Достапни линкови

Скопски Вардар – европски шампион


Ракометен клуб Вардар, европски шампион

Ракометарите на Вардар вечерва ја освоија Лигата на шампионите. Со гол на Иван Чупиќ во последната секунда од мечот, црвено-црните во финалето во Келн со 24-23 го совладаа Парис Сен Жермен.

Вардарци слично, со гол на Лука Циндриќ во последните секунди од мечот, вчера во полуфиналето ја совладаа шпанска Барцелона со 26-25.

Вардаровиот голман Арпад Штербик беше прогласен за најкорисен играч на завршниот турнир.

Тимур Дибиров со 7 голови беше најефикасен кај вардарци, Циндриќ и Вуко Борозан постигнаа по 3, исто толку даде и Чупиќ меѓу кои и победничкиот со звукот на сирената.

Кај ПСЖ најефикасен беше Никола Карабатиќ со 5 погодоци.

Во меч за третото место Веспрем ја победи Барселона со 34:30.

Ова е прва европска титула за Вардар и воопшто за македонски машки ракометен тим. Пред точно 15 години, во 2002 година, ракометарките на Кометал Ѓорче Петров станаа европски шампиони во женска конкуренција.

XS
SM
MD
LG