Достапни линкови

Вести

Реформи за останување на Велика Британија во ЕУ

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, го претстави предлогот за реформи во Унијата во обид да ја убеди Велика Британија да остане членка. Предлогот го вклучува и контроверзниот „итен прекин“ на плаќањето бенефиции за мигранти од други земји-членки на ЕУ. Ова ќе им биде на располагање на сите членки кои ќе докажат дека нивните јавни услуги се под прекумерен притисок. Лондон долго време лобира за четиригодишна забрана за бенефиции за мигрантите од ЕУ, но тоа наидуваше на отпор од Полска и други земји од Источна Европа кои сметаат дека на таков начин ќе бидат дискриминирани ако работат во Велика Британија. Другите предлози на Туск предвидуваат да им се даде поголема моќ на локалните парламенти во обликувањето на европското законодавство и договор дека Лондон не мора да се обврзе за понатамошна политичка интеграција во ЕУ. Членките на ЕУ ќе дебатираат за предлогот на Самитот на ЕУ во Брисел на 18 и 19 февруари. Британскиот премиер Дејвид Камерон се надева на брза одлука за ова прашање пред британскиот референдум во јуни за тоа дали земјата треба да остане во ЕУ.

види ги сите денешни вести

Нови 1093 заразени со ковид, 28 починати и 819 оздравени

Ковид-19 центар во Скопје

Регистрирани се 1093 нови случаи на заразени со ковид-19 од направени
3084 тестирања, соопшти Министерството за здравство. Најголем дел но новозаразените и натаму се во Скопје каде има 431 нови случаи. Потоа следуваат Гостивар-94, Прилеп-60, Куманово-57, Велес-55, Кавадарци-44, Штип и Тетово по 41, Битола и Охрид по 37, Струга-29, Свети Николе-20, Неготино-19, Струмица-18, Кичево-15, Гевгелија и Дебар по 14, Кочани-13, Радовиш-11, Ресен-10, Крушево-8, Крива Паланка и Делчево по 7, Валандово и Виница по 3, Пробиштип и Македонски Брод по 2 и Кратово 1 случај.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 819 оздравени пациенти.

Починати се 28 лица, девет пациенти од Скопје, пет пациенти од Тетово, четири од Куманово, двајца од Гостивар, по еден пациент од Дебар, Штип, Струга, Велес, Охрид, Струмица, Кратово и Ресен. Од нив двајца пациенти се починати вон, останатите во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 59701, бројката на оздравени пациенти е 36825, на починати е 1658, а бројот на активни случаи изнесува 21218.

Иран го обвинува Израел за „терористички напад“ во кој беше убиен важен нуклеарен научник

Возилото на научникот

Ирански врвен научник беше убиен во близина на Техеран од „вооружени терористи“ во напад за кој иранската влада вели дека носи обележја на израелска операција.

Мохсен Фахризадех, кој беше на чело на организацијата за истражувања и иновации во Министерството за одбрана, бил „сериозно ранет“ при нападот врз неговото возило и починал неколку минути подоцна, стои во соопштението на Министерството.

Западните разузнавачки служби го сметаа Фахризадех за организатор на тајната иранска програма за нуклеарно оружје.
Министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф рече дека има „сериозни индиции за израелска улога“ во атентатот. Тој исто така ја повика меѓународната заедница „да стави крај на нивните срамни двојни аршини и да го осуди овој чин на државен тероризам“.

Израел засега одбива да го коментира убиството на Фахризадех, за кого израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху еднаш рече „запомнете го тоа име“.

Израел долго време беше осомничен дека извршил серија убиства врз ирански нуклеарни научници пред скоро една деценија.
Пентагон исто така одби да го коментира убиството.

Фахризадех ја предводеше иранската програма Амад(надеж). Израел и западот велат дека програмата е воена операција за проценка на можностите за производство на нуклеарно оружје во Иран. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е мирнодопска.

Иранската државна телевизија објави дека стар камион со дрва, во кој имало подметнато експлозив, експлодирал кога покрај него поминал автомобилот во кој бил Фехризадех. Кога автомобилот запрел, најмалку пет вооружени луѓе почнале да пукаат кој нив.

Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека програмата Амад завршила во раните 2000-ти години. Инспекторите на агенцијата сега ги мониторираат иранските нуклеарни постројки, како дел од договорот меѓу Техеран и шесте светски сили од 2015 година.

Мицкоски најави нов протест на опозицијата

ВМРО -ДПМНЕ протест

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за утре најави нов протест „против негаторите на македонската историја, идентитет и јазик“. Повод за протестите се ставовите за историјата на премиерот Зоран Заев искажани за бугарски медиуми, во кои меѓу другото тој рече дека во Втората светска војна немало бугарска окупација, туку бугарска администрација. Мицкоски бара оставка од Заев.

Протест во 7 градови: „Оставка на Заев, слобода на народот”

Протестот ќе почне во 12:30, а поради пандемијата на коронавирус, ќе се одржи со автомобили. Колоните со автомобили ќе тргнат од две локации – Спортскиот центар Борис Трајковски во Карпош и спортската сала Јане Сандански во Аеродром, а ќе заврши пред зградата на владата.
ВМРО-ДПМНЕ организираше протести со автомобили пред владата и во четвртокот, по интервјуто на премиерот Зоран Заев кое предизвика бурни реакции во јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ вчера организираше протести во Скопје, а денеска во Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп, Охрид и Битола.

Бразилскиот претседател нема да се вакцинира против ковид-19

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро рече дека нема да се вакцинира против ковид-19, а носењето маски заради спречување на ширењето на болеста го нарече „последното табу кое е урнато“. Неговите ставови објавени синоќа на социјалните мрежи ги вознемирија здравствените експерти кои рекоа дека може да ги подријат напорите за масовна вакцинација која е од суштинско значење за запирање на пандемијата. Болсонаро исто така рече дека секоја доза која ќе ја одобри бразилската здравствена агенција ќе биде бесплатна за граѓаните.

Бразилскиот претседател се зарази со коронавирусот во јули и долго се противеше на советите од мнозинството научници и здравствени експерти да ги ограничи социјалните и економски активности, тврдејќи дека штетата од затворањето на економијата би била поголема од штетата предизвикана од пандемијата.

„Ви велат: нема да ја земам (која било вакцина). Тоа е мое право и сигурен сум дека Конгресот нема да им прави проблеми на оние кои не сакаат да се вакцинираат“, рече Болсонаро.

Во студијата објавена на 15 јули во американскиот магазин за превентивна медицина се наведува дека мерките за физичко дистанцирање може да бидат укинати ако се вакцинира најмалку 75 отсто од населението со вакцина чија ефикасност е над 70 отсто. Финалните фази на тестирањата покажаа дека одредени кандидати имаат многу поголема ефикасност од 70 отсто.

ЕК се надева дека Македонија ќе ги почне преговорите за членство

Во Европската комисија и натаму доминира надеж дека е можен прогрес со кој ќе се овозможи старт на преговори за членство на Македонија во ЕУ.

„Ги поттикнуваме двете страни да продолжат со напорите за пронаоѓање решение за своите отворени билатерални прашања. И понатаму се надеваме дека наскоро ќе се постигне договор за преговарачката рамка, за да се одржи што е можно поскоро првата меѓувладина конференција, идеално, уште годинава“, изјави денеска за РСЕ Ана Писионеро, портпаролка на ЕК.

Претстојниот викенд е клучен за постигнување договор меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е единствената земја која го блокира отворањето на преговори со Унијата, велат дипломатски извори за РСЕ во Брисел. Притиска времето за договор, оти последниот состанок на Советот на Општи работи на ЕУ ќе се одржи на 8 декември. Ова е форматот во кој е можно да се усвои преговарачката рамка и да се одобри организирање на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија, и на која формално ќе бидат отворени претпристапните преговори. Друг дипломатски извор нагласува дека сите земји членки, освен Бугарија и понатаму се надеваат дека е можно отворање на преговорите за членство.


Извори од Европската комисија потврдуваат дека и покрај бугарската блокада, продолжуваат со работа на отворањето на преговорите со државата која на ова чека 11 години.

Бугарија го блокира отворањето на преговорите за членство, инсиситрајќи на адекватно спроведување на договорот за добрососедство и бара во преговарачакта рамка добрососедските односи да бидат дел од приоритетните поглавја.

