Достапни линкови

УБК ќе ги пази системите за прислушување, а не СЈО


Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство. Обвинителките Катица Јанева, Ленче Ристевска и Фатиме Фетаи.

Барањето на Специјалното јавно обвинителство до директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање за синоќешното дежурство на истражител се до доаѓањето на експертот од Ериксон за спроведување на судската наредба, било одбиено затоа што УБК сметале дека нема потреба од такво нешто. Во соопштението на СЈО е наведено дека во дописот кој денеска го добиле од УБК било посочено дека за опремата гарант е УБК.

„Со овој допис бевме известени дека Управата како институција овозможува гаранција дека опремата и системите кои се предмет на наредбата во целост се обезбедени согласно прописите за класифицирани информации и дека барањето не е прифатено и поради почитување на принципите на тајност на функционирање на Управата, вклучувајќи ја и конспиративноста на идентитетот на припадниците на Управата. Предвид наведеното одговорноста за обезбедување на опремата и системите, до пристигнувањето на надворешниот експерт, во целост е на товар на Управата за безбедност и контраразузнавање, “ е наведено во соопштението на СЈО каде се цитира дописот од УБК.

Во продолжение обвинителите од СЈО објаснуваат дека преостанатите компјутерските податоци кои треба да се одземат ќе овозможат утврдување дали се вршени манипулации со системите или се бришени одредени податоци.

„Воедно ги имаме предвид и гаранциите на Министерот за внатрешни работи, кој во текот на вчерашната вечер, а и за периодот што следува, се до доаѓањето на надворешниот експерт, презеде дополнителни мерки за обезбедување на кругот на Министерството за внатрешни работи, каде е лоцирана и Управата за безбедност и контраразузнавање“ се вели во соопштението.

Во текот на минатата ноќ, истражител на СЈО беше отстранет од просториите на УБК, по што на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави асистенција и гаранција дека опремата ќе биде под надзор на полицијата.

XS
SM
MD
LG