Достапни линкови

Премиерот Заев ги прими ракометарите на Вардар


Скопје-премиерот Зоран Заев ги прими ракометарите на Вардар кои освоија прво место во Лигата на шампиони,07.06.2017

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со ракометарите на Вардар кои го освоија првото место во Лигата на шампиони, со раководството на клубот, како и со претседателот и претставници на Ракометната федерација на Македонија. Заев од името на Владата, како што соопшти владината прес-служба, им врачи Плакета за благодарност на ракометарите на Вардар.

Тој најави можности за практично инвестирање во спортот, преку ваучери што ќе ги издава Министерството за финансии на спортските клубови, законска поддршка на спортот како професија, со што ќе се овозможи пензиско и здравствено осигурување на спортистите и посветеност на новата Влада да го обезбеди заслуженото достоинство на спортот во Македонија. На средбата, како што е наведено во соопштението, биле отворени некои проблеми со кои се соочуваат спортските клубови, во делот на финансирањето и условите за работа, а станало збор и за начините на нивно решавање.

На средбата покрај ракометарите присуствуваа и сопственикот на ракометниот клуб Вардар, Сергеј Самсоненко, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов кои на премиерот му подарија еден од шампионските златни медали добиени од Лигата на шампиони и дрес на Вардар на којшто е испишано неговото име.

XS
SM
MD
LG