Грција ја ограничи цената на тестовите за ковид

Грчката влада за да спречи профитерство ја огранички цената на тесотвите за ковид-19. Центата на ПЦР не смее да биде повисока од 40 евра, а на брзите тестови не смее да биде повисока од 10 евра.

Генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи Панајотис Стамбулидис на денешната редовна прес конференција за Ковид-19 во Министерството за здравство на Грција ја соопшти одлуката, објаснувајќи дека во моменти кога голем дел од бизнисите се затворени поради карантинот, а Владата поддржува здрава конкуренција, неопходно е да се спречат случаи на профитерство.Во наредните денови ќе се достави и амандамо со кој ќе се одредат нивото до каде може да оди цената на добрата и услугите неопходни за заштита на јавното здравје и економските интереси на граѓаните.

Цените на ПЦР тестовите во приватните лаборатории во Грција сега се од 70 до 90 евра.

Ковид-19 го одложи и третото рочиште против Усеини од Охрид

Не се одржа ниту третото по ред рочиште од судскиот процес што пред Основниот суд во Охрид се води против браќата Нефи и Ибраим Усеини. Рочиштето се одложи оти на Нефи Усени има ковид-19, па му е изречена мерка домашна изолација.

Инаку, првото рочиште од процесот беше одложено за 26 октомври, поради влошената здравствена состојба на Ибраим, брат на советникот во Општина Охрид од редовите на ДУИ – Нефи Усеини. Второто рочиште не се одржа поради тоа што второобвинетиот Ибраим Усеини беше на оперативно лекување во странство и стоматолошка интервенција на оштетениот Спиро Топалоски.

Покрај денешното, предметот што сега го води судијката Билјана Белеска имаше закажано уште едно рочиште на 3 декември што, исто така е одложено, со појаснување дека процесот треба да продолжи во јануари 2021 година.

Обвинителството покрена постапка против браќата Усеини за физички напад на Спиро Топалоски.

Ахмети - Заев ја ризикуваше кариерата со тоа што беше директен

Али Ахмети и Зоран Заев

Кај премиерот Зоран Заев има добра волја за да се реши бугарското прашање, што е многу важно за иднината на нашата земја за отворањето на преговорите за интеграција во Европската унија, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, коментирајќи ја изјавата на премиерот Заев за БГНЕС. Ахмети смета дека Заев лично се жртвувал ризикувајќи ја политичката кариера со искажувањето толку директно на нештата со едиствена причина, како што рече, што подобро да биде за нашата земја, нашата држава и граѓаните на Северна Македонија.

„Во оваа ситуација, ние секако ќе се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме спореле за ништо, било за јазикот или историјата, затоа што нашите судбини биле исти, окупаторите ни беа исти и жртвувањата ни биле заеднички, заеднички да бидеме слободни во овие простори. Ние сакаме решение што е можно побрзо, да не бидеме под влијание на емоциите, да не влегуваме во фолклоризмот, но да бидеме рационални и разумни за да го решиме ова прашање што е можно побрзо“, рече Ахмети.

Во градинките позитивни на ковид се 35 деца и 279 вработени

Јагода Шахпаска

Бројот на позитивни деца во градинките е 35, а има 279 возрасни вработени во градинките кои се позитивни на вирусот. Станува збор за воспитувачи, негователи, градинари, луѓе коишто работат во кујна, односно персоналот кој овозможува непречено функционирање на детските градинки, изјави министерката а труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Таа порача дека состојбата во детските градинки се уште е под контрола.

Во болница се лекуваат 1296 пациенти со ковид

Клиника за инфективни болести во Скопје

Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1296 и има колку 160 празни болнички кревети во ковид центрите, соопштуваат од Министерството за здравство. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, наведува Министерството.

Цела плата за лекување од ковид

Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
„И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена постојано сме во контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на КОВИД-одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, информира Министерството за здравство.

Лукашенко вели дека ќе ја напушти функцијата кога ќе се донесе новиот Устав

Александар Лукашенко

Александар Лукашенко, кој владее со Белорусија 26 години, рече дека ќе ја напушти функцијата по донесувањето на новиот Устав, пренесува белоруската новинска агенција Белта.

„Нема да соработувам со вас како претседател според новиот Устав“, рече Лукашенко за време на денешната посетата на болница во Минск. Тој не прецизираше кога ќе се случи тоа, но ја истакна потребата за измени и дополнување на Уставот и прилагодување на претседателските овластувања. Лукашенко ја спомена можноста за измени на Уставот неколку пати во минатото, но опозицијата ги отфрли неговите забелешки како обид за купување време и останување на власт додека беснеат антивладини протести.

