Достапни линкови

Вести

Путин ги пофали руските напори во борбата против тероризмот

Рускиот претседател Владимитр Путин изјави дека Москва направила напредок во градењето на широка коалиција во борбата против исламскиот екстремизам и тероризим во Сирија и на други места. Зборувајќи денеска на прес-конференција во Казахстан, Путин рече дека Русија воспоставила контакт со Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Јордан и со Израел за да разговараат за борбата против тероризмот. Тој исто така ги повика сите земји да се „вклучат во работата“ на информативниот центар во Багдад, кој е заеднички основан од Русија, Сирија, Ирак и Иран. Рускиот претседател ја пофали ефективноста на руските воздушни напади против групата на Исламската држава во Сирија. САД и други земји велат дека руските воени акции во Сирија се во насока на зацврстување на владата на претседателот Башар ал-Асад со таргетирање на цели и групи кои се борат против него.

види ги сите денешни вести

Алтернатива одлучи да влезе во Владата

Африм Гаши и Зоран Заев

Партијата Алтернатива ќе биде дел од Владата и од парламентарното мнозинство, одлучи вечерва Цeнтралниот совет, највисокото тело на партијата.

Како што по состанокот изјави партискиот портпарол Орхан Муртезани, одлуката била донесена со мнозинство гласови во Централниот совет.

„Алтернатива одлучи да се приклучи на парламентарното мнозинство и да биде дел од оваа влада. Сметаме дека затворањето на спорот со Бугарија не е само државна, туку и албанска цел, затоа што со затворањето на тоа прашање, се отвора патот на целиот регион кон ЕУ. Дополнително, се договоривме Владата да бара меѓународна истрага за случаите каде што има сомнежи за политичка импликација, како што се: Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу итн. Договоривме и точки кои се однесуваат на правичниот регионален развој, економскиот развој на Липковско, заштитата на семејството како јадро на општеството, што е нашата основна програмска дефиниција, но и заштита на цената на струјата, која е исклучително важна во ова време“, изјавија вечерва од партијата.

На оваа одлука ѝ претходеа три средби на партиските лидери Африм Гаши и Зоран Заев. Преговорите за влез на Алтернатива во Владата и за придружување на нејзините 4 пратеници на парламентарното мнозинство почнаа по напуштањето на Беса на Владата и по неуспешниот обид за изгласување на недоверба на Владата на Заев.

По вечерашната одлучувачка средба на највисокото тело на партијата Алтернатива не беа соопштени детали за евентуална распределба на ресори и позиции. Најавено беше само дека лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и лидерот на СДСМ во оставка, Зоран Заев, утре во 13 часот ќе потпишат и официјален документ за оваа одлука.

Протести и блокади во Белград и ширум Србија, евидентирани неколку инциденти

Блокади и протести во Белград, 4 декември 2021

Во Белград и во над 50 населени места ширум Србија на повик на иницијативата „Тргни промени“ и голем број движења собрани околу Еколошкото востание денеска се одржаа повеќечасовни масовни протести со блокади на повеќе патни магистрали, меѓу кои и Ибарска магистрала, со учество на повеќе илјади граѓани, на кои беа забележани неколку инциденти.

Протестите се организираа со барање за ослободување на сите уапсени во протести од минатата сабота, повлекување на Законот за експропријација и измени на Законот за референдум и народната иницијатива, а на истите не беше видливо присуството на унифомирираната полиција.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој беше на средба со граѓаните во околината на Лозница заради изградба на рудникот за литиум на Рио Тинто изјави дека нема да го укине Законот за референдум, наведувајќи дека Србија нема да ја водат оние кои нема да победат на изборите.

„Саво Манојловиќ (активист на Тргни промени) изјави дека ако не го укинам Законот за референдум, а не ми паѓа на памет да го укинам, веќе го потпишав. Ниту Рокфелер, ниту Манојловиќ нема да ја водат Србија, освен ако не победат на избори,“ истакна Вучиќ.

Најмасовни протестите беа во Белград, на мостот Газела, како и на Мостарскиот јазол и Славија, кај Сава Центар, а блокади имаше и на Панчевскиот мост, Пупиновиот мост, Теразије, Бранковиот мост и во друго делови на Белград. Беа забележани неколку инциденти и провокации, меѓу кои и фрлањето на факели на група од 20 маскирани лица од мостот Газела врз демонстраните. Во Белград меѓу демонстрантите беа и лидерите на опозицијата, меѓу кои Драган Ѓилас, Мариника Тепиќ, поранешниот премиер Зоран Живковиќ и други.

