Достапни линкови

Нимиц ќе тестира дали има подготвеност за напредок за името


Посредникот во разговорите за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц.

Специјалниот претставник на Обединетите Нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, од денеска до 4 јули ќе престојува во Скопје на разговори со македонскиот државен врв за можностите за решавање на спорот за името.

Нимиц, како што соопшти прес-службата на ОН, доаѓа во Скопје на покана на македонската Влада со цел да се дискутира за начините за постигнување напредок во разговорите со посредство на ОН за изнаоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името.

Во соопштението се додава дека на покана на Владата на Република Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина.

Нимиц синоќа во интервју за „360 степени“, на АлсатМ телевизија, рече дека во Скопје има нова влада, со нови идеи за ова прашање и тој се надева дека се враќа вниманието врз овој многу важен проблем. Тој, како што вели, ќе ги посети земјите за да ја тестира подготвеноста за сериозен напредок, но овојпат не носи нов предлог за решение на спорот околу името.

Нимиц рече дека последните неколку години не биле соодветно време за интензивни преговори околу името од различни причини. Тој додаде дека идентитетот на етнички групи не е предмет на преговори, бидејќи Обединетите Нации имаат работа само со суверени држави.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција, последен пат ги посети двете земји на крајот на јули 2014 година.

XS
SM
MD
LG