Русија го обвини Западот за мешање во Белорусија

Белорусија е потресена од протестите кои почнаа по претседателските избори на 9 август, на кои Лукашенко прогласи победа и му беше доделен шести по ред претседателски мандат. Опозицијата смета дека изборите биле наместени, а западот не ги призна резултатите. Демонстрантите сметаат дека вистински победник е опозициската кандидатка Свјатлана Цихановскаја. Во пресрет на избори во август, таа рече дека доколку биде избрана за претседател ќе врати Уставот од 1994 година, кој ги ограничува претседателските овластувања.

Лукашенко постојано повторуваше дека не планира да се повлече. Претходно, овој месец, тој повтори дека нема намера да му ја предаде власта на некого и ги обвини демонстрантите дека планираат „обоена револуција“, термин кој често се користи за да се опишат прозападни политички пресврти.

„Нема трансфер на власта. Нема наследници. Кој е избран од народот, мора да остане [на власт]“, рече тој на 13 ноември. САД и ЕУ не го признаваат 66-годишниот Лукашенко за легитимен лидер на Белорусија.

Бројот на корона-позитивни во светот надмина 61 милион

Илустрација - Пациенти со коронавирус во Клиничкиот центар Земун во Белград, Србија

Бројот на случаите на зараза со новиот коронавирус во светот од крајот на минатата година досега надмина 61 милион, објави во петокот околу пладне по македонски време американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“ кој ги сумира офицалните податоци од националните власти, како и од медиуми и други отворени извори.

Според пресметките на медицинските стручњаци од споменатиот универзитет, бројот на инфекциите со коронавирусот ширум светот изнесува 61.064.901, а починале 1.433.789 лица кај кои било потврдена болеста Ковид-19.

Тајвански пратеници се гаѓаа со свински црева по кавга за увозот на свинско месо

Пратениците од Националистичката партија не му дозволија на претседателот Цаи Инг-вен да поднесе извештај и се судрија со политичките противници

Пратениците во тајванскиот Парламент денеска физички се пресметуваа и се гаѓаа со свински црева по кавга за новоусвоената политика што ќе овозможи увоз на свинско и говедско месо од САД, јави АП. Премиерот Су Ценг-Чанг требаше да поднесе извештај пред Парламентот кога пратениците од Националистичката партија КМТ, го блокираа неговиот обид за говор со фрлање свински остатоци.

Пратениците од владејачката Демократска напредна партија се обидоа да ги спречат, што резултираше со туркање и размена на удари.

Администрацијата на претседателот Цаи Инг-вен ја укина долгогодишната забрана за свинско и говедско месо од САД во август, што е еден од првите чекори за можен билатерален трговски договор со САД. Таа забрана треба официјално да биде укината во јануари, пренесува АП.

Обновен Националниот контакт центар за економски ковид мерки

Илустрација - Влада на Република Северна Македонија

На иницијатива на вицепремиерот Фатмир Битиќи, Владата донесе одлука за возобновување на Националниот контакт центар, на кој преку бесплатната телефонска линија 0800 00 207, граѓаните во директна комуникација со операторите, кои се професионалци од соодветните институции, ќе може да добијат информации за економските мерки кои ги носи Владата за справување со кризата предизвикана од коронавирусот (КОВИД-19), соопшти владината прес-служба.

Националниот контакт центар започна со полна оперативност од денес, а на повиците на граѓаните, секој работен ден од 08:00-16:00 часот, ќе одговараат лица вработени во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Генералниот секретаријат на Владата, Управата за јавни приходи и Развојната банка на Република Северна Македонија.

Николовски: Одлуките на СДСМ и Владата се усогласени за се што кажа Заев

Зоран Заев и Љупчо Николовски

Вицепремиерот и генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, денеска изјави дека се синхронизрани одлуките и на партијата и на Владата за се што изнел и дообјаснил премиерот Зоран Заев во неговото интервју за бугарската БГНЕС во однос на историјата, а коешто предизвика реакции.

