Достапни линкови

Вести

Помилувањето за изборен криминал спротивно на меѓународните стандарди

Претседателката на Транспаренси Интернешнел Македонија, Слаѓана Тасева

Транспаренси Интернешнел Македонија изразува загриженост поради одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за уставноста на законот кој му забранува на претседателот да помилува луѓе осудени за изборен криминал, како и да спречи нивно кривично гонење.

„Овој чин е во спротивност и со меѓународните стандарди, а посебно со препораките на ГРЕКО (Група на земји против корупцијата) да се обезбедат механизми за казнување на сторителите на кривични дела поврзани со корупција и изборни манипулации и да не дозволи простор сторителите да ги избегнат казните за она што го сториле“, се наведува во соопштението на Транспаренси Интернешнел Македонија.

Тие ги повикуваат институциите да ги имаат предвид добрите практики од регионот и Европа, каде овие кривични дела се изземени од законските рокови на застарување, а на претседателите на државите и владите им се оневозможува интервенција во водењето на постапките против лица за кои постојат сомневања за корупција.

види ги сите денешни вести

Грчката граница останува затворена и следните две недели

Илустрација - Грчкиот граничен премин Евзони

Грција ја продолжи забраната за влез на државјани на трети земји до 14 декември поради пандемијата на коронавирус, пренесе МИА. Одлуката на грчката влада да им забрани на граѓаните на трети земји, освен земјите од ЕУ и шенген-зоната, да влезат во Грција со цел да се намали ширењето на коронавирус е продолжена до 14 декември.

За туристите и странските државјани за кои нема забрана, влезот на грчка територија е овозможен само преку Бугарија, односно преку грчко-бугарскиот премин Промахонас-Кулата, со негативен тест на Ковид-19 не постар од 72 часа.

Другите гранични премини, како што се Какавија со Албанија, Евзони со Македонија и Кипија со Турција, остануваат отворени само за одредена категорија и исто така со негативен ПЦР-тест.

За 24 часа во Македонија 538 пријави за неносење заштитна маска

Илустрација

Во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 538 прекршоци, соопшти денеска МВР.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19. Носењето заштитна маска за лице е задолжително и на отворено на јавни места, а забрането е и групирање на повеќе од четири лица.

ВМРО - ДПМНЕ најави нови протести во 11 градови

Фотографија од протестот пред Владата по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС

Протестите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изразување на незадоволство од работата на Владата и по изнесените ставови на премиерот Зоран Заев во неодамнешното интервју за БГНЕС за македонско-бугарските односи, денеска попладне продолжуваат со нови собири во 11 града.

„Заедно со народот продолжуваме против продажбата на татковината. Народот се буди и нема назад. Срамот на Заев не е заеднички. Да не дозволиме да ја менува историјата, туку да пратиме порака тој да замине во историјата. Протест сега, за да не биде предоцна“, напиша лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Опозицијата и дел од јавноста остро протестираа против изјавите на премиерот Заев во интервјуто за БГНЕС во кое тој вели дека „Бугарија не е фашизам и дека имаме заедничка историја“.

Поради тоа, денеска, со почеток во 18 часот, се најавени протести во Струга, во Гостивар, во Кичево, во Македонски Брод, во Крушево, во Крива Паланка, во Кратово, во Свети Николе, во Неготино, во Струмица и во Гевгелија.

Бајден претстави нов тим за комуникации во Белата куќа, составен целосно од жени

Џен Псаки

Избраниот претседател на САД Џо Бајден, претстави нов тим за комуникации во Белата куќа, составен целосно од жени. „Горд сум што го презентирам првиот тим на високи службеници за комуникации во Белата куќа, чии членови се жени“, рече тој. Бајден ја номинираше Џен Псаки, поранешен портпарол на Стејт департментот во времето на поранешниот претседател Барак Обама, за секретар за медиуми во Белата куќа. Псаки на Твитер напиша дека ова е најразновидниот тим на Белата куќа во историјата, кој, како што истакна, го сочинуваат шест мајки. Кејт Бедингфилд, портпарол на кампањата на Бајден, е номинирана за директор за комуникации во Белата куќа.

Бајден се здобил со фрактура на стапалото додека си играл со куче

Симон Сандерс, висок советник во кампањата Бајден-Харис, е номинирана да служи како портпарол на потпретседателката Камала Харис, додека Елизабет Александар, поранешен главен портпарол и прес-секретар на Бајден во времето кога тој беше потпретседател, ќе биде директор за комуникации на првата дама. Карин Жан Пјер, постар советник во кампањата Бајден-Харис, ќе ја извршува функцијата заменик-секретар на Белата куќа, додека Ешли Етјен, поранешен висок советник на спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, е предложена за нејзин заменик.

Лондон и Париз постигнаа договор за борба против илегалната имиграција

мигранти во обид да го преминат Ла Манш, архивска фотографија

Дополнителни патроли и нови технолошки средства ќе бидат распоредени по должината на францускиот брег, како дел од новиот договор меѓу Британија и Франција за борба против илегалната миграција преку Ла Манш, соопштија министрите за внатрешни работи на двете земји. Договорот предвидува двојно зголемување на бројот на патроли на францускиот брег од 1 декември со помош на беспилотни летала и радари за да се идентификуваат оние што ќе се обидат да го преминат Ла Манш. Британија вети дека ќе инвестира 31,4 милиони евра за да им помогне на напорите на Франција да ја спречи илегалната миграција.

Орбанизација на Европа или заштита на границите?

Предвидено е резултатите од спроведувањето на договорот да бидат разгледани во текот на следните шест месеци, со можност за воведување дополнителни мерки. Во последниве месеци, се повеќе мигранти се обидоа да стигнат до Британија преку Ла Манш. Ова прашање ги крева тензиите меѓу Лондон и Париз, бидејќи Британија ја обвинува Франција дека не е доволно вклучена во спречување на илегална миграција. Француските власти во септември објавија дека спасиле повеќе од 1.300 мигранти во текот на месецот, во обид да го преминат Ла Манш со брод.

Трамп: нема да го сменам ставот дека претседателските избори се наместени

Доналд Трамп

Доналд Трамп изјави дека нема да „ја смени својата позиција“ дека биле наместените претседателски избори одржани на 3 ноември. „Никој не може да влијае врз мене да ја сменам мојата позиција. Јас нема да го променам мислењето во следните шест месеци“, изјави Трамп за „Фокс њуз" во првото телевизиско интервју по изборите. Трамп, кој не даде конкретни докази, повтори дека „изборите биле наместени“ и дека тој победил.

Трамп помилува екс советник кој се изјасни виновен во истрагата за руското мешање во изборите

И покрај овие обвинувања, адвокатите на Трамп претрпеа неколку судски порази во земјата, а последниот беше во сојузната држава Пенсилванија, каде што Врховниот суд ја отфрли тужбата на неговиот тим, што значи дека тој речиси и да нема можност да го смени изборниот резултат. Демократот Џо Бајден освои 306, а Трамп 232 гласачи во Изборниот колеџ. Потребни се 270 вакви гласови за да се победи. Традиционално, поразениот кандидат скоро веднаш признава дека не победил, но Трамп одбива да го признае поразот и тоа е преседан во историјата на американската политика.

Бајден ќе го добие првиот разузнавачки брифинг

Џо Бајден

Избраниот американски претседател Џо Бајден денеска ќе го прими својот прв претседателски дневен брифинг, се вели во краткото соопштение од неговиот кабинет. Извештаите, познати како President's Daily Brief, содржат информации за големи закани за националната безбедност ширум светот. Одобрението за Бајден да започне да ги прима дојде на 24 ноември, еден ден откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп рече дека официјално може да започне транзицијата.

Трамп рече дека ќе ја напушти функцијата кога победата на Бајден ќе биде официјална

Бајден беше блокиран да добива разузнавачки брифинзи и на неговиот тим му беше забрането да контактира со нивните колеги во администрацијата на Трамп сè додека шефот на управата за општи служби (ГСА) на 23 ноември не објави дека транзицијата може официјално да започне. Кабинетот на избраниот претседател соопшти дека по завршувањето на брифингот, Бајден ќе се состане со неговите советници. Бајден треба да биде инаугуриран на 20 јануари.

