Вести
САД: Иванов да овозможи формирање нова влада во Македонија

САД ги повикува сите страни во Македонија да бидат подготвени за компромис и да се формира нова постизборна Влада. Ова денеска од Загреб го порачазаменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји. Тој пораката ја испрати до претседателот на Македонија.
„ Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците кои изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формира влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија“ – изјави Ји.
Ваквата порака доаѓа денеска, откако претходно претседателот Ѓорге Иванов испрати писмо до меѓународната заедница во кое им објаснува на светските лидери зошто не го дава мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во писмото тој, како што пишува во соопштението од неговиот кабинет, се обидува да ги запознае светските лидери со актуелната состојба во земјата во пресрет на состанокот на Европскиот совет, на кој една од темите ќе биде и состојбата во Македонија.
Во однос на регионот, Хојт Брајан Ји во Загребистакна дека од клучно значење е да се продолжи со реформите и да се достигнат европските стандарди, за земјите од регионот да продолжат на евроатлантскиот пат.
види ги сите денешни вести
Врховниот лидер на Иран се сретна со лидерите на Хамас

Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, денеска (8 февруари) во Техеран се состана со вршителот на должноста шеф на Хамас, Калил ал-Хаја и двајца други водачи на групата, која е прогласена за терористичка организација од САД и Европската унија, објавија иранските државни медиуми, пренесе Ројтерс.
Во извештаите нема детали за состанокот, освен што се објавени фотографии од средбата на Хамнеи со Ал-Хаја, Мухамед Дарвиш, шеф на раководниот совет на Хамас и високиот функционер на Хамас, Низар Авадалах.
Иран го поддржува Хамас во неговата војна со Израел и ја гледа палестинската група како клучен сојузник во нејзината поширока стратегија за спротивставување на израелското и западното влијание на Блискиот Исток.
Состанокот се одржа истиот ден кога Хамас ослободи уште тројца израелски заложници заробени во нападот врз Израел во октомври 2023 година.
Ели Шараби (52), Охад Бен-Ами (56) и Ор Леви (34) најпрво беа предадени на Црвениот крст, а потоа и на израелската армија. Заложниците биле држени во заробеништво 491 ден.
Пред да бидат предадени на Црвениот крст, заложниците, бледи и исцрпени, беа изведени на сцената пред толпата луѓе во Газа, потег што Израел го осуди.
„Шокантните снимки што ги видовме денеска нема да останат без одговор“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во замена за ослободените заложници, Израел ослободи 183 палестински затвореници, од кои 18 беа осудени на доживотен затвор.
Прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците, договорен на 15 јануари по повеќемесечни преговори, е првиот чекор во повеќефазниот процес чија цел е да се стави крај на 15-месечниот конфликт во Газа.
Конфликтот избувна кога Хамас поддржан од Иран го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник во Газа.
Израел возврати со покренување разорна војна во палестинската енклава во која загинаа повеќе од 46.000 луѓе, според здравствените власти во Газа.
Либан доби нова влада и најави реформи

Либан формираше нова влада денеска (8 февруари), по невообичаено директната интервенција на САД во процесот и во чекорот што требаше да ја приближи земјата до пристап до фондовите за обнова по разорната војна меѓу Израел и Хезболах.
Говорејќи пред новинарите во претседателската палата денеска, новиот премиер, Наваф Салам, рече дека 24-члената влада ќе им даде приоритет на финансиските реформи, реконструкцијата и спроведувањето на резолуцијата на Обединетите нации која се смета за камен-темелник на стабилноста на границата на Либан со Израел, пренесува Ројтерс.
Објавата уследи по повеќе од три недели разговори со ривалските политички партии во Либан - каде владините места се поделени според верската припадност - и застојот околу министрите кои се шиитски муслимани, кои обично се назначуваат од Хезболах поддржан од Иран и од нејзиниот шиитски сојузник, партијата Амал.
Но, Вашингтон се спротивстави на влијанието на Хезболах во секоја нова влада.
Заменик американскиот претставник за Блискиот Исток, Морган Ортагус, во петокот (7 февруари) рече дека САД ја сметаат вмешаноста на Хезболах во новата влада за „црвена линија“ и му се заблагодари на Израел што и нанесе катастрофални удари на групата, во контроверзната изјава што предизвика протести во Либан.
Но, на крајот, на сојузникот на Хезболах, партијата Амал, предводена од претседателот на парламентот Набих Бери, и беше дозволено да избере четворица членови на новата влада, вклучувајќи го и министерот за финансии Јасин Џабер, и да даде одобрение на петтиот.
Кабинетот сега има задача да подготви изјава за политиката - општ нацрт на пристапот и приоритетите на идната влада, и потоа ќе треба гласање за доверба од либанскиот парламент за да добие целосна власт.
Либанскиот претседател Џозеф Аун, кој уживаше поддршка од САД како командант на армијата, беше избран за претседател на 9 јануари и го номинираше Салам да формира нова влада неколку дена подоцна. Салам беше шеф на Меѓународниот суд на правдата.
Номинацијата на Салам беше последниот сигнал за драматичното менување на рамнотежата на силите во Либан, по тешките удари на Хезболах од страна на Израел, соборувањето на сирискиот сојузник на Хезболах, Башар ал Асад, во декември и минатомесечниот избор на претседателот Аун.
Другарките на Фросина: „Ние сме глас на болката, бесот и стравот“

