Достапни линкови

Руските бродови сепак нема да впловат во шпанско пристаниште


Рускиот носачот на авиони „Адмирал Кузњецов“ во Ла Манш на 21 октомври 2016

Русија го повлече барањето за снабдување на нејзината поморска флота во шпанското пристаниште Сеута во Средоземното Море. Шпанската влада ова го соопшти денеска, откако се најде под жесток притисок од НАТО и некои источноевропски земји поради нејзината одлука да им дозволи на сите бродови да може да впловат во нејзиното пристаниште Сеута во Африка. Руската амбасада во Мадрид потврди дека барањето е повлечено, јави руската новинска агенција Интерфакс.

Русија испрати флотила од осум бродови, предводени од носачот на авиони „Адмирал Кузњецов“, во источниот Медитеран да учествуваат во воените акции за поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Сеута се наоѓа на африканскиот брег на теснецот Гибралтар и е под шпанска контрола. Руски воени бродови впловиле во ова пристаниште најмалку 60 пати од 2011 година.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека флотилата може да одигра улога за „влошување на хуманитарната катастрофа која веќе се случува во Алепо и во Сирија“. Британскиот секретар за одбрана Мајкл Фалон, зборувајќи во Брисел, рече дека неговата влада е „крајно загрижена од тоа што некоја членка на НАТО може да размислува да и помогне на група предводена од руски носач на авиони која може да заврши бомбардирајќи сириски цивили“.

Русија тврди дека се бори против терористички групи во Сирија и дека не бомбардира цивили.

XS
SM
MD
LG