Протести со блокади се одржаа и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Крушевац, Ужице, Зрењанин, Јагодина, Нови Пазар, Лесковац, Врање, Шабац или во околу 50 градови во Србија.

Четворица студенти беа нападнати и претепани во Нови Сад од триесетина млади момчиња, сите облечени во црно. Марко Максимовиќ, еден од претепаните студенти, за Н1 изјави дека тој и тројца негови другари биле тепани и малтретирани без причина. Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека секоја сообраќајна блокада и одржување нерегистрирани собири е прекршување на законот и дека целата одговорност за се што може да се случи на ваквите собири е исклучиво на нивните организатори.

Еден од организаторите на протестот, Манојловиќ од организацијата Тргни промени, за Н1 изјави дека е тешко да се процени колку луѓе имало на денешните протести, бидејќи тоа би било субјективно и додаде дека нема да се откаже додека не се повлече Законот за експропријација и измените на Законот за референдум и народни иницијативи.

Нови 355 случаи на ковид 19, деветмина починале

илустрација

Во последните 24 часа направени се 3.042 тестирања, а регистрирани се 355 нови случаи на ковид 19, информира Министерството за здравство, согласно податоците на Институтот за јавно здравје.

Најголем број од нив се во Скопје 152 случаи, потоа Битола – 38, Кавадарци – 25, Прилеп – 24, Куманово и Охрид – по 17, Велес – 14, Радовиш – 9, Делчево – 6, Штип и Ресен – по 5, Тетово, Струмица, Кочани, Гевгелија и Крива Паланка – по 4, Неготино, Виница, Пробиштип и Валандово – по 3, Крушево и Македонски Брод – по 2, Кичево, Свети Николе, Кратово, Богданци, Демир Хисар, Македонска Каменица и Пехчево – по 1.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 9 починати лица. Сите пријавени лица се починати во болнички услови. Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид 19 од Мој Термин, пријавени се 6 починати лица со датум на смрт од 31.08.2021 до 01.12.2021.

Во последните 24 часа регистрирани се 329, додека останатите 1.980 оздравени се административно затворени случаи од периодот 16.09 - 31.10.2021. Досега во земјата се направени вкупно 1.481.925 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 217.025, бројот на оздравени пациенти е 203.325, на починати е 7.631, а бројот на активни случаи изнесува 6.069

Потписи за референдум против ковид сертификатите во Хрватска

Протести против ковид потврди, Загреб, ноември 2021

Во Хрватска во организација на десничарската партија Мост почна соборање на потписи за референдум за укинување на ковид потврдите во државните и јавните институции. За да се организира референдумот, во следните две недели, до 18 декември, потребно е да се соберат околу 370.000 потписи од граѓаните.

Доколку тоа се случи, граѓаните би решиле во рок од 30 дена да ги укинат ковид сертификатите за влез во јавните и државните институции, но и да ги префрлат надлежностите од Националниот штаб за цивилна заштита, кој носи епидемиолошки мерки, на Собранието. Потписи се собираат на околу 1.200 места низ Хрватска.

„Мост не е против мерките, но бараме тие да бидат конзистентни, епидемиолошки засновани и недискриминаторски“, изјави пратеничката на Мост, Марија Селак Распудиќ.

Според неа, алтернативи на ковид сертификатите би било тестирање на ранливите групи во сите институции и почитување на епидемиолошките мерки.

Инаку сертификатите за ковид докажуваат дека некој е вакциниран, дека прележал ковид 19 или е негативен. А за оние кои не биле вакцинирани или прележале Ковид, се воведува мерка задолжително тестирање за коронавирус.

Вест ги повика Талибанците да ги почитуваат правата на жените во Авганистан

Специјалниот претставник на Соединетите Држави за Авганистан, Томас Вест

Специјалниот претставник на Соединетите Држави за Авганистан, Томас Вест го поздрави декретот на Талибанците кој повикува на спроведување на одредени права на жените, но додаде дека е потребно многу повеќе за да се заштитат нивните права „во секој аспект на авганистанското општество“.

Указот беше издаден поради длабоката загриженост на западните влади, Обединетите нации и групите за човекови права за кршење на правата откако Талибанците ја презедоа власта во август.

Милитантите се под притисок да формираат инклузивна влада и да ги заштитат правата на сите Авганистанци, вклучително и малцинствата и жените.

„Го поздравувам денешниот декрет кој го зајакнува правото на жената да определи дали и со кого ќе се омажи. Во исто време, потребно е многу повеќе за да се обезбедат правата на жените во секој аспект на авганистанското општество, вклучувајќи ги училиштата, работните места, политиката и медиумите“, напиша на Твитер, Вест.