Нов протест на кој се бара правда за 22-годишната Фросина Кулакова, која беше прегазена на булеварот Партизански одреди во Скопје, се одржа денеска (8 февруари), во нејзиното родно Неготино.
Росица Кулакова, сестра на Фросина се заблагодари на сите кои покажале дека се против неказнивоста на ваквите дела и, како што рече, корумпираноста во судството.
Порача дека коренот на сите проблеми во општеството доаѓа од судскиот систем кој „има неприкосновена обврска да покаже и докаже дека злоделата мора да бидат соодветно казнети, бидејки законодавецот предвидел многу повисоки казни од оние што судот во пракса ги досудува“.
„Доколку судијката му го продолжила притворот се до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација тој само ќе беше спроведен во затвор - мојата сестра Фросина денес ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска Стојановска“, рече Росица зборувајќи за информациите дека возачот кој ја прегазил нејзината сестра им бил познат на органите на прогонот од претходно.
За прегазувањето осомничен е 20-годишниот скопјанец Васил Јованов, кој според Обвинителството, никогаш не поседувал возачка дозвола, а во моментот на трагичниот настан бил во алкохолизирана состојба. Според официјалните информации тој поминал на црвено, со брзина над дозволената, на пешачки премин.
Во името на другарките на Фросина, на протестот се обрати Катерина Недева, која посочи дека ова е израз на нивната болка и бес за загубата на еден млад живот против насилството во сообраќајот.
„Ова мора да престане! Изнајдете начин вие што ја имате моќта на одлучувањето во свои раце - во законските рамки, во воспитната превенција, во правичното и неселективно судство. Секој чекор од овој протесен марш е порака до вас. Почнете! “, нагласи Недева.
Ние не сме овде, порача таа, за да бидеме бројка, туку само обични ранливи луѓе кои лесно можат да станат жртва на некој алкохолизиран возач без возачка дозвола.
„Ние не сме статисти! Ние сме глас на болката, глас на бесот, глас на стравот, глас на општеството со црвена дамка. Погледнете во нас и разберете го родителот кој е клекнат на колена. Погледнете во нас и видете го маршот на вознемирените луѓе кои знаат дека нивниот страв е почеток на храброста да се борат против смртоносните траги на асфалтот. Должината на овој марш се мери со големината на нашата заедничка одговорност, затоа судете праведно, казнувајте строго, воспитувајте посветено“, апелираше Недева.
На протестот, барајќи правда, дојдоа и блиски на претходно загинатите Михаела Стеваноска, Слободан Ангеловски, Ивица Цековски, Мите Танов и други, посакувајќи ова низ што тие минуваат, никому да не му се случи. Но, побараа и ревизија на сите сомнителни судски случаи.
Во Србија нема да има шарена револуција, порача Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека во Србија нема да има шарена револуција и дека промена на власта е можна само преку избори.
Тој во Кикинда за време на посетата на окрузите Северен Банат и Централен Банат во Војводина рече дека во изминатите денови и месеци „добил најголема поддршка од обичните луѓе“.
Во екот на протестите на кои се бара политичка и кривична одговорност за уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, Вучиќ тргна во обиколка на регионот на Србија каде им се обраќа на граѓаните.
Терминот „шарена револуција“ во неколку наврати беше употребен од страна на највисоките функционери во Србија, тврдејќи дека обидот за нешто такво е во тек и е по инструкции од западните земји.
„Шарена револуција“ всушност се однесува на соборувањето на авторитарните режими во поранешниот Советски Сојуз, како што е Украинската портокалова револуција од 2004/5 година.
Вучиќ оцени дека многумина се обидуваат да го отстранат не само него, туку и многу добри луѓе кои напорно работат.
„Сакате избори? Ќе ги добиете кога сакате. Сакате референдум? Ќе го добиете кога сакате. А со насилство ништо и никогаш нема да добиете. Тоа ви го гарантирам“, рече Вучиќ.
Протестите во Србија траат веќе три месеци. Студентите блокираат повеќе од 60 факултети во земјата, а нивните барања ги поддржаа и просветните работници, како и правници, земјоделци, актери и други граѓани.
Верски лидери и странски претставници на последно збогување со Ага Кан

