Вести
Русија втор ден извршува воздушни напади во Сирија
Руски авиони наводно втор ден бомбардираат цели во Сирија, додека Саудиска Арабија повика итно да запрат воздушните напади и додека Кремљ се обидува да се одбрани од обвинувањата дека нејзините авиони не ја напаѓаат групата на Исламската држава. Во услови на зажриженост на САД и Саудиска Арабија поради најголемата интервенциаја на Москва надвор од поранешниот Советски Сојуз, по војната во Авганистан во 1980 година, се очекува војските на Русија и САД наскоро да одржат консултации за избегнување на случајни меѓусебни судири во Сирија. Американскиот државен секретар Џон Кери рече дека такви консултации можат да бидат одржани на 1 октомври, додека рускиот министер за надворешни работи Џон Кери рече дека треба да се „воспостават канали за комуникации за да се избегнат ненамерни инциденти.“
види ги сите денешни вести
Зеленски ја потврди втората испорака на ловци Ф-16 од Данска
Данска го испорача вториот контингент повеќенаменски борбени авиони Ф-16 на Украина, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во пораката на Телеграм, Зеленски ја пофали Данска и изрази жалење за недостатокот на посветеност од другите сојузници, јави агенцијата АФП.
„Првите авиони што ги даде Данска веќе соборуваат руски ракети, спасувајќи го нашиот народ и нашата инфраструктура. Сега нашата воздушна одбрана е дополнително зајакната. Доколку сите партнери беа толку решени, ќе можеме да го направиме рускиот терор невозможен“, напиша Зеленски.
Зеленски денеска, 7 декември, треба да се сретне со светските лидери на церемонијата по повод повторното отворање на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз по катастрофалниот пожар што ја зафати катедралата во 2019 година.
Домаќин на церемонијата е францускиот претседател Емануел Макрон.
Меѓу присутните ќе бидат и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, како и европски лидери, кои, како што јави агенцијата АП, сакаат да го убедат да ја задржи поддршката за Украина против тригодишната руска инвазија.
Не е наведено дали Трамп ќе се сретне со Зеленски.
Нордиско-балтичките земји и Полска ветија дека ќе ја засилат поддршката за Украина, вклучително и во обезбедување на повеќе муниција за зајакнување на капацитетите за одвраќање и за одбрана од хибридни напади.
Лидерите на Данска, Естонија, Финска, Латвија, Норвешка, Полска и Шведска, кои се состанаа на 27 ноември, во близина на Стокхолм, во заедничко соопштение наведоа дека се подготвени да ги засилат санкциите против Русија и против поддржувачите на нејзината инвазија во Украина.
Студенти мирно блокираа раскрсница во центарот на Белград
Студенти на техничките факултети во Белград 15 минути блокираа раскрсница во центарот на Белград за уште еднаш молчејќи да им оддадат почит на 15 лица кои загинаа откако врз нив се урна настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Протестот кај споменикот на Волкот симболично започна во 11 часот и 52 минути, што е време на уривање на бетонската настрешница од зградата на Железничката станица.
Како што јави агенцијата Бета, блокадата на 7 декември поминала мирно, а возилата запреле без да го нарушат молкот.
Групи граѓани, активисти, студенти и претставници на опозицијата со недели ја организираат акцијата „Стоп, Србија“ во градовите низ Србија, при што им оддаваат почит на жртвите со 15 минутна блокада на улиците и повикуваат на одговорност од властите.
Во изминатите десет дена, протестни блокади има на десетици факултети во градовите низ Србија.
Студентите кои блокираа четири државни универзитети во земјава - Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац - бараат објавување на тајните документи за реконструкција на Железничката станица и отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените студенти за време на протестите што следеа по несреќата.
Од полицијата бараат да поднесе кривични пријави за лицата кои на протестите физички нападнаа студенти и професори.
Бараат и итна потврда на нивниот идентитет, како и разрешување од јавните функции доколку ги извршуваат.