Декретот на Талибанците повикува на спроведување на голем број права на жените за бракот и правата на вдовицата кои се веќе вградени во шеријатскиот закон, но не ги спомнува клучните области кои предизвикуваат загриженост кај групите за права и западните влади, како што се образованието и работата.

На огромното мнозинство авганистански жени и на многу девојки им е забрането да работат, додека на жените им е одземено правото на образование, откако Талибанците ја презедоа власта.

Додик: Путин вети дека Русија нема да го поддржи Шмит

Милорад Додик и Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин цврсто увери дека Русија нема да го поддржи назначувањето на високиот претставник Кристијан Шмит пред Советот за безбедност на Обединетите нации, рече Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ).

Зборувајќи за неговата посета на Русија и разговорот со Путин во Москва во четвртокот на 2 декември, Додик истакна дека најмногу се разговарало за прашањата во БиХ.

Тој додаде дека пораките на Путин се јасни дека Русија е за почитување на Дејтонскиот договор и дека контактите на РС со Русија ќе продолжат да бидат директни, односно „без назначување специјални пратеници“.

„Русија е сведок на потпишувањето на Дејтонскиот договор. Русија има намера да земе активно учество во извршувањето на својата улога. Разговаравме за се што досега се правеше за измени на Дејтонскиот договор, а сега од шпекулативни причини се адресира до Република Српска“, рече Додик, наведувајќи дека Русија е на мислење дека домашните актери мора да преземат одговорност за решавање на проблемите во БиХ.

Додик рече и дека го информирал Путин за желбата да се вратат надлежностите од ниво на БиХ на ниво на РС и рече дека очекува на следната седница да биде познат датумот на специјалната седница на Народното собрание на РС. Според Додик, тема на разговор со Путин била и поддршката во изградбата на српско-рускиот храм во Бања Лука. Додик истакна и дека се договорил со руски ГАСПРОМ за изградба на гасовод низ Република Српска. Меѓудругото додаде и дека го информирал Путин дека „немаме намера да се движиме кон НАТО“.

Папата Франциск изрази почит за договорот од Преспа

Папата Франциск пристигнува во Атина, 4 декември 2021

Почит за „тешкиот пат што доведе до Договорот од Преспа, потпишан меѓу Грција и Северна Македонија“, изрази папата Франциск во неговото обраќање за време на свеченоста во претседателската палата во Атина, во присуство на претставници на грчкиот државен врв, јави дописничката на МИА од Атина.

Папата, ги спомена актуелните предизвици, климата, пандемијата, заедничкиот пазар и пред сè, распространетоста на сиромаштијата, истакнувајќи дека се „предизвици кои бараат од нас конкретно и активно да соработуваме“.

„Тоа ѝ е потребно на меѓународната заедница, за да отвори патишта за мир преку мултилатерализам, кој нема да заврши да биде задушен од прекумерните националистички претензии. Ова ѝ е потребно на политиката, за да ги стави заедничките потреби пред приватните интереси. Можеби изгледа како утопија, безнадежно патување во бурно море, долга и недостижна одисеја. А до целта стигнува ако е водена од желбата за домот, од потрагата заедно да одиме напред, од носталгијата. Во таа насока, би сакал да ја обновам мојата почит за тешкиот пат што доведе до Договорот од Преспа, потпишан меѓу оваа Република и таа на Северна Македонија“, порача папата во неговото обраќање.

На присутните, во Премиерската палата во Атина, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министри од неговата Влада, претставници на црквата, како и новинари, говор одржа и претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу. Папата Франциск утрово пристигна во тридневна посета на Грција и оствари средби како со Сакалеропулу, така и со Мицотакис

Прифатени три, одбиена една кандидатура за претседател на СДСМ

илустрација

Централната изборна комисија на СДСМ одлучила дека три од четирите поднесени кандидтури за лидер на партијата ги содржат сите потребни документи и ги исполнуваат сите услови согласно правилатакои беа распишани, соопшти денека Славјанка Петровска на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање до каде е верификацијата на кандидатурите.

„Рокот за поднесување на кандидатури за претседател истече вчера, поднесени се четири кандидатури. Денеска согласно правилата заседаваше Централната изборна комисија и одлучија дека три кандидатури се целосни со сите потребни документи и услови согласно правилата и условите кои беа распишани, а една кандидатура не е и таа е отфрлена со одлука на Централната изборна комисија и кандидатот кој ја поднесе е известен за тоа.“, рече Петровска.

Кандидатури поднесоа Фросина Ременски, Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Властимир Алексовски.

Вонредниот конгрес на СДСМ на кој треба да се избере нов лидер ќе се одржи на 12 декември.

Петков: Бугарија треба да го преиспита пристапот кон Северна Македонија на конструктивен начин

Кирил Петков

Една од првите задачи на новиот министер за надворешни работи на Бугарија и идниот бугарски премиер е да се формираат работни групи меѓу Бугарија и Северна Македонија кои ќе опфатат различни области. Ова го коментираше Кирил Петков, лидерот на „Продолжуваме со промената” која победи на парламентарните избори во Бугарија, во програмата „Седмицата“ на бугарското приватно национално радио „Дарик“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Петков, овие работни групи треба да бидат слични на оние во преговорите меѓу идните коалициски партнери во Бугарија, односно да има работни групи за економија, инфраструктура, култура, историја, човекови права и да почнат да работат на секоја од овие теми што е можно потранспарентно, за да можат двата народа да се запознаат со реалните теми и секој да почне да размислува која е цената ако нема добрососедство меѓу двете земји и обратно – какви се успесите ако има вистинско добрососедство.

Според Петков, на тој начин темата за историјата, која не треба да се игнорира, ќе стане една од темите на разговор, но нема да биде единствена.

Петков рече дека за да стигне до Скопје со авион морал да лета преку Виена и праша зошто нема железничка линија која ќе ги поврзе Бугарија и Северна Македонија. Тој праша и зошто не се одржуваат конференции за различни индустрии, со што ќе се поврзат бизнисите на двете земји да работат заедно и зошто нема заеднички концерти.

„Да ги имавме овие работи, како би изгледале нашите економии? Тогаш подготвеноста за компромиси за прашања што се важни за нас како народ и за нив како народ би требало полесно да ги решаваме“, коментираше Петков.

Тој истакна дека добрите резултати, доаѓаат преку работа, а не преку добри идеи и слогани, додавајќи дека е најтешко кога лидерите не се виделе или ако се гледаат на секои шест месеци.

ССМ најави голем работнички протест, можен е и генерален штрајк

Сојуз на синдикати на Македонија ССМ

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека на 12 декември, со почеток во 12 часот и 12 минути во Скопје ќе организираат протест со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови и на сите работници од работниот однос.

Од ССМ велат дека поттикнати од актуелната општествено- економска социјална состојба, недостатокот на слух од страна на државните институции за нивните поднесени барања, тие на протестот ќе побараат исполнување на следниве барања: усвојување на измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор согласно договореното на Економскиот – социјален Совет по пат на социјален дијалог. Понатаму бараат измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60% од просечната плата, односно истата да се зголеми најмалку на 18.000 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата.

Од ССМ бараат и потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор и потпишување на Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството

„Во наредниот период, а во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, ССМ ќе повика на генерален штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок, на начин определен од страна на штрајкувачки одбор. Се обраќаме до сите работници и граѓани (пензионери, стечајни работници, невработени, студенти) на оваа држава кои се засегнати од сите овие прашања, како и други прашања во врска со нивната егзистенцијална положба, да ни се придружат и да ни дадат поддршка, односно безрезервно да ни се приклучат во сите активности што на овој план ќе ги преземеме во наредниот период зошто колку сме побројни толку сме посилни и погласни за обезбедување на нашите права“, соопштија од ССМ.

Макрон: Можна е заедничка мисија на европските земји во Авганистан

Емануел Макрон

Неколку европски земји работат на отворање на заедничка дипломатска мисија во Авганистан, што ќе им овозможи на нивните амбасадори да се вратат во земјата, рече францускиот претседател Емануел Макрон денеска. Соединетите Држави и другите западни земји ги затворија своите амбасади и ги повлекоа дипломатите кога Талибанците го зазедоа Кабул во август 2021 година. Тогаш Талибанците формираа привремена влада чии членови се под санкции на САД и на Обединетите Нации.

„Размислуваме да организираме неколку европски земји на заедничка локација. Тоа ќе им овозможи на нашите амбасадори да бидат присутни“, рече Маркон во Доха пред да замине за Саудиска Арабија.

Соединетите Држави и европските земји не сакаат формално да го признаат талибанското движење и ги обвинуваат новите власти дека не ги исполниле ветувањата за политичко и економско вклучување и поддршка за правата на жените и малцинствата, пишува Ројтерс.