Ожалостените, меѓу кои и канадскиот премиер Џастин Трудо, се собраа во Лисабон, денеска (8 февруари) за да му оддадат почит на Ага Кан IV, духовниот водач на шиитските муслимани Исмаили, кој почина во португалската престолнина на 88-годишна возраст претходно оваа недела, јави агенцијата Ројтерс.
Водачи на таа верска заедница, португалски официјални претставници и странски претставници му оддадоа почит на богатиот филантроп познат по спојувањетто на верските прашања со своите деловни интереси.
По објавувањето на смртта на Ага Кан на 5 февруари, Трудо истакна дека е тој е „драг“ семеен пријател и го пофали како „пријател на сите Канаѓани и на сите кои сонуваат за помирен свет“.
По комеморацијата во Лисабон, лидерот на мултиетничката заедница раштркана низ неколку земји во Африка, Азија, Европа и Северна Америка, ќе биде погребан на приватна церемонија во Асван, Египет, на 9 февруари.
Неговиот син, принцот Рахим Ал-Хусаини Ага Кан V е назначен за негов наследник, пренесе агенцијата АП на 5 февруари.
Во светот има најмалку 2,5 милиони Исмаили, а некои проценки одат и до 15 милиони. Најголемата заедница на Исмаили се наоѓа во регионот Горно-Бадакшан во Таџикистан.
Роден како принцот Карим ал-Хусаин Шах во Женева на 13 декември 1936 година, Ага Кан го наследи својот дедо во 1957 година како 49-ти имам на Исмаилите, на 21-годишна возраст.
Тој водеше меѓународни развојни проекти од кои корист имаа Исмаилите и многу други во некои од најсиромашните региони на Азија и Африка под покровителство на неговата развојна мрежа Ага Кан (АКДН), која инвестираше во многу области, вклучувајќи образование, здравство, рурален развој и микрофинансирање, како и културни иницијативи.
Проектите, спроведени во партнерство со владите, организациите и заедниците, обезбедија можности за вработување, како и подобро образование и здравствена заштита за сиромашните.
Во интервјуа и говори за медиумите, Ага Кан велеше дека една од „трајните цели“ на неговите проекти е да се обиде да го подобри квалитетот на животот на луѓето и да придонесе за елиминирање на сиромаштијата.
Муслиманскиот водач, кој се обиде да претстави умерен ислам и да промовира верска толеранција, рече дека помагањето на сиромашните преку обезбедување економски можности ќе помогне да се спречи екстремизмот.
МВР: 570 возачи казнети за 24 часа во Скопје