Медицински персонал на Армијата се приклучува во борбата против ковид-19

Ковид-19 центар во Скопје

Од денеска се очекува одреден број доктори и медицински сестри кои работеле за војската, да се приклучат кон здравствениот персонал од јавните здравствени установи во борбата против ковид-19. По прогласувањето на кризната состојба, како поддршка во обезбедување на ред во ковид центрите низ државата распоредени се и припадници на Армијата. Изминатото деноноќие беа регистрирани нови 820 случаи од направени 2019 тестови. Министерството за здравство соопшти дека починати се 32 пациенти, а оздравени 895 пациенти.

Во ковид центрите се лекуваат вкупно 1282 пациенти, слободни кревети има

Според информациите што вчера ги објави Министерството за здравство, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1282 и има колку 190 празни болнички кревети, но, како што посочува, бројките се менуваат од час во час во зависност од направените приеми и исписи.

Израел ја критикуваше ЕУ за осудата на убиството на ирански научник

Иранскиот министер за одбрана Амир Хатами и неодамна убиен Мохсен Фахризадех

Израелскиот министер одговорен за разузнавачки информации Ели Коен изјави дека не знае кој е одговорен за смртта на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризадех, критикувајќи ги европските земји за осудата на неговото убиство. Коен оцени дека тие земји се свесни и за иранските нуклеарни амбиции и за кршењето на договорите со светските сили. „Ги гледаме како повторно ги закопуваат главите во песок“, рече тој, алудирајќи на ЕУ, која убиството го нарече „криминален чин“.

Иран повика на одмазда кон Израел за убиството на научникот


Израелскиот министер исто така изјави дека нема да пушти солзи за убиството на Фахризадех, бидејќи, како што рече, „неговото отстранување од светот придонесува за Блискиот исток и целиот свет“. „Кој активно учествува во создавањето на нуклеарно оружје е мртов човек што оди“, рече Коен. ; Британија, Турција и Оман се приклучија на меѓународната осуда за убиството на Фахризадех, кого Израел и САД го нарекоа татко на иранската нуклеарна програма. Тој беше убиен во петокот од бомба и вооружен напад од заседа во близина на Техеран. Убиството кое му се припишува на Израел предизвика критики од европските и арапските земји, како и од ОН. Израел не ја презеде одговорноста.

Повеќе од 300 демонстранти приведени на протестите во Белорусија

Белорусија, апсења на демонстранти

Најмалку 320 демонстранти беа приведени на вчерашните протести низ Белорусија против Александар Лукашенко, барајќи негова оставка. Групата за заштита на човековите права Вјасна (Пролет) соопшти дека полицијата уапсила 320 демонстранти во Минск и други градови и дека тепале некои учесници на протестот. И покрај снегот, големи групи демонстранти се собраа во неколку делови на Минск, блокирајќи патишта. Тие носеа транспаренти како, „Сосед за сосед против диктатурата“ и извикуваа „Оди си, стаорец“, мислејќи на Лукашенко, кој владее со цврста рака 26 години. Полицијата повторно фрли солзавец и шок-бомби за да ги растера насобраните.

Лукашенко вели дека ќе ја напушти функцијата кога ќе се донесе новиот Устав


Белорусија е зафатено со политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјални резултати според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите. Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите биле украдени. И покрај напорите на властите да ги задушат демонстрациите со апсење и потиснување на демонстрантите и активистите, масовните протести не стивнуваат дури и по повеќе од три и пол месеци.

Србија не го протерува амбасадорот на Црна Гора

Ана Брнабиќ и Александар Вучиќ

Србија синоќа еднострано ја повлече одлуката за протерување на црногорскиот амбасадор од земјата, изјави премиерката Ана Брнабиќ која претходно имаше состанок со претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ. „Претседателот Вучиќ ја разбира и поддржува оваа одлука, бидејќи е во согласност со Виенската конвенција и протоколите. Но, ни кажа дека конвенциите се важни, но дека животот и нашето пријателство со Црна Гора се поважни“, рече Брнабиќ.


Амбасадорот на Србија прогласен за персона нон грата во Црна Гора, Белград одговори реципрочно

Србија ден претходно му го прекина гостопримството на амбасадорот на Црна Гора, откако Црна Гора го прогласи српскиот амбасадор во Подгорица за персона нон-грата. Брнабиќ потсети дека тоа е сторено во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи. Вучиќ побара од владините претставници да ја преиспитаат оваа нивна одлука во желба Србија уште еднаш да подаде рака на соработка и пријателство, бидејќи во регионот имаше многу конфликти. Брнабиќ додаде дека тие, исто така, се консултирале и со претставниците на српскиот народ во Црна Гора, кои ја поддржале ваквата сменета одлука.

Бајден се здобил со фрактура на стапалото додека си играл со куче

Избраниот претседател на САД Џо Бајден

Избраниот претседател на САД Џо Бајден се здобил со фрактури на стапалото додека си играл со едно од неговите кучиња и веројатно ќе мора да носи заштитна чизма неколку недели, соопшти неговиот кабинет. Бајден, 78, се здоби со повреда во саботата и посетил ортопед во Њуарк, Делавер. Лекарите на почетокот помислија дека тој само го искриви глуждот. „Следното скенирање потврди мали фрактури“, рече личниот лекар на Бајден, Кевин О’Конор.


Идниот државен секретар на САД - поборник на силни меѓународни сојузи

Бајден ќе биде најстарата личност што го презеде претседателството на Америка кога ќе положи заклетва на 20 јануари. Докторскиот извештај објавен во декември откри дека тој зема статин за да го задржи холестеролот на здрави нивоа. Инаку, неговиот лекар го опиша како „здрав, енергичен“ и „способен за успешно извршување на претседателските должности“.

Времето денеска: променливо облачно

Претпладне ќе биде значително облачно, во утринските и претпладневните часови ќе има повремен слаб дожд, на повисоките места и планините слаб снег, а можна е изолирана појава на замрзнат дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер, а дневната температура ќе се намали. Во текот на денот облачноста ќе се намалува. Дневната температура ќе биде од 2 до 10 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде до 6 степени.

Нови 820 инфицирани со ковид, 32 починати

Архивска фотографија- Клиника за инфективни болести во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2019 тестирања, а регистрирани се 820 нови случаи на ковид-19. Oд нив најмногу во Скопје-279, а двоцифрени бројки заразени има и во Куманово-49, Штип-39, Прилеп-15, Тетово-42, Струга-33, Велес-19, Битола-58, Охрид-24, Кавадарци-34, Гостивар-37, Гевгелија-25, Струмица-25, , Кочани-15, Пробиштип-10, Берово-14, Валандово-11, Делчево-15, Свети Николе-15, Кичево-11 и Неготино-21.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 895 оздравени пациенти.
Починати се 32 лица од кои единаесет пациенти од и сите се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 61543, бројката на оздравени пациенти е 38400 на починати е 1731, а бројот на активни случаи изнесува 21412.

Во ковид центрите се лекуваат вкупно 1282 пациенти, слободни кревети има

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 813 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопшти Министерството за здравство.

Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 73 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 62 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 45 пациенти, во Велес се лекуваат 58 болни, а во Куманово 113 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 118, во ковид центарот во Гостивар 59, а во Струга 32 болни. Во болницата во Струмица лежат 64 пациенти, во Кочани 15, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 15 лица позитивни на корона вирусот.

Бројките, како што посочуваат од Министерството, се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

„Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1282 и има колку 190 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород“, наведуваат во соопштението.

Во Србија рекордни 65 смртни случаи од Ковид-19

Србија- ковид центар во Земун

Во Србија во последните 24 часа се потврдени 6.179 нови случаи на заразени со коронавирус од вкупно 15.508 тестирани, а во истиот период од Ковид -19 умреле 65 лица.

Во моментов, во болницте се сместени 7.256 пациенти, а 252 од нив се на апарати за дишење.

До денеска во земјата се регистрирани вкупно 169.214 случаи на Ковид 19, а од почетокот на пандемијата умреле вкупно 1.549 лица, соопштено е на владината веб-страницата covid19.rs.

Заев- македонската иднина е европска, продолжуваме да бараме решенија

Архивска фотографија- македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020

Македонскиот премиер Зоран Заев на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук денеска најави дека продолжуваат да се бараат решенија со Бугарија за разликите меѓу двете земји.