„Имаше објаснувања од претседателот, тоа се ставови и на Владата на СДСМ, граѓаните избраа европска иднина, потребно е лидерство со заштита на сите наши особености, на македонскиот јазик, на македонскиот идентитет. Тоа првпат го добивме после долго време, првпат носиме храбри чекори и одлуки за признавање на нашиот јазик, храбри одлуки со кои државата стана членка на НАТО и го одиме овој европски пат. Така што, синхронизрани се одлуките и на партијата и на Владата во поглед на она што е изнесено и дообјасенто од страна на претседателот на Владата“, изјави денеска Николовски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Премиерот Заев, во завчерашното интервју за БГНЕС, рече дека „Бугарија не е фашизам и дека имаме заедничка историја со Бугарија“, што предизвика протести пред Владата и реакции во јавноста, меѓу кои и од основачот на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој го замрзна членството во партијата се додека СДСМ не се огради од ставот на Заев. Од партијата експресно му одговорија дека кажаното од Заев во интервјуто е став и на партијата.

Русковска за Заев: Не е вештак да каже кој го организирал „27 април“

Обвинителката Вилма Русковска и премиерот Зоран Заев, како сведок, во судница за случајот „Организатори на 27 април“, 27 ноември 2020

Обвинителката Вилма Русковска, по денешното сведочење на премиерот Зоран Заев во случајот „Организатори на 27 април“, изјави дека тој е сведок, а не вештак за да дава мислење кои се организаторите на насилството во Собранието на 27 април 2017 година.

Премиерот Заев денеска во Судот, во својство на сведок на одбраната, рече дека, според неговите сознанија, ексспикерот Трајко Вељановски и бившите министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, не се организатори на настаните во Парламентот од 27 април 2017 година, познати како „крвавиот четврток“, туку биле изманипулирани од Никола Груевски, кој според Заев, е организаторот.

„Премиерот беше викнат во својство на сведок, не на вешто лице да дава свое мислење. Не понуди никакви докази дека овие луѓе не се едни од организаторите. Апсолутно не се сложувам со изјавата дека биле изманипулирани. Обвинетите не се малолетни лица за да може кој било да ги изманипулира особено што долги години беа на една од највисоките функции во државата“, рече обвинителката Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Од ЕУ и СЗО бараат да се зголеми бројот на тестирања за ХИВ

Илустрација

Агенцијата за контрола на болести на Европската унија (ЕУ) и Светската здравствена организација (СЗО) бараат повеќе тестирање за ХИВ, бидејќи многу заразени лица се дијагностицираат премногу доцна, особено во Источна Европа, Русија и Централна Азија. Доцната дијагноза на вирусот што предизвикува СИДА придонесува за постојан пренос на ХИВ, честопати неколку години, и спречува заразени лица да добијат третман за спасување живот.

Извештајот објавен на 26 ноември од страна на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и СЗО покажа дека во 2019 година повеќе од 136.000 луѓе биле ново-дијагностицирани во европскиот регион на СЗО, во кој членуваат 53 земји. Околу 80 проценти од новите дијагнози биле во источниот регион на СЗО, кој ги вклучува Источна Европа, Русија и неколку земји во Централна Азија. Околу половина од дијагнозите се случија доцна во текот на инфекцијата, кога имунолошкиот систем веќе започна да не успева.

„Ова е знак дека стратегиите за тестирање во регионот не работат правилно за рано дијагностицирање на ХИВ“, се вели во заедничкото соопштение на здравствените агенции.

Иако не е познато како КОВИД-19 влијае на тестирањето за ХИВ, регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге предупреди да не се дозволи пандемијата „да ни ја одземе иднината без СИДА што е во наша моќ“.

АЕК бара студија за влијанието на 5G мрежата врз здравјето

Илустрација

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) распиша меѓународен тендер за избор на компанија која ќе изработи научна студија „Влијанието на зрачењата од телекомуникациските уреди и технологии врз здравјето на луѓето и околината – животната средина која не опкружува (4Г, 5Г)”. Тендерот е објавен во Бирото за јавни набавки, а избраната компанија со која ќе биде склучен договор ќе има обврска во рок од шест месеци да ја изработи бараната студија која ќе биде и основа за понатамошните чекори кои ќе ги презема АЕК врзани за развој на безжичните телекомуникациски мрежи во земјава.