Министерството за внатрешни работи (МВР) санкционирало 570 возачи при акциска контрола на територијата на СВР - Скопје во текот на вчерашниот ден.
Од нив, појаснуваат од МВР, 150 се за возење со брзина поголема од дозволената, 22 за управување возила без возачка дозвола, четворица возачи управувале возило со активна мерка - забрана за управување моторно возило, еден возач управувал возило под дејство на алкохол и еден управувал возило со измината важност на регистрација.
„Останатите мерки се однесуваат на останатите прекршоци, од кои најголем број се за погрешно или недозволено паркирање. Сообраќајните контроли по планот продолжуваат и во наредните денови“, додаваат од МВР и апелираат да се почитуваат прописите за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
Инаку, вчера (7 февруари) во Собранието се одржа јавна расправа за подобрување на законската регулатива за поголема безбедност во сообраќајот.
„Со оглед на забележаното зголемување на несреќите, сметаме дека е неопходно итно да се разгледаат нови стратегии и решенија кои ќе вклучат: зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните. Ова ќе ни помогне да утврдиме дали во пракса казните се адекватни, дали преовладува тенденција на изрекување на поблаги санкции“, рече министерот за правда Игор Филков за време на јавната расправа во Собранието.
Комисијата за политички систем организираше јавна расправа по сообраќајната несреќа во која загина 22- годишната Фросина Кулакова.
Таа на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Ја прегази дваесетгодишник кој возел со голема брзина, на пешачки премин и под дејство на алкохол, поминувајќи со возилото додека било вклучено црвеното светло на семафорот.
УЈП за ефектот на бојкотот врз прометот на маркетите

Втор петок по ред, граѓаните се организираа да ги бојкотираат маркетите поради високите цени на прехранбените производи.
Во четвртокот, на 6 февруари до полноќ, во GPRS системот на Управата за јавни приходи (УЈП) е регистриран вкупен промет во износ од 232.791.773 денари, а издадени се 417.866 фискални сметки, додека во петокот, на 7 февруари до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 181.288.348 денари а издадени се 346.317 фискални сметки.
Минатиот (31 јануари) и овој петок (7 февруари), кај осумте поголеми ланци на маркети во земјава, како што соопштуваат од УЈП, е забележан пад на вкупниот промет за 22,12%.
„Во петок, 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП беше регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари. Во петок 07.02.2025 година остварен е за 36,95% поголем промет во однос на претходниот петок 31.01.2025 година. При споредбата на регистрираниот промет на крајот на месецот односно деновите 31.01 и петок 07.02.2025 година треба да се имаат предвид различните фактори кои можат да влијаат на потрошувачките навики. Еден од тие фактори е тоа што голем дел од граѓаните примаат плата и пензии на почеток од месецот, што создава и промени во нивното потрошувачко однесување, посочуваат од Управата за јавни приходи.
Според министерот за економија Бесар Дурмиши, легитимно е да има бојкот на маркетите, бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните.
„Го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме“, рече на 6 февруари, министерот Дурмиши.
Од Сојузот на стопански комори (ССК), пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите.
Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто.
Косовската дијаспора гласа на парламентарни избори

Косовските граѓани кои живеат во дијаспората почнаа да гласаат во дипломатските претставништва денека (8 февруари), на парламентарните избори што ќе се одржат во земјата на 9 февруари.
Гласањето започна во 07:00 часот во косовските амбасади и конзулати во европските земји, додека во САД и Канада ќе започне во 13:00 часот по локално време на Косово.
Денешното гласање се одржува на 43 избирачки места во 16 амбасади и 14 конзулати на Косово, лоцирани во 19 различни земји во светот.
Ова е првпат припадниците на дијаспората физички да гласаат во дипломатските претставништва на Косово.
Портпаролот на Централната изборна комисија, Валмир Елези, на прес-конференција рече дека 20.324 гласачи се пријавиле да гласаат во дипломатските претставништва на Косово.
Над 2 милиони гласачи во и надвор од Косово имаат право да гласаат на парламентарните избори на 9 февруари.
Во меѓувреме, од 9 јануари до 8 февруари дијаспората можеше да гласа и по пошта. ЦИК претходно објави дека 104.934 гласачи се пријавиле за гласање надвор од Косово, а 84.525 од нив избрале да гласаат по пошта.
Во трката за новиот пратенички состав се 28 политички субјекти и еден независен кандидат.
Граѓаните можат да изберат партија и до десет кандидати за пратеници.
Од овие гласови ќе се избере нов состав на Собранието од 120 пратеници, а пратениците потоа ќе изберат нова Влада. Актуелната влада на Косово ја предводи Албин Курти, лидер на движењето Самоопределување.
Ова се први редовни избори што ги одржува Косово по прогласувањето независност во 2008 година. Досега се одржаа низа предвремени избори во Косово.
Хамас ослободи тројца заложници, а Израел 183 палестински затвореници

