во неа тој наведува дека е уверен оти во претстојниот период билатерални односи и понатаму ќе се развиваат со уште посилна динамика, отворен и конструктивен дијалог на заемно разбирање и доверба, како и поцврсти и поинтензивни економски релации.

„Заложбите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО Алијансата и евроатлантските интегративни процеси се фокусните точки на нашето континуирано политичко дејствување, за чие остварување очекуваме и во иднина отворена поддршка од страна на пријателските Соединети Американски Држави. Господине Претседателе и во оваа пригода сакам да потенцирам дека Република Македонија високо ја цени улогата на Соединетите Американски Држави на глобален план и сакам да Ве уверам дека целосно сме посветени на зацврстување и на содржинско збогатување на стратегиското партнерство со Вашата голема нација. Бидете уверени дека сме подготвени за тесна и конструктивна соработка на тој план“ наведува претседателот во честитката.

Премиерот Зоран Заев, пак ,во честитката до Трамп ги оценува односите со, како што пишува, пријателските САД како исклучително важни, а заложбата за нивното севкупно натамошно зацврстување од голем интерес и желба на граѓаните на Република Македонија.

„Улогата на американската администрација, во функција на асистенција при обемните реформски процеси во Република Македонија, е незаменлива“, се наведува во писмото до претседателот Трамп.

Тој го нагласува и интересот на Владата за натамошно севкупно унапредување и зацврстување на одличната соработка и партнерските односи со САД. Премиерот изразил, како што пишува, цврсто уверување дека во периодот што претстои двете земји ги очекува интензивиран, плоден и отворен политички дијалог во сите домени од заеднички интерес.

XS
SM
MD
LG