„Веројатно ниту една технолошка револуција не поминала без да предизвика страв кај одредена категорија луѓе. Иако, реално, 5Г за обичниот граѓанин ќе значи само надградба на 4Г мрежата којашто сега е во функција, сепак во АЕК постојано пристигнуваат поплаки кои се мотивирани од страв од новата генерација 5Г мрежи и барања да се отстранат антени за кои граѓаните сметаа дека се од новата генерација“, вели Сашо Димитријоски, директор на АЕК.

Тој вели дека со студијата ќе се добие документ каде точно ќе се знае што е во интерес на граѓаните и како стојат работите со 5Г мрежата.

„Денес веќе е дојдена ситуација дотаму што секој нов предавател се смета дека е антена за 5Г мрежа. Па дури имавме ситуација каде две антени без запалени, веројатно од оние кои веруваат во опасноста од 5Г мрежата, кои сметале дека станува збор за такви антени. Затоа и решивме да распишеме меѓународен тендер за избор на компанија која ќе направи сеопфатно истражување, мерење и анализа за влијанието на 5Г мрежата врз здравјето на граѓаните. Веруваме дека со неа ќе имаме документ каде точно ќе се знае што е во интерес на граѓаните и како стојат работите со 5Г мрежата“, вели Димитријоски.


Научната студија, како што е наведено во тендерската документација, треба да даде јасна слика за моменталната ситуација со влијанието на зрачењата од телекомуникациските алатки поткрепена со факти.

Протест во 7 градови: „Оставка на Заев, слобода на народот”

Фотографија од протестот пред Владата по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, Скопје 26 ноември 2020

Под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот”, денеска, во организација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ќе се организираат протести во Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп, Охрид и Битола, како реакција на завчерашното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое тој вели дека „Бугарија не е фашизам, дека Југославија ги делела Бугарија и Македонија и дека со Бугарија имаме заедничка историја“.

Сите седум протестни собири ќе почнат во 18 часот.

„Само со оставка на Зоран Заев, македонските граѓани ќе живеат подобро- стои во соопштението на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани во одбрана на националните интереси“, стои во денешното партиско соопштение.

Вчера во Скопје беше организиран протест со автомобили од спортскиот центар „Борис Трајковски“ до Владата, каде говореше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

За 24 часа во Македонија 639 пријави за неносење заштитна маска

Илустрација

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата Северна македонија, санкционирани се 639 лица за неносење лична заштитна маска на лице, информираше денеска Министерството за внатрешни работи (МВР.)

МВР апелира граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со пандемијата со Ковид-19.

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека пикот на пандемијата со Ковид-19 кај нас бил минатата недела и дека позитивна вест е дека бројот на ковид активни се стабилизира и дека радува фактот дека има повеќе оздравени. Според него, нема потреба од полициски час после 21 часот, бидејќи во тоа време не работат угостителските објекти и не е дозволено групирање на повеќе од четири лица на едно место, и дека поради тоа таков полициски час не би сменил ништо.

Заев: Вељаноски, Јанакиески и Ристовски не се организатори на „27 април“, туку Груевски

Архивска фотографија - Обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски на првото рочиште од судењето за „27 април“

Настаните од 27 април оставија згрозувачки сеќавања за сите нас и се надеваме дека нема да се повтори. Како човек кој бев меѓу првите таргети од насилничката група со намера да одзема животи и да ликвидира. Логично мислам дека има организатори на тој настан. Но, како упатен и информиран како претседател на најголемото мнозинство не мислам дека главни организатори се Миле Јанакиески, спиро Ристовски и Трајко Вељановски, изјави денеска премиерот Зоран Заев, кој сведочеше во случајот „Организатори на 27 април“.

„Според мои сознанија овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски и според мене, како жртва должен да ја зборувам вистината не навлегувајќи во нивните чувства, не мислам дека се организатори туку дека се изманипулирани. Јас сум присутен сите тие 30 дена пред Собранието знам како тогашниот претседател го водеше Собранието знаејќи ги политичките констелации. Не е коректно за правниот систем да се води ваква постапка“, рече Заев во сведочењето на денешното рочиште.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Димитров: Никој нема право нам Македонците да ни кажува за македонскиот јазик

Архивска фотографија - Бугарскиот премиер Бојко Борисов и македонскиот вицепремиер Никола Димитров во Давос

Прашањето на јазикот и на идентитетот е во срцето на внатрешните работи, на суверенитетот на една држава бидејќи е израз на правото на самоопределување, и во таа смисла, ниту еден сосед, ниту една држава нема било каква правна основа во меѓународното право, па и во европското право, нам, на Македонците да ни кажува нешто околу македонскиот јазик, вели македонскиот вицепремиер Никола Димитров во интервју за ТВ Н1, пренесе Македонската информативна агенција (МИА).

Според него, прашањето на јазикот и идентитетот е резултат на еден историски процес и „ние не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме“.

Димитров во интервјуто додава дека и покрај последните случувања на релација Софија - Скопје, по бугарското вето за преговарачката рамка на Северна Македонија и Европската унија, напорите уште продолжуваат.

Тој вели дека Владата на Северна Македонија нема намера да дигне раце и да се откаже од европската иднина, ниту пак има намера да го допре или да дозволи да биде допрен македонскиот идентитет, пренесе МИА.

Полициски час по 21 часот нема да смени ништо, тврди Филипче

Венко Филипче

Од трендовите и од анализите на бројките може да се забележи дека епидемијата со Ковид-19 го достигна пикот пред една недела и од тогаш бројките се стабилизирани, на ниво се на едно плато и тоа ни укажува дека R0 факторот на преносливот е 1, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој потенцираше дека стабилизација се регистрира и кај нас, како и во Европа. Тој смета дека полициски час по 21 часот нема ништо да промени, бидејќи, како што рече, тогаш е прилично празно, не работат угостителските објекти и забрането е групирање на јавни простори.

„Позитивно е што бројот на активни случаи се стабилизира, нешто што исто така се регистрира и во Европа“, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Тој апелираше граѓаните да разберат дека во оваа состојба вирусот сигурно ќе опстане и практично е многу широко распространет.

„За секој еден од нас е ризик, мерките мора да се почитуваат. Очигледно е дека даваат резултати. Го немаме веќе оној нагл пораст на број на пациенти, ниту огромниот притисок кон болниците како што беше пред неколку недели. Тој притисок се уште постои, но не со таков интензитет“, рече министерот.

Тој смета дека позитивна вест се информациите кои се однесуваат на процесите поврзани со вакцините против Ковид-19.

„Веќе има вакцини кои се во завршните фази. Очекуваме ковакс системот да профункционира кога ќе почне да ги даваат. Во координација сме во однос на системот на чување и дистрибуирање. Тоа е одлична вест која следната година веројатно ќе ја смени целокупната слика за пандемијата во светот и во таа насока ќе може да очекуваме и стабилизација“, изјави Филипче.

Премиерот Заев денеска сведок во „Организатори на 27 април“

Архивска фотографија - Повредениот Зоран Заев, 27 април 2017 година

Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година. По сведочењата на неколку поранешни пратеници и актуелни партиски функционери на минатите рочишта, денеска како сведок е повикан премиерот Зоран Заев.

Тој во насилствата во Собранието на 27 април пред три години беше еден од пратениците кои беа повредени по нападот врз нив од дел од граѓаните кои насилно упаднаа во Парламентот.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Во Хрватска обвинети 18 лица за фалсификување документи за мафијаши од Србија и Црна Гора

илустрација

Хрватската канцеларија за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) поднесе обвинение против 18 лица, вклучително и вработени во полицијата, под сомнение дека добиле повеќе од 200 илјади евра за давање хрватски документи на мафијашки групи главно од Србија и Црна Гора. Станува збор за група која наводно била собрана од Нусрет Сеферовиќ, кој беше приведен со неколку соработници на крајот на ноември лани.

Визиите на младите за регионов и „слухот“ на политичарите

Истражителите се сомневаат дека членовите на групата незаконски прибавувале податоци од информативниот систем на полицијата за нивните клиенти и обезбедувале преминување на границата без контрола за најмалку 1.300 евра. За комплет хрватски документи - лична карта и пасош со нивна фотографија и туѓи податоци за идентификација, тие побарале најмалку по 3.500 евра, додека за возачки дозволи наводно зеле најмалку 2.500 евра. Ускок тврди дека групата им обезбедила на своите клиенти од Србија, Црна Гора и Словенија најмалку 41 лична карта и 41 пасош и најмалку 15 лажни возачки дозволи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG