Достапни линкови

Охрид нема да тоне во ѓубре


Јавното комунално претпријатие доби пет нови возила за собирање смет. Градските власти велат дека со тоа Охрид повеќе нема да биде мета на критики дека не се одржува хигиената во градот.

Градските власти во Охрид најавуваат подобрување на нивото на хигиена во градот, откако Јавното претпријатие Охридски комуналец доби пет нови возила за собирање отпад од јавните површини. Со ова Охрид после цели седумнаесет години ќе го обнови возниот парк за оваа намена. Овој проект Општина Охрид го реализира со поддршка на Светска Банка.

Охрид во изминатите години често предмет на критика од гостите или од граѓаните на Охрид, бидејќи возниот парк беше дотраен и застарен.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

„Со оваа инвестиција, „Охридски комуналец“ после подолг период ќе се стекне со можност да го подигне степенот на комунални услуги на повисоко ниво. Со тоа ќе се подигне квалитетот на услуги што претпријатието ги дава на граѓаните на Охрид во смисла на навремена достапност до нив, достапност до сите места каде што претходно имаше потешкотии да се пристапи со старата механизација. Со оваа инвестиција ќе имаме навремено подигање на отпадот и секако подобрување на возниот парк, што од една страна ќе овозможи замена на старите и дотраени возила коишто во изминатиот период создаваа сериозни проблеми во функционирањето“, рече градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Тој вели дека набавката на овие возила ќе ја намали ставката во буџетот на ЈП „Охридски комуналец“ во делот на амортизациони трошоци и трошоци кои што настануваат со сервисирање на старите, дотраени возила.

„Охрид во изминатите години често предмет на критика од гостите или од граѓаните на Охрид, бидејќи возниот парк беше дотраен и застарен. Често имаше откажување на возилата кои предизвикуваа незадоволство кај граѓаните на Охрид, а од друга страна сериозни проблеми во одржување на хигиената на градот“, рече Бакрачески.

Директорката на Охридски комуналец, Елена Скрческа смета дека со овие возила граѓаните ќе добиваат навремена и сигурна услуга.

„Со старите возила ние се соочувавме со секојдневни проблеми од типот на резервни делови кои тешко можевме да ги набавиме. Тоа беше причина да заостануваме во поглед на динамиката на извршување на услугите. Во однос на трошоците за гориво и резервни делови за старите возила трошоците беа многу високи“, рече Скрческа.

XS
SM
MD
LG