Достапни линкови

Судски совет против СЈО – Може ли судии да бидат сослушувани


Прес-конференција претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски

Сослушување во својство на осомничени лица на пет судии на Управниот суд од страна на Специјалното јавно обвинителство за донесена одлука во извршувањето на нивната судска функција е противуставно, рече денеска на прес-конференција претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.

Тој вели дека Уставот предвидува дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување во при донесувањето на судските одлуки.

Караџовски потенцира дека недоличното однесување на одредени чинители во македонското општество кон судската фела покажува нивно неразбирање на нејзината позиција како трета независна власт, а со самото тоа загрозување на независната положба на судиите.

На новинарско прашање зошто до сега Судскиот совет не давал ваква поддршка за други судии кои до сега се судени, а и дека има одземени имунитети има судски постапки и на активни судии и дали тоа не е притисок од Основното јавно обвинителство, Караџовски рече дека тоа не е притисок од ОЈО и дека ако некој сакал нешто да разбере од тоа што тој го кажал ќе го разберел.

На прашањето за притисоци од власта и политичките партии, Караџовски истакна дека тие притисоци ги чувствувале и сега и порано и дека не ги споделиле со јавноста затоа што не почуствувале потреба.

Портпаролката на СЈО, Ленче Ристоска, пак, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција рече дека против одредени судии е отворена истрага и се повикани да извршат увид во доказите и да дадат своја одбрана.

„Не би се согласила дека со нашето работење се врши притисок врз судството. Напротив, сметаме дека секоја индивидуа којашто работи во државна установа или во судството не е изземена од кривична одговорност доколку постои сомнение за таква одговорност. Укажувам дека за нас се сите невини сè додека со правосилна пресуда не се докаже спротивното, тоа важи и за судиите. Судиите се моментално под истрага“, рече таа, посочувајќи дека претходно и други судии биле под истрага, но Судскиот совет тогаш немал забелешки.

XS
SM
MD
LG