Достапни линкови

Заев утре во Брисел на разговори со Столтенберг, Могерини и Хан


Премиерот Зоран Заев.

Премиерот Зоран Заев ќе отпатува во прва официјална посета во Брисел по неговото стапување на функцијата. Заев во Брисел утре ќе има средби со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенеберг, со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

Тој ќе биде придружуван од министерката за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Средбата на Заев со Столтенберг е предвидена утре околу пладне во седиштето на НАТО, по што планирана е заедничка прес-конференција. Се очекува да се разговара за можностите за деблокирање на членството на Македонија во НАТО. Премиерот Заев неодамна изјави дека се надева оти Македонија многу брзо може да стане членка на НАТО под привремената референца, а паралелно да продолжат разговорите со Грција за спорот за името и надградување на мерките за доверба меѓу Скопје и Атина.

На средбите, пак, со Могерини и Хан, како што истакна Заев во неколку негови претходни изјави, ќе се разговара за реформите што треба да ги спроведе новата македонска Влада и за отстранувањето на условената препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, најави дека Могерини и Хан на средбата со Заев ќе ја повторат својата подготвеност за поддршка на новата Влада, како и на опозицијата, во нивните напори конструктивно да се испорача нивната заедничка цел за реформи поврзани со ЕУ.

Се очекува да стане збор и за доаѓањето во Скопје на пензионираниот експерт за владеење на правото на Европската комисија, Рајнхард Прибе, кој заедно со група на експерти на Комисијата ќе треба да и помагаат на новата Влада на Република Македонија во напорите за реформи.

XS
SM
MD
LG