Достапни линкови

Јункер - САД веќе не се заинтересирани за гарантирање на безбедноста на Европа


Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека САД „веќе не се заинтересирани за гарантирање на безбедноста на Европа“ и оти ЕУ мора да врши притисок за поголема соработка во одбраната и безбедноста меѓу своите членки. Зборувајќи на конференцијата за одбрана и безбедност во Прага, Јункер денеска рече дека европската одбрана од НАТО „веќе не може да се користи како уверливо алиби против поголеми европски напори“.

Јункер исто така рече дека Европа „нема друг избор“, освен да ги брани своите интереси на Блискиот Исток, во климатските промени и во трговските договори.

Забелешките на Јункер следуваат по постојаните критики од американскиот претседател Доналд Трамп за некои европски членки на НАТО дека не трошат доволно за одбрана и по повлекувањето на САД од Парискиот климатски договор од 2015 година.

Говорот на Трамп на крајот на мај во седиштето на НАТО во Брисел предизвика загриженост меѓу членките поради тоа што тој не го нагласи конкретно членот 5 од северноатлантската повелба, кој го претставува клучниот принцип на НАТО дека нападот врз една членка е напад врз сите.

Заменик генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер го поздрави повикот на Јункер за поголема соработка во одбраната меѓу членките на ЕУ, велејќи дека „посилна европска одбрана значи посилно НАТО, а посилно НАТО значи посилна европска одбрана“.

XS
SM
MD
LG