Покрај блокадите на факултетите и акциите „Стоп, Србија“, по несреќата во Нови Сад беа организирани и низа протести.
Вкупно 15 лица загинаа, а двајца беа потешко повредени во несреќата на Железничката станица во Нови Сад. Несреќата се случи само неколку месеци по свеченото отворање на станицата по тригодишна реконструкција.
Владините претставници ги осудуваат протестите и блокадите, обвинувајќи ги претставниците на опозицијата за предизвикување немири.
Уапсени се 13 лица под сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата.
Меѓу нив беше и поранешниот министер за градежништво и транспорт Горан Весиќ, кој по неколку дена беше ослободен од притвор.
Војниците на Башар ал-Асад се повлекуваат од јужна Сирија за да го одбранат Хомс
Сириската армија, под контрола на владата во Дамаск, се повлече од повеќето јужни области, вклучително и два провинциски главни градови, оставајќи ги под контрола на опозициските борци, јави агенцијата АП, повикувајќи се на извештаи на сириската армија и на опозициски воени набљудувачи.
Повлекувањето на владините сили од провинциите Дара и Свеида следуваше откако војници беа испратени во централните области околу Хомс, третиот по големина град во Сирија, додека бунтовниците се затворија во неговите предградија.
Брзиот напредок на бунтовниците претставува шокантен пресврт за сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој се чини дека во голема мера е оставен да се грижи за себе додека неговите поранешни сојузници се преокупирани со други конфликти, според АП.
Рами Абдурахман, шеф на Сириската опсерваторија за човекови права (организација која ја следи војната), на 7 декември објави дека ирански воени советници почнале да ја напуштаат Сирија.
Тој додаде дека борците поддржани од Иран во источна Сирија, главно од Авганистан и Пакистан, се повлекле во централна Сирија.
Ненадејниот напад започна на 27 ноември кога џихадистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) го зазеде северниот град Алепо, најголемиот во Сирија, како и централниот град Хама, четвртиот по големина.
Оваа група потекнува од Ал Каеда, а Обединетите нации и САД ја прогласија за терористичка организација.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека владините трупи ги напуштиле повеќето од двете јужни провинции и испраќаат засилување во Хомс, каде се очекува голема битка.
По падот на градовите Дара и Свеида утрото на 7 декември, сириските владини сили сè уште контролираат пет провинциски центри - Дамаск, Хомс и Кунеитра, како и Латакија и Тартус на брегот на Средоземното Море.
Тартус е дом на единствената руска поморска база надвор од поранешниот Советски Сојуз, додека Латакија е дом на голема руска воздухопловна база.
Десетици уапсени во полициска акција против проевропските демонстранти во Грузија
Грузиската полиција уапси неколку десетици демонстранти во деветтата последователна ноќ на проевропски протести во Тбилиси насочени против одлуката на владата да ги прекине преговорите за пристапување во Европската унија(ЕУ).
Демонстрантите бараат нови избори и враќање на курсот кон европска интеграција.
Безбедносните сили употребија солзавец и водени топови за да ги растераат илјадниците луѓе собрани пред парламентот во Тбилиси вечерта на 6 декември.
Демонстрациите беа главно мирни додека полицијата не почна да ја расчистува областа, јави агенцијата АФП.
Судирите избија кога полицајците почнаа да ги апсат демонстрантите, додека тие пукаа со огномет кон безбедносните сили, според АФП.
Полицијата соопшти дека се уапсени 48 лица поради непочитување на легитимни полициски наредби и ситно хулиганство.
Кризата во Грузија трае откако владејачката партија Грузиски сон прогласи победа на изборите на 26 октомври. Владата, која критичари ја обвинуваат за зголемен авторитаризам и зближување со Русија, минатата недела објави прекин на преговорите за пристапување во ЕУ, што предизвика нов бран протести.
Партијата Грузиски сон, која е на власт повеќе од една деценија, во последните години донесе контроверзни закони кои го таргетираат граѓанското општество, независните медиуми и ги ограничуваат правата на ЛГБТК заедницата.