„Ова е различен демарш од политичкото признавање или политичкиот дијалог со Талибанците. Ќе имаме претставништво штом можеме да го отвориме“, изјави Макрон.

Во изјавата пред седум дена, по разговорите со Талибанците, ЕУ ја спомена можноста за отворање дипломатска мисија во блиска иднина.

Меркел: Сфатете го вирусот сериозно, вакцинирајте се!

Ангела Меркел

Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел повика на солидарност во борбата против ширењето на коронавирусот и го обнови својот апел за повеќе вакцини.

„Ние сме во средината на овој четврти бран на пандемијата во многу сериозна ситуација, во некои делови од нашата земја може да се нарече само драматично. Сфатете го сериозно овој вирус “, рече Меркел во нејзината последна неделна видео порака објавена денеска.

Меркел се осврна на „преполнетите оддели за интензивна нега“, сериозно болните пациенти кои мораа да бидат превезени низ Германија и „ужасно високиот број“ на луѓе на кои вирусот ги чинеше нивните животи.

„Секој од нив остава зад себе семејства или пријатели, вчудоневидени, беспомошни. Ова е особено горчливо затоа што сето ова може да се избегне, со ефективни и безбедни вакцини, ние го држиме клучот“, рече таа.

Меркел им се заблагодари на луѓето „кои се разумни и разбирливи во ова тешко време“ и се задржа на правилата за самозаштита и грижа за другите. Таа додаде дека следните тешки недели може да се надминат само со заеднички напор. Меркел ја напушта функцијата следната недела, а како канцелар ќе ја наследи Олаф Шолц од Социјалдемократите (СПД). Шолц ќе води коалиција со Зелените и про-бизнис ФДП.

Се замрзнуваат цените на основните прехранбени производи

илустрација

На предлог на Министерството за екомија, Владата на денешната седница донесе одлука за замрзнување на цените кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало, објави на својот фејсбук профил министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој наведе дека се замрзнуваат цените на лебот, шеќерот, брашното, маслото за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомеснати производи и сирењето и урдата.

Исклучени се цените на привремените попусти кои важеле на 1 декември 2021 година. Оваа одлука ќе важи до 31 јануари 2022 година.

Франција евакуираше уште 330 лица од Авганистан

илустрација

Франција спроведе уште еден лет за евакуација од Авганистан, при што успешно пренесе околу 330 лица од земјата под контрола на Талибанците, соопшти француското Министерство за надворешни работи. Летот евакуираше 258 Авганистанци, 11 Французи, околу 60 холандски државјани и неодреден број луѓе поврзани со нив, соопшти министерството.

Операцијата беше олеснета од Катар, кој помогна во посредувањето меѓу западните сили и талибанците во последно време години. Од 10 септември, Франција евакуираше околу 400 Авганистанци и 110 француски државјани од Кабул со помош на Катар, додаде ресорното министерство.

Во него се вели дека Франција и Катар заеднички оперирале хуманитарна мисија на 2 декември за испорака на медицинска опрема, храна и зимски резерви на меѓународните организации кои работат во Авганистан. Авганистан доживеа голем пад на меѓународната помош откако Талибанците ја презедоа контролата врз земјата во средината на август, што ја влоши и онака тешката хуманитарна криза.

СЗО: Се уште нема пријавени смртни случаи од омикрон

илустрација

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека нема пријавени смртни случаи од новата варијанта омикрон во скоро 40 земји кадешто се појавила. СЗО повтори дека допрва ќе треба време да се утврди колку е заразна варијантата, дали предизвикува потешка болест и колку ефикасни третмани и вакцини се против неа.

Раните докази сугерираат дека многу заразната варијанта, која за прв пат беше идентификувана во Јужна Африка минатата недела, може да предизвика поблаги симптоми од нејзините претходници, вклучително и делта, која сега е доминантен глобален вид. Сепак, голем број луѓе заразени со Омикрон се хоспитализирани.

Варијантата омикрон се шири во време кога болниците во некои земји веќе се наполнети од напливот на делта. Здравствената агенција на Европската Унија предупреди дека омикрон може да предизвика повеќе од половина од случаите на ковид 19 во Европа во следните неколку месеци. Како можен знак за многу заразната природа на Омикрон, новите случаи на ковид 19 во Јужна Африка скокнаа од околу 200 дневно во средината на ноември на повеќе од 16.000 на 3 декември.

Прелиминарната студија на истражувачите во Јужна Африка сугерираше дека омикрон има три пати поголема веројатност да предизвика реинфекции во споредба со делта или претходните соеви.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG