Достапни линкови

Протести против апсење активист во Мароко


Протести против апсењето на активистот Насер Зефзафи во градот Ал-Хокеима на северот на Мароко на 29 мај

Неколку илјади луѓе синоќа протестираа во градот Ал-Хокеима на северот на Мароко, барајќи ослободување на активистот Насер Зефзафи, кој беше уапсен поради предводење на неколкумесечните демонстрации против владините злоупотреби и корупцијата. Тензиите во градот се зголемени по апсењето на активистот на почетокот на неделава. Тој, меѓу другото, е обвинет за загрозување на националната безбедност.

Протестите во Ал-Хокеима тлеат од октомври минатата година кога 31-годишен рибар беше згмечен во камион за ѓубре додека се обидувал да си ја спаси рибата конфискувана од полицијата. Зефзафи, кој застана на чело на протестното „Народно движење“ беше уапсен на 29 мај.

Од тогаш се организираа неколку протести во градот на кои излегуваат илјадници луѓе.

Демонстрантите велат дека бројното полициско присуство спречило на протестот да присуствуваат повеќе луѓе. Неколку часа претходно, во близина на Имзурен, полицијата со водени топови ги растера демонстрантите кои се судрија со безбедносните сили.

Демонстрациите се насочени кон владејачкиот кралски естаблишмент, но, како и во 2011 година, не се против кралот. Мароко ја има една од најдолготрајните владејачки кралски династии меѓу муслиманските земји.

XS
SM
MD
LG