Брисел предупреди дека таквите политики се некомпатибилни со членството во ЕУ, додека домашните критичари ја обвинуваат владата дека ја копира тактиката на Русија.
Интелектуалци од албанската заедница испратија писмо до Уставен суд за Законот за јазици
Повеќе од 250 интелектуалци - Албанци испратија отворено писмо до Уставниот суд, во кое бараат да не ја укинува службената употреба на албанскиот јазик, во пресрет на седницата на судот на 11 декември на која ќе се одлучува за повеќе оспорени одредби во Законот за јазици.
Меѓу потписниците се и ректорите на три универзитети на албански јазик: Абдулменаф Беџети – Универзитет на Југоисточна Европа, Јусуф Зејнели – Универзитет во Тетово и Изет Зеќири – Универзитет „Мајка Тереза“.
„Од она што сме имале можност да го слушнеме од вас, почитувани судии, како и од некои високи политички претставници (како на пример, изјавите на премиерот Мицковски, кој тврди дека ќе се укинат само два-три члена од законот), имаме причина да се сомневаме дека можете да станете учесници во остварување на сценарио со политички мотиви, кое го има за цел токму она што отворено се декларира на највисоко државно ниво“, се вели во писмото.
Потписниците изразуваат надеж дека дека уставните судии нема да дозволат сценарија „кои ги повредуваат чувствата на секој албански државјанин“.
„Ваквата постапка би ја поткопала довербата на граѓаните, особено на Албанците, во функционирањето на институцијата што ја застапувате и од која се очекува да носи одлуки самостојно, според сопствени убедувања, врз основа на Уставот и законите, а не според политички влијанијe, од било која страна да доаѓале тие“, се вели во писмото.
Според потписниците, досегашната работа на Уставниот суд предизвикувала тензии и незадоволство, секогаш кога тој донесувал еднострани и самоволни одлуки, кои довеле до сериозни последици врз меѓуетничките односи.
Демократска унија за интеграција (ДУИ) соопшти дека доколку Уставниот суд одлучи да ги укине оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците, „последиците ќе бидат непоправливи“.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не постои опасност по безбедноста во државата по предупредувањето на ДУИ.
Уставните судии Осман Кадриу и Насер Ајдари соопштија дека ќе ја бојкотираат седницата, бидејќи сметаат дека ќе дојде до надгласување и затоа не сакаат да учествуваат кога се расправа за прашања од албански национален карактер со извесен епилог.
Законот за употреба на јазиците беше оспорен во 2019 година, со 12 иницијативи поднесени од граѓани, политички партии(меѓу кои владеачката ВМРО-ДПМНЕ) и здруженија. Тие го спорат Законот во целина и најголем дел од членовите одделно, како и Указот за прогласување на Законот затоа што не беше потпишан од тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов.
Неоспорен остана само ставот 1 од членот 1 кој вели дека на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Свеченото отворање на реновираната катедрала Нотр Дам ги собира светските лидери
Француска катедрала Нотр Дам повторно ги отвора вратите на 7 декември, за прв пат по разорниот пожар во 2019 година кој речиси го уништи споменикот стар 861 година.
Реставрацијата за само пет години на катедрала за која во минатото биле потребни речиси два века да се изгради се смета за момент на триумф на францускиот претседател Емануел Макрон, јави агенцијата АП.
На актуелната прва дама на Соединетите Американски Држави, Џил Бајден, британскиот принц Вилијам и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе им се придружат речиси 50 шефови на држави и влади, како и многу познати личности.
На церемонијата ќе присуствуваат вкупно 1.500 гости.
Наместо планираниот почеток на свеченостите на плоштадот пред катедралата, поради прогнозата на силни ветрови за сабота навечер во Париз, Елисејската палата и Париската надбискупија најавија дека целата церемонија ќе се одржи во Нотр Дам.
Во недела, архиепископот Улрих ќе ја предводи првата миса и ќе го освети новиот олтар на катедралата дизајниран од уметникот Гијом Барде, како замена за олтарот уништен во пожарот.
