Достапни линкови

Бејли: Време е за градење единство меѓу партиите и заедниците


Амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли

Ова е време за градење на единство меѓу партиите и заедниците за да се постигне заедничката цел - безбедна, просперитетна и демократска Македонија, која се движи кон НАТО и ЕУ. Ова е време кога треба да комуницирате со вашите соседи, да ги надминете разликите и да ја зајакнете регионалната соработка - понекогаш и буквално преку градење мостови и друга инфраструктура, подвлече амбасадорот Бејли. Ова го истакна американскиот амбасадор Џес Бејли во синоќешното обраќање на свечениот прием во американската амбасада, кој традиционално се организира по повод 4 Јули - Денот на независноста на САД. Во присуство на претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, на премиерот Зоран Заев, министри во Владата, пратеници, градоначалници, претставници на граѓанското општество, на дипломатскиот кор и други гости, тој го подвлече метафоричкото значење на мостовите како тема која е многу соодветна за овој момент за Македонија. „Мора да продолжиме да работиме заедно да ги зајакнеме врските меѓу нашите земји без разлика дали преку проширување на бизнисот и инвестициите, преку нашите заеднички воени вежби, како што е вежбата „Сајбер гардијан“ која ќе се одржи наредниот месец или преку размена на нашите студенти и граѓани. Преку партнерствата тука работиме заедно да градиме посилна иднина за Македонија, иднина во која граѓаните ќе ги уживаат сите бенефиции на демократијата и членството во евроатлантската заедница“, порача Бејли.

XS
SM
MD
LG