Достапни линкови

Сорос и Шарената револуција и на вевчанскиот карневал


Архивска фотографија-Карневал во Вевчани

Сорос во Македонија, Шарена револуција, федерализација и кантонизација на државата... се само дел од највпечатливите маски на овогодинашниот Вевчански карневал. Покрај традиционалните зет, невеста, ѓаволите и глупавите Августи, низ вевчанските улици се продаваа и дипломи од Косово за 5.000 евра, а внимание привлекоа и фантомските тутунарки. Не изостанаа ниту маските од секојдневието, омилените цртани ликови, како и други со страшни и смешни содржини.

Карневалот за отворен го прогласи заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, кој нагласи дека манифестацијата секоја година на Василица ги обединува Вевчанци и бројните посетители од целиот свет. Многубројните гости во Вевчани повторно ја доживеаја 15 вековната магија, во која вевчанци ги отсликуваат своите видувања на настаните што ја одбележаа реалноста во земјава и светот. Тие уживаа во шегите, довикувањата, ведриот дух и позитивната енергија на василичарите. Карактериситчно за манифестацијата е што никој никому не се лути, бидејќи ова се денови на мајтап во Вевчани.

Според традицијата, Василичарите утре околу пладне доаѓаат во центарот на Вевчани каде што ги играат василичарските ора. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, со што се верува дека се ослободуваат од злото и годината ќе им биде среќна и бериќетна.

XS
SM
MD
LG