На мисата ќе присуствуваат речиси 170 епископи од Франција и од странство, заедно со свештеници од сите 113 парохии на париската надбискупија.
Отворањето на Нотр Дам доаѓа во време на длабоки превирања во светот, со војни кои беснеат во Украина и на Блискиот Исток.
Оваа церемонија, според АП, ќе биде многу неопходен поттик за претседателот Макрон, кој се соочува со големи политички предизвици по неодамнешната оставка на францускиот премиер Мишел Барние, што дополнително ја влоши политичката ситуација во земјата.
Барние поднесе оставка на 5 декември откако пратениците од екстремната десница и левица гласаа за пад на неговата влада.
На толпата ќе им се обрати францускиот претседател, кој повторното отворање на Нотр Дам го нарече „искра на надеж“.
Поради отварањето на Нотр Дам, Париз ќе биде под засилени безбедносни мерки, слични на оние за време на Олимпијадата на почетокот на оваа година.
Трибините долж јужниот брег на Сена ќе бидат домаќини на 40.000 гледачи, кои ќе можат да ја следат церемонијата на големи екрани.
По катастрофата во 2019 година, скоро милијарда долари во донации беа брзо собрани од целиот свет.
Сообраќајот се одвива по влажни коловози, да се внимава на одрони
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по претежно влажни коловози. Сите патни правци се проодни без забрани и ограничувања за сообраќај, соопштија од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Намалена видливост поради појава на магла има на планинскиoт премин Ѓавато.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На сила е обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2025 година.
Временска прогноза - променливо облачно со врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, пообилни во источните делови каде ќе наврнат до 20 литри на квадратен метар, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).
На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Попладне облачноста ќе се намали, врнежите ќе престануваа и ќе започне да дува умерен ветер. Минималната температура ќе биде од 3 до 7 целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени целзиусови степени.
Во Скопје ќе биде претежно облачно со повремен дожд, особено претпладне. Ќе дува слаб, а попладне умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 8 целзиусови степени.
Според најавите од УХМР, утре кон крајот на денот и во текот на ноќта кон понеделник ќе има нови врнежи од дожд, пообилни во западните делови. Потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремен локален дожд и снег.
Од недела до среда по котлините ќе има услови за појава на магла.
Инциденти на блокадите поради несреќата во Нови Сад, повредени музичари на белградската филхармонија
Акцијата „Запри Србија“, со која се оддава почит на жртвите од падот на настрешницата од Железничката станица во Нови Сад и се повикува на кривично гонење на одговорните, беше организирана на 6 декември на повеќе локации во градовите низ Србија.
Акцијата ја одбележаа неколку инциденти. Четворица музичари на белградската филхармонија, кои се приклучија на една од блокадите, беа повредени кога автомобил налета на групата граѓани кои стоеја во центарот на Белград.
Групи српски граѓани, активисти, студенти и претставници на опозицијата со недели организираат 15-минутна тивка улична блокада секој петок, почнувајќи од 11:52 часот, времето кога се случи трагедијата во Нови Сад на 1 ноември.
Четворица повредени музичари на белградската филхармонија се пренесени во Ургентниот центар, откако автомобил налета на блокадата на улицата Узун-Мирко.
Филхармонијата најостро го осуди чинот на насилство врз музичарите при изразување на нивното лично граѓанско мислење и ги повика органите на прогонот да направат се што е во нивна моќ во врска со инцидентот.
Истовремено, дел од вработените во Народниот театар блокираа дел од улицата „Француска“ во центарот на главниот град. Таму немаше никакви инциденти.
Како што неофицијално дознава Радио Слободна Европа (РСЕ), членовите на ансамблот на Народниот театар се вратиле по акцијата „Запри Србија“ за да ја продолжат пробата, но таа била прекината по веста дека се повредени нивни колеги од Белградската филхармонија.