Хамас ослободи уште тројца израелски заложници денеска (8-ми февруари), во замена за 183 палестински затвореници, како дел од договорот за прекин на војната во Газа, постигнат на 15-ти јануари.
Откако израелските заложници беа предадени на Црвениот крст и пристигнаа во Израел, ослободените палестински затвореници пристигнаа во Рамала на Западниот Брег.
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас - кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, стави крај на разорната 15-месечна војна во Појасот Газа, со размена на заложници и 1.000 палестински затвореници и испорака на хуманитарна помош на опустошената палестинска територија.
Денешната размена е петта досега од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари, во кој до денес беа ослободени 18 израелски заложници и 383 палестински затвореници.
Денеска Хамас ги ослободи Охад Бен Ами (56) и Ели Шараби (52), заложници кои беа киднапирани од Кибуц Беери во нападот на Хамас врз Израел во 2023 година, и Ор Леви (34), заложник кој беше киднапиран од музичкиот фестивал Нова.
Тројцата ослободени заложници изгледаа изнемоштено додека милитантите на Хамас ги водеа на бината пред да ги предадат на Црвениот крст, по што стигна предупредување од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ќе следат „соодветни мерки“.
„Поради сериозната состојба на тројцата заложници и повторените прекршувања од страна на терористичката организација Хамас, премиерот Нетанјаху наложи да не се дозволи ситуацијата да остане нерешена и да се преземат соодветни мерки“, се вели во соопштението на неговиот кабинет.
Хамас претходно соопшти дека меѓу 183-те палестински затвореници што ќе ги ослободи Израел ќе има 18 лица кои отслужуваат доживотна казна, 54 лица со долги затворски казни и 111 лица кои биле заробени во Појасот Газа за време на војната.
Приближно 33 заложници и 1.900 затвореници се очекува да бидат ослободени до крајот на првата фаза од прекинот на огнот за три недели.
Израел соопшти дека осум заложници се мртви.
Хамас зароби 251 заложник и уби околу 1.200 луѓе кога го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна.
Најмалку 47.500 Палестинци се убиени во израелската офанзива, според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.
На 7 февруари, Хамас го обвини Израел дека го одложил влезот на стотици камиони со храна и други хуманитарни материјали договорени како дел од примирјето.
Шефот на медиумската канцеларија на Хамас во Газа, Салама Ма'руф, на прес-конференција во градот Газа рече дека „хуманитарната ситуација останува катастрофална поради израелската опструкција“, според извештаите на медиумите.
Тој рече дека само 8.500 од очекуваните 12.000 камиони со помош влегле во Газа откако стапи на сила прекинот на огнот.
Тоа тврдење е во спротивност со она на хуманитарниот координатор на ОН, Том Флечер, кој на 6 февруари рече дека 10.000 камиони со храна, лекови и шатори влегле во Газа од почетокот на прекинот на огнот, што тој го нарече „голем пораст“.
Масовни протести во Словачка против проруската политика на Фицо

Со протести ширум Словачка во петокот (7 февруари), граѓаните изразија загриженост дека премиерот Роберт Фицо ја врти земјата-членка на ЕУ кон Русија и го повикаа да поднесе оставка.
Десетици илјади луѓе се собраа на Плоштадот на слободата во Братислава по втор пат за две недели, извикувајќи „Оставка, оставка“, „Руски агент“ и „Словачка е Европа“.
Демонстрации се одржаа на 41 локација во Словачка, во споредба со 28-те пред две недели, и во 13 градови во странство, јавува агенцијата АП, повикувајќи се на организаторите.
Медиумскиот портал Деник проценува дека на Плоштадот Слобода се собрале до 45.000 луѓе.
Ова се најголемите демонстрации од 2018 година, кога убиството на истражувачки новинар и неговата свршеница предизвика политички немири кои кулминираа со колапс на претходната влада на Фицо.
Тој се врати на власт во 2023 година, започнувајќи го четвртиот премиерски мандат, но брзо предизвика загриженост кај критичарите дека ја поткопува демократијата и ја приближува земјата до Русија, која води војна против Украина.
Во декември тој се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
Фицо, кој преживеа обид за атентат минатиот мај, ја прекина воената помош за Украина, гласно се спротивстави на идното членство на Украина во НАТО и се изјасни против санкциите на ЕУ кон Русија.
Тензиите се зголемија по неговите тврдења дека противниците се подготвуваат да ги претворат протестите во обиди за соборување на неговата влада.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете