Достапни линкови

Од први септември флексибилно работно време во некои институции


Илустрација-салата за седници на Владата на Македонија

Владата на Република Македонија на денешната седеница донесе одлука да се воведе флексибилно работно време на сите вработени во државната управа, а во одредени институции и двосменско работно време, соопшти министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски.

Одлуката ќе се применува од први септември. Со неа се утврдува дека почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот со вкупно времетраење на работниот ден од 8 часа.

Манчевски потенцира дека, како што беше најавено во Програмата на Владата, со оваа одлука исто така се регулира и двосменското работење на одредени институции, како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните оддели во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав.

Работното време во овие институции ќе се одвива од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот со време на работа од 8:00 до 16:00 часот.

Министерот Манчевски информираше дека оваа одлука следува по серијата консултации со граѓаните и со претставниците на невладиниот сектор и синдикатите.


XS
SM
MD
LG