Достапни линкови

ЛГБТИ активистите/ките од оваа Влада бараат само да си оди


Драгана Дрндаревска, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.
Драгана Дрндаревска, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, освен што нема никаков слух за скромните политички барања, отворено се залага и делува против ЛГБТИ заедницата, пишува Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Причините за организирање на Недела на гордоста на поддржувачите на ЛГБТИ заедницата им се јасни и во овие три години не се промениле. Зголемување на видливоста на политичките барања на ЛГБТИ заедницата е основниот мотив. Тоа што е интересно, а воедно и срамно за оваа Влада, е што сите овие години политичките барања на ЛГБТИ заедницата речиси и да не се промениле. Откако се формирани повеќето од организациите кои ги застапуваат правата на оваа заедница, за едни исти барања станува збор: заштита од дискриминација, заштита од хомофобичен говор на омраза и дела од омраза.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ освен што нема никаков слух за овие скромни политички барања, отворено се залага и делува против ЛГБТИ заедницата.

Политичките барања на ЛГБТИ активистите се многу скромни, основни и веќе добиени битки дури и во земјите од регионот. Во вакви услови на постојани заложби, протести, извештаи и бројни активности и изјави кои се вртат околу едни исти барања, многу од ЛГБТИ активистите барем во одреден момент се осетиле како постојани губитници. Па така, ЛГБТИ активистите се оние кои речиси шест години не успеаја да ја вметнат сексуалната ориентација и родовиот идентитет во Законот за спречување и заштита од дискриминација, иако небаре само на тоа работат. Или ЛГБТИ активистите се оние кои одржуваа бројни протести пред Основното јавно обвинителство и сè уште никој од напаѓачите не е повикан ниту на информативен разговор. Неуспесите се бројни, демотивираат, се губи желба за да се продолжи со борбата, ве фаќа монотонија и досада. Заклучокот од сè ова е дека разбирачка со оваа Влада за барањата на ЛГБТИ заедницата, нема.

Со текот на годините, како се редат неуспешните обиди за законски промени, промени во практики и политики кои ја допираат ЛГБТИ заедницата, ситуацијата не завршува тука, туку станува уште полошо.

Така на пример, Владата на ВМРО-ДПМНЕ освен што нема никаков слух за овие скромни политички барања, отворено се залага и делува против ЛГБТИ заедницата. Па така крајот на 2012 имавме хомофобична кампања која ја започна тогашниот министер за труд и социјална политика, Спиро Ристовски. Во рамки на оваа кампања се снимија многу хомофобични прилози, се издадоа многу хомофобични и трансфобични текстови, па дури и дневниот весник „Вечер“ ни посвети три насловни страници. Овие три насловни страници на „Вечер“се ескалација на говорот на омраза против ЛГБТИ заедницата и се воедно пример за тоа што новинарството не треба да биде. По нив следеа и бројни прилози и текстови на партиските гласила на ВМРО-ДПМНЕ , т.н. провладини медиуми. Хомофобијата и трансфобијата во медиумите е сè поприсутна, а неретко хомофобичниот говор на омраза доаѓа и од претставници на институции кои имаат мандат да нè штитат од истиот.

Заклучокот е дека времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е обележано со регрес на правата на ЛГБТИ заедницата и нивната заштита. Но, овие неуспеси не се мои, не се на ниту еден ЛГБТИ активист или поддржувач. Ова се неуспеси на Владата. Токму поради тоа веќе не бараме ништо од оваа Влада, освен да си оди.

На полето на легислативата, Владата на ВМРО-ДПМНЕ имаше два обиди за промена на Уставот на Република Македонија, односно вметнување на хетеронормативна и исклучувачка дефиниција за брак. Истополовиот брак, па дури ни истополовото регистрирано партнерство никогаш не биле на листата на политички барања на ЛГБТИ заедницата досега. Сме почнале од почеток, секако со заштитата од дискриминација, говорот и делата од омраза. Така што Владата на ВМРО-ДПМНЕ небаре нè принуди да го браниме правото на семејство и приватен живот на ЛГБТИ лицата. За повеќето од овие прашања и самото ЛГБТИ движење нема изградено позиција. Владата на ВМРО-ДПМНЕ повеќе зборувала за истополови бракови отколку самата ЛГБТИ заедница. Причината за ова е манипулација на општата јавност, демонизирање на ЛГБТИ луѓето и активистите, замајување на јавноста со теми и проблеми кои не постојат, за сметка на оние и тоа како постоечки, како сиромаштија и невработеност на пример. Многу е интересно да ги слушаме овие собраниски дебати во кои најистакнатиот хетеросексуалец, Влатко Ѓорчев, од собраниската говорница кажува дека ќе го заштити македонскиот народ и неговите деца од „лошото геј-лоби“. Демек во Македонија за геј-лоби станува збор, а не за неколку активисти и организации кои не успеваат да се одбранат ниту од дваесетина тинејџери кои постојано ги напаѓаа и им го кршеа ЛГБТИ Центарот за поддршка.

Непронаоѓањето на сторителите на бројните напади на ЛГБТИ Центарот за поддршка е само уште еден доказ дека не постои политичка волја ниту за заштита од насилство врз ЛГБТИ заедницата. Со непронаоѓање на сторителите, институциите се соучесници во овие дела од омраза. Наместо да ги осудат, со неказнувањето ги поддржуваат хомофобичните напади.

Заклучокот е дека времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е обележано со регрес на правата на ЛГБТИ заедницата и нивната заштита. Но, овие неуспеси не се мои, не се на ниту еден ЛГБТИ активист или поддржувач. Ова се неуспеси на Владата. Токму поради тоа веќе не бараме ништо од оваа Влада, освен да си оди.

Оваа Недела на гордоста со три протестни обраќања ќе ги кажеме и причините на ЛГБТИ заедницата за оставка на оваа Влада. Ќе побараме оставка и од Марко Зврлевски кој не сака да пронајде ниту еден од напаѓачите на ЛГБТИ Центарот за поддршка и нападите на активистите. На крај, ќе побараме оставка и од уредниците на МРТ кои со години не известуваат за прекршувањето на правата на ЛГБТИ луѓето, туку уште повеќе,шират хомофобија и мизогенија преку националниот сервис.

Најголемиот успех е што за цело ова време добивме само повеќе поддржувачи, го проширивме својот фронт, добивме и покажавме солидарност со бројни движења. Почнавме поорