Достапни линкови

Екстерното и локалните избори во скратена постапка во Собранието


Собранието денеска избра претседатели и членови на собраниските комисии. На денешната седница во скратена постапка беа предложени измени на Изборниот законик, со кој локалните избори се предвидува да се одржат во првата половина на октомври годинава, како и законските измени за укинување на екстерното тестирање во основите и средните училишта.

Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик се поднесува за да се надминат сосотојбите кои настанаа поради неодржувањето на локалните избори во мај годинава.

Предлозите пак за Законите за образование се предлагаат за да се укине екстерното тестирање.

Предложените законски измени откако беа ставени на дневен ред по скратена постапка, треба да бидат разгледани на соодветните собрански комисии. Расправата по нив на пленарна седница на Собранието ќе продолжи откако ќе завршат комисиските расправи.

На денешната седница им беа верификувани пратеничките мандати на Невенка Стаменковска, Никица Корубин, Мирослав Јовановиќ, Славица Шуманска Митева, Сашко Атанасов, Лилјана Поповска и Бети Рабаџиевска Наумовска.

Пратеникот Влатко Ѓорчев забележа и на фактот што Собранието продолжило со работа и покрај тоа што, пред неколку часа имало обид за убиство на Никола Тодоров, довчерашен пратеник, министер за здравство и вицепремиер.

Поради овој случај, информира Ѓорчев, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска нема да учествуваат во работата на Собранието.

Џафери појасни дека поради тоа што во овој случај нема последици по животот на Тодоров, мнозиството сметало дека е во ред да се продолжи со работа. Собранието, рече, и во потешки и посложени ситуации функционирало и понатаму треба така да функционира.

XS
SM
MD
LG