„Македонскиот народ секогаш бил и ќе биде со поглед напред. Сите премрежја, окупации и блокади беа надминувани и надминати заради желбата за подобро утре и подобар живот. Така е и сега. Гледаме напред, кон Европа, тоа е единствениот пат кон нашето подобро утре. Изолациите ги оставаме во минатото бидејќи знаеме дека македонската иднина е европска. Во тоа име, продолжуваме да бараме решенија. Само така е европски, само така е македонски. Во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик!“, наведе премиерот.

Неговиот бугарски колега Бојко Борисов во интервју за денешното издание на германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг рече дека компромисот е возможен, но дека исто така треба да се познава историјата.

„Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирана од сталинистичка Москва сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна насилно да ги преобратат Бугарите во Македонија во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Ако сега во процесот на присоединување кон Европската унија се појават определени погрешни тврдења и јас не реагирам, моите политички опоненти ќе ми кажат- Борисов ја продава бугарската историја и попушта под притисокот на европските партнери“, вели Борисов.

Откако бугарската влада месецов одлучи да ја блокира земјава во својот евроинтегративен пат поради, како што тврдат, прекршување на Договорот за добрососедство од 2017 година од страна на Скопје, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји интензивно разговараат во обид да најдат решение. Последна шанса за почнување на преговорите за време на германското претседателство со ЕУ, кое завршува на 31 декември, се смета Советот за општи работи на ЕУ кој треба да се одржи на осми декември.

Директор на музеј во Унгарија го нарече Сорос либерален фирер, предизвика остри критики

Архивска фотографија- американскиот милијардер Џорџ Сорос

Првиот човек на унгарскиот литературен музеј Петофи со седиште во Будимпешта Сзилард Деметер предизвика силни критики поради неговиот текст во кој го поврзува американскиот милијардер, филантропот Џорџ Сорос со нацистичкиот геноциден режим на Адолф Хитлер.

„Сорос е либерален фирер кој ја претвори Европа во гасна комора“, напиша Деметер во коментар за интернет порталот origo.hu кој е близок до унгарската влада.

Американскиот еврејски комититет во Централна Европа го осуди коментарот и го нарече ужасен. Инаку Сорос е роден во Унгарија и го преживеал Холокаустот. Во текстот кој се однесува на несогласувањата во Европската унија околу буџетот Деметер ги опиша Унгарија и Полска, како „новите Евреи“.

“Отровен гас се испушти од капуслата на мултикултурното отворено општество кој е отровен за европскиот начин на живот и ние нациите на Европа сме осудени да се бориме за последниот здив воздух качувајќи се едни врз други“, напиша Деметер.

Тој е назначен на позицијата од унгарскиот премиер Виктор Орбан и често го обвинува Сорос и неговата фондација за промовирање на либерални каузи. Деметер го нарекува милијардерот ноќен кошмар за европските права и го обвинува дека сака да го преплави континентот со муслиманските мигранти и со тоа да го поткопа националниот идентитет.

ВМРО-ДПМНЕ- Заев за лична корист ја продава Македонија

Архивска фотографија- седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на прес конференцијата на портпаролот и пратеник од СДСМ Костадин Костадинов.

„Нека го праша Заев каква тајна соработка има и колку чини идентитетот кој го распродава. И ќе го потсетиме дека Костадинов преставува партија, чиј лидер има приватни бизниси во Бугарија. Заев за лична корист ја продава Македонија“, наведуваат од опозициската партија.

Костадинов денеска на прес конференција побара од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да кажел со кои структури во Република Бугарија интензивно соработува во овој период и од кој му давал информации.

Вчера на протестот со автомобили на ВМРО-ДПМНЕ кој заврши пред зградата на Владата, Мицкоски обраќајќи се пред насобраните повика на внимателност, оти како што рече, имал информации дека викендов во Софија „се распарчува Македонија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“.

СДСМ го прашува Мицкоски со кој соработува во Бугарија

Архивска фототрафија- портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов

Портпаролот на СДСМ и пратеник од таа партија Костадин Костадинов денеска на прес конференција побара од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да кажел со кои структури во Република Бугарија интензивно соработува во овој период.

Вчера на протестот со автомобили на ВМРО-ДПМНЕ кој заврши пред зградата на Владата, Мицкоски обраќајќи се пред насобраните повика на внимателност, оти како што рече, имал информации дека викендов во Софија „се распарчува Македонија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“.

„Христијан Мицкоски има должност да излезе пред граѓаните и да каже кој му ја дал оваа информација? Дали лично му се јавија на Мицкоски или преку посредници? Ако знаел дека се спрема нешто опасно по државата зошто не пријавил во надлежни институции? Еве го викендот. Ниту се распарчивме ниту имало официјални претставници во Софија“, рече Костадинов.

Тој повтори дека за македонскиот идентитет не се разговара и дека зборуваме македонски јазик кој нема како што рече бугарски корен.

Шекеринска- пораките до Софија и Скопје се да се стави крај на недовербата

Архивска фотографија- министерката за одбрана Радмила Шекеринска

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска истакна дека пораките коишто доаѓаат од странските држави покажуваат дека од Република Северна Македонија и од Бугарија се очекува да стават точка на недовербата и непријателството и да инвестираат во политика која нема да биде фокусирана на минатото, туку политика којашто ќе обезбеди европски вредности сега и денес.

„Она што е јасно денеска е дека пораките коишто доаѓаат од сите главни градови, од сите држави коишто му посакуваат добро на Балканот, Германија и САД. Денеска со писмото на поранешниот наш амбасадор, а високо позициониран во Стејт департментот, Филип Рикер е дека од нас и од Бугарија се очекува да се стават точка на недовербата и непријателството и да инвестираат во политика која нема да биде фокусирана на минатото туку политика којашто ќе обезбеди европски вредности сега и денес. Не само во Европската Унија, туку и на Балканот којшто сака да стане нејзин член“, нагласи Шекеринска.

Таа денеска во Штип одговарајќи на на новинарско прашање што работат работните групи на Северна Македонија и Бугарија, предводени од министрите за надворешни работи на двете земји и што содржи евентуалниот патоказ кон Договорот за добрососедство, кој се споменува, рече дека на тоа одговор можат да кажат одговорните.
Додаде дека она што е јасно денеска се пораките кои пристигнуваат од сите главни градови.

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер, во писмо до македонскиот премиер Зоран Заев, како што соопшти владината прес служба денеска, наведе дека ге охрабруваме и Заев и земјите членки на ЕУ да продолжат да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на земјата во ЕУ и да остварат прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите.

Руската полиција казни повеќе од милион луѓе поради прекршување на корона мерките

Русија-вработени во ковид центри одмораат од работа

Руската полиција казнила 1,1 милион луѓе за прекршување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од почетокот на пандемијата досега, соопшти руското министерство за внатрешни работи. Од таму прецизираа дека казнетите ги прекршиле протоколите поврзани со карантинот или самоизолацијата. Просечната казна која што ја платиле е 1000 рубљи, или околу 13 американски долари.

Русија е четврта земја во свет со најмногу потврдени случаи на инфицирани со коронавирус, 2,2 милиони и околу 39 000 смртни случаи поврзани со вирусот. Реалните бројки се смета дека се повисоки.

И покрај зголемениот број заболени во последните недели и притисокот врз болниците руските власти одлучија да не преземат мерки за затворање, како во повеќето места во Европа, а наместо тоа руските региони преземаат свои рестрикиции за намалување на ширењето. Во октомври владата донесе одлука за задолжително носење маски во прометните области.

Министерството за здравство апелира до граѓаните да бидат внимателни на славите

Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче

Министерството за здравство денеска апелира до граѓаните во периодот на слави кој престои максимално да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита. Од таму потсетуваат на вчерашната изјави на министерот Венко Филипче даде при посетата на Прилеп, кога предупреди дека домашните прослави и групирања беа главна причина за време на првиот бран да се влоши епидемиолошката состојба и апелираше да не дозволиме повторно тоа да се случи. Инаку со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести се забранува собирања во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или каде било на отворен простор во текот на целиот ден.

Рикер со охрабрување до Скопје и ЕУ да се бара решение за билатералните прашања надвор од интеграцијата во ЕУ

Архивска фотографија-Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер, во писмо до македонскиот премиер Зоран Заев, како што соопшти владината прес служба, истакнува дека Соединетите Американски Држави остануваат посветени во поддршката на Северна Македонија за нејзините интеграции кон Европската Унија и изразува разочарување што земјите членки на ЕУ не постигнаа согласност да ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на ЕУ за нашата земја.

„Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ“, пишува амбасадорот Филип Рикер во писмото до премиерот Заев и додава дека САД ги следат и разбираат предизвиците и сложените прашања низ кои поминува процесот и истакнува дека Северна Македонија и досега покажала дека не отстапува кога е неопходно да се завршат успешно потребните процеси за да се обезбеди одржлив мир, сигурност за просперитет за своите и за граѓаните на соседните земји.

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер пишува дека Северна Македонија тоа го докажа со постигнувањето на историскиот договор од Преспа и со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017 година со кој беа поставени темелите за посилни односи меѓу двете земји.

„Ве охрабруваме и вас и земјите членки на ЕУ да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите. Високо ги оценуваме вашите напори да ги водите разговорите во духот на добра волја и да одржувате посветеност во обезбедувањето европската иднина на Северна Македонија која земјата покажа дека ја заслужува“, пишува амбасадорот Рикер.

Во писмото до премиерот Заев се нагласува дека САД продолжува со поддршката на овие настојувања и се изразува надеж дека овие процеси ќе резултираат со одржување на континуитетот на Северна Македонија на патот кон ЕУ.

„Остануваме ваши партнери оптимисти дека меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ ќе се одржи наскоро“, се вели во писмото на помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер, до претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев.

Борисов за ФАЦ- компромисот е возможен, но треба да се познава историјата

Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во интервју за германскиот весник Франфуртер Алгемајне Цајтунг на прашањето поврзано, со како што прашува новинарот, можноста Софија да наложи вето поради спор поврзан со историскиот идентитет на Македонците, одговара дека единствената држава која би сакала почнување на преговори со соседот, дури и повеќе од Германија е Бугарија. Преводот на интервјуто од германски на бугарски јазик го објави самиот Борисов на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Тој и во интервјуто за ФАЦ, исто како и при средбата со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во Софија, вели дека за него големо изненадување била неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за наводно македонско малцинство во Бугарија.

„Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? Не познавам такво. Од резолуцијата дознав дека има такво. И откако бугарските социјалисти во Европскиот парламент ја поддржаа резолуцијата, очигледно е дека и тие исто мислат, дека такво малцинство живее кај нас. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на Република Северна Македонија, сега се насочуваме кон сосема различна дебата. Треба да го кажам ова бидејќи тој развој на настаните навситина ме вознемирува“, вели бугарскиот премиер.

Борисов е вознемирен од резолуција на ЕП за македонското малцинство
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

На забелешката на новинарот Михаел Мартенс кој наведува дека ниту премиерот Зоран Заев, ниту неговиот заменик вицепремиерот Никола Димитров, ниту, пак, кој било од важните политичари во Скопје не тврдат дека во Бугарија има македонско малцинство, Борисов вели "компромисот е возможен".

„Но, исто така треба да се познава историјата. Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирана од сталинистичка Москва сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна насилно да ги преобратат Бугарите во Македонија во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Ако сега во процесот на присоединување кон Европската унија се појават определени погрешни тврдења и јас не реагирам, моите политички опоненти ќе ми кажат- Борисов ја продава бугарската историја и попушта под притисокот на европските партнери“, вели Борисов.

Откако бугарската влада месецов одлучи да ја блокира земјава во својот евроинтегративен пат поради, како што тврдат, прекршување на Договорот за добрососедство од 2017 година од страна на Скопје, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји интензивно разговараат во обид да најдат решение. Последна шанса за почнување на преговорите за време на германското претседателство со ЕУ, кое завршува на 31 декември, се смета Советот за општи работи на ЕУ кој треба да се одржи на осми декемрви.

Во меѓувреме на обвинувањата од Софија дека Скопје поддржува македонско малцинство на бугарска територија неколкупати разни политичари нагласуваа дека и во амандманот 1 од македонскиот Устав стои дека „Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави", a во амандманот 2 дека „Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG