Достапни линкови

Советник на Јилдирим уапсен под обвинение за поврзаност со Ѓулен


Турскиот премиер Бинали Јилдирим

Еден од главните советници на турскиот премиер Бинали Јилдирим, Бирол Ердем е уапсен денеска под обвинение за поврзаност со движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого властите во Анкара го обвинуваат дека е организатор на ланскиот неуспешен обид за воен удар во Турција.

Како што јавија турските медиуми, Ердем е уапсен заедно со неговата сопруга Ѓулимсер, по налог на Јавното обвинителство од Анкара.

Ердем е досега највисок турски функционер уапсен во рамки на акциите против приврзаниците на Ѓулен, што започнаа по неуспешниот обид за воен удар од 15 јули минатата година.

Според весникот „Сабах“, Ердем, кој од 2011 до 2014 година беше и турски заменик министер за правда, е осомничен дека им овозможувал побрзо напредување во кариерата на судии блиски до движењето на Ѓулен.

Од јули минатата година па досега, во Турција се уапсени околу 50 илјади државни службеници, воени лица, наставници и судии, а уште над 100 илјади други се отпуштени или времено суспендирани од работа, под сомнеж за поврзаност или членство во движењето на Ѓулен.

XS
SM
MD
LG