Достапни линкови

Кумуцакос: Нема промена на политиката од Букурешт додека не се најде решение за името


Средба на министерот Никола Димитров со Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика на Нова демократија

Најголемата грчка опозициска партија Нова демократија на министерот Никола Димитров му го повтори истиот став како и грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас- прво наоѓање решение за името, па зелено светло за прием во НАТО. Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика во Нова демократија, на вчерашната средба со министерот за надворешни работи Димитров во Атина потенцираше дека нема да има промена на одлуката од Букурешт додека не се најде заеднички прифатливо решение за името.

„Ние веруваме во потребата за заеднички прифатливо решение за името. Веруваме дека тоа може да се случи и тоа за брзо време, ако постои вистинска позитивна политичка волја. Токму бидејќи веруваме во потребата за заеднички прифатливо решение сметаме дека политиката од Букурешт, изразена преку едногласната одлука од НАТО, останува силна“,посочи Кумуцакос по средбата со Димитров.

Сепак, забележа дека е позитивно што новата влада испраќа порака на умереност, што е поконструктивно и попродуктивно од она на кое се научени од претходната влада. Овој став според Кумуцакос е добар за билатералните односи и генералната клима меѓу двете држави.

Димитров и Кумуцакос разговараа за билатералните односи, можностите за нивен развој и општо за ситуацијата во регионот.

XS
SM
MD
LG