Достапни линкови

Напаѓачот на Тодоров го искористил правото на молчење


Архивска фотографија- Увид пред Министерството за здравство каде што беше нападнат Никола Тодоров,01.06.2017

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје против лицето Љ.С.(60) од с.Каласлари-Велес, поради основи на сомнение дека вчера пред Министерството за здравство, со употреба на огнено оружје-пиштол, врз оштетениот Н.Т. (38) од Скопје, поранешен министер за здравство, го сторил кривичното дело „убиство во обид“, соопшти МВР.

Во описот на настанот од полицијата наведуваат дека вчера околу 12:00 часот додека Н.Т., заедно со неговото обезбедување, се движел по скалите кон влезот на Министерството за здравство, каде требало да се изврши примопредавање на функцијата министер за здравство, Љ.С. се доближил до оштетениот со вперен пиштол кон него на растојание од околу 40 см, на што оштетениот реагирал на тој начин што го отурнал од себе.

„Во моментот кога Љ.С. бил отурнат од оштетениот, испукал еден проектил од пиштолот додека Н.Т. избегал низ влезната врата од Министерството за здравство каде ги известил вработените од обезбедувањето. Од страна на вработените од обезбедувањето веднаш се преземени мерки и активности, при што во обидите да биде совладан, Љ.С. испукал уште еден проектил, по што пиштолот му паднал на земја и бил совладан“, пишува во соопштението.

По ова за кусо време пристигнале и полициски службеници од единицата Алфа по што Љ.С. бил лишен од слобода и со возило на Итната медицинска помош во присуство на лекар бил пренесен до Ургентен клинички Центар, информираат од МВР.

Во полициското соопштение се наведува и дека извршен е и разговор со таткото на оштетениот Тодоров, при што тој изјавил дека вчера меѓу 8:15 и 8:45 часот, на домашната адреса на поранешниот министер во два наврати дошол пријавениот барајќи да се види со него.

„На местото на настанот од страна на СВР Скопје-ЕУМНА е извршен увид и подигнатиот материјал - еден пиштол и други предмети, е доставен за понатамошна обработка, а пријавениот по укажаната лекарска помош е задржан во полициска станица. Во дадената изјава пред полициските службеници од Единицата за насилен криминал, Љ.С., во присуство на адвокат го искористил правото на молчење“ пишува во соопштението од МВР.


XS
SM
MD
LG