Достапни линкови

Се судриле автобус и камион во Татарстан, најмалку 14 загинати


Запалениот автобус, Татарстан, 2 јули, 2017.

Најмалку 14 луѓе загинале, две од нив деца, во судир меѓу камион и автобус во близина на градот Заинск во Татарстан, во Русија, велат властите. Повредени се најмалку 15 луѓе, од кои четири се во тешка состојба, соопшти локалното Министерство за здравство. Портпаролот на локалната полиција соопшти дека несреќата се случила кратко по полноќ на 2 јули. Од Комитетот кој ја истражува несреќата велат дека можно е возачот да бил заслепен од светла.

Регионалното Министерство за внатрешни работи соопшти дека автобусот се превртел и се запалил по судирот со камионот. По несреќата уапсени се двајцата возачи.

Претседателот на Татарстан, Рустам Минниханов, објави дека 2 јули е прогласен за ден на жалост, објави неговата канцеларија.

Русија се рангира на врвот меѓу најлошите земји во светот по смртност во сообраќајни несреќи. Како причини за несреќите се посочуваат возење под дејство на алкохол, лоши патишта и сообраќајни прекршоци.

Минатата година повеќе од 20 илјади луѓе загинале во сообраќајни незгоди, што претставува пад од 12 отсто во споредба со 2015 година.

XS
SM
MD
LG