Достапни линкови

Македонија доби нова влада


Седница на Собранието за избор на Влада. Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Хазби Лика.

Собранието на Македонија синоќа ја избра коалициската влада што лидерот на СДСМ Зоран Заев ја формираше со ДУИ и со Алијансата за албанците. Заев е осмиот премиер кој ќе ја предводи 16 влада на Македонија по нејзиното осамостојување. За изборот на владата гласаа 62 пратеника, против беа 44, додека петмина претници гласаа воздржано. Владата која, покрај премиерот има 25 министри, положи заклетва пред претседателот на Собранието Талат Џафери. Најмногу министри 17 има СДСМ, која на некои ресори постави непартиски луѓе, ДУИ има шест, а Алијансата на Албанците два ресора. „Јас и членовите на мојот кабинет имаме намера да поврзуваме, а не да делиме“, рече Заев кој најави реформи и економски резултати. Во поглед на името на државата тој изјави дека владата ќе разговара за тоа и со опозицијата, а одлуката ќе мора да биде потврдена на референдум. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски во парламентот изјави дека новата влада била формирана непринципелно и оти неговата партија ќе биде силна опозиција.

Радмила Шекеринска-Јанковска е избрана за министер за одбрана, Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски за министер за финансии, Никола Димитров за министер за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска за министер за образование и наука, Горан Сугаревски за министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Мила Царовска за министер за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски за министер за информатичко општество и администрација, Садула Дураку за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија, Билен Саљији за министер за правда, за министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, за министер за здравство Арбен Таравари и Роберт Алаѓозовски за министер за култура. Кочо Анѓушев е избран за министер без ресор, кој како што е најавено ќе биде вицепремиер за економски прашања. Бујар Османи исто така е избран за министер без ресор но ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, како и Хазби Лика, кој според најавите ќе биде вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците. За министри без ресор се избрани и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

XS
SM
MD
LG