Точно во 11 часот и 52 минути пред зградата на Ректорот во Белград се собраа и студенти од повеќе факултети за уште еднаш, со молчење, да им оддадат почит на загинатите при падот на настрешницата.
На почетокот еден од учениците ги прочита имињата на жртвите. Акцијата „15 минути молк“ симболично ги претставува 15 жртви, а Студентскиот плоштад е една од локациите во Белград каде се организира акцијата „Запри Србија“.
Група студенти и граѓани го блокираа сообраќајот и на раскрсницата на Булеварот „Кралот Александар и улицата Белградска.
Дел од студентите се собраа на булеварот на ослободувањето кај Националната библиотека на Србија. Откако го блокираа сообраќајот со 15 минути во тишина, тие се разделија со краток аплауз.
Граѓанската иницијатива „Мостот останува“ организираше 15-минутна акција на стоење пред зградата на Радио телевизија на Србија. Претставникот на оваа иницијатива Ѓорѓе Микетиќ рече дека насобраните сакале да укажат на, како што рече, молкот на јавниот медиумски сервис кој бараат барем симболично да ја прекине програмата во 11:52 часот.
Српската листа ќе учествува на косовските избори во февруари
Српската листа најави дека ќе учествува на косовските избори на 9 февруари следната година.
Ваквата одлука следи еден ден откако, како што се наведува, претседателот на Собранието на Косово „ги спречи пратениците на Српската листа да учествуваат во работата на Собранието. Тие тоа го нарекоа „срамен инцидент и кршење на законот, човековите и политичките права на Србите, загарантирани со меѓународните прописи“.
Членовите на Српската листа, која од ноември 2022 година ги бојкотира седниците на Собранието на Косово, еднаш на шест месеци се појавуваат во Собранието за да го задржат мандатот и да обезбедат продолжување на нивните плати.
Во четвртокот, на 5 декември, пратениците од владејачката партија Движење Самоопределување, како и претседателот на Собранието Глаук Коњуфца, ги спречија да влезат во Собранието, обвинувајќи ги за злоупотреба на народните пари.
Меѓународните претставници на Косово биле повикани од страна на Српската листа затоа што „молчат за тоа“, а како што велат од таа партија, на сите состаноци им било „барано да учествуваат на изборите и во работата на институциите“.
„Тие молчат кога претседателот на Собранието ги исфрла од парламентот демократски избраните претставници на српскиот народ, покажувајќи на тој начин највисоко ниво на лицемерие и недоследност“, се вели во соопштението на Српска листа објавено на Фејсбук.
Оваа водечка српска партија на Косово тврди дека тие „никогаш не биле посилни“ и дека како такви на изборите „ќе ги освојат сите десет мандати наменети за српскиот народ и ќе го зачуваат единството и хармонијата на српскиот народ на овие простори“.
До објавувањето во петокот, не беше сосема јасно дали Српската листа - која ја ужива поддршката на официјален Белград - ќе учествува на изборите, иако нејзиниот лидер Златан Елек го најави своето учество минатиот месец.
Во сегашниот состав на косовското Собрание, девет од десет загарантирани места за српската заедница припаѓаат на Српската листа.
Нејзините пратеници не учествуваат на седниците, поради „стратешка акција“ - како што го опишаа бојкотот на косовските институции - туку се појавуваат еднаш на секои шест месеци, за да не ги загубат мандатите.
Пратениците на Српската листа се до инцидентот во четвртокот беа регистрирани без проблеми во Собранието.
Демократскиот институт на Косово во четвртокот оцени дека претседателот Коњуфца и пратениците од парламентарното мнозинство незаконски ги спречиле членовите на Српската листа да учествуваат на собраниската седница.
„Иако Српската листа ја бојкотира работата на Собранието од 2022 година, а тие се појавија во Собранието само за да избегнат завршување на мандатот, попречувањето на нивното присуство на денешната седница претставува кршење на уставниот мандат на пратениците“, соопшти Институтот кој додава дека континуирано ја критикува Српската листа поради тоа што не учествува во работата на Собранието.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете