Достапни линкови

Македонија нема да гради бегалски кампови


Македонија одлучува што ќе прави со Авганистанците кои балканските земји веќе не ги пропуштаат на граница. Министерот Попоски тврди дека нема да се затвори јужната граница, но и дека нема да биде дозволено Македонија да биде претворена во тампон зона за бегалците. Тој повтори дека нема да се градат бегалски кампови.

Сива зона е проблемот со речиси 600 Авганистанци кои се заглавени во Табановце, затоа што Хрватска, а подоцна и Србија одлучија да ги вратат назад. Според нивното толкување станува збор за луѓе кои по потекло се од Авганистан, но подолго време престојувале во друга земја, што би значело дека нивните животи не биле загрозени од воени дејствија, објасни на неформална средба со новинари министерот за надворешни работи Никола Попоски. Тој брифираше дека се очекува во текот на денот Македонија да одлучи какви мерки ќе преземе со оваа ситуација, затоа што во заклучоците од Советот на ЕУ не се наведени детали во врска со вакви околности.

Веќе не се пушта влез на Авганистанци додека не се расчисти дали се работи за одлука, дали е дефинитивно затворена границата за Авганистанци, тие не се пропуштаат во кампот во Гевгелија.
Кастриот Реџепи од невладината организација „НУН Култура“.

Активистите на терен велат дека додека не се реши проблемот во Табановце, во Македонија се пропуштаат бегалци кои доаѓаат само од Сирија и Ирак, а Авганистанците се задржуваат во Идомени.

„Веќе не се пушта влез на Авганистанци додека не се расчисти дали се работи за одлука, дали е дефинитивно затворена границата за Авганистанци, тие не се пропуштаат во кампот во Гевгелија,“ вели Кастриот Реџепи од невладината организација „НУН Култура“.

Тој додава дека проблемот во Табановце го отежнува транспортот на бегалци.

„Новодојдените бегалци кои се од Сирија и Ирак мора што побргу да продолжат со нивното патување, затоа што капацитетите во Табановце се зафатени со бегалците кои моментално се заглавени и тоа дополнително ја отежнува ситуацијата.“

Попоски повтори дека ставот на Македонија е да не се затвори јужната граница, но додаде дека нема да биде дозволено ниту Македонија да биде претворена во тампон зона доколку по домино ефект земјите од транзит зоната донесат мерки кои што ќе влијаат врз случувањата.

Тој повтори дека нема да се градат бегалски кампови во Македонија, ниту, пак, да се овозможи изградба на центри за подолг престој, како што велат дека треба да се направат од УНХЦР, затоа што немало основа за такво нешто бидејќи бегалците минуваат низ Македонија доаѓаат од безбедна европска држава.

Во однос на разногласието кое доаѓа од земјите членки на ЕУ, Попоски посочи дека Македонија нема да слуша ничии совети, односно ќе си се грижи исклучиво за сопствените интереси и дека најдобро решение засега е да ги спроведува заклучоците на ЕУ.

Попоски коментираше дека Македонија не може да добие политички поени затоа што покажала дека добро и послушно ја менаџира мигрантската криза, односно дека не смееме да бидеме наивни и да веруваме дека ќе го наплатиме тоа со влез во ЕУ или решавање на спорот со името со Грција. Во однос на 10-те милиони евра кои ги вети ЕУ како помош за Македонија се уште не се достапни за користење, иако како што тврди Попоски земјава е жив зијан од мигрантската криза, има повеќе трошоци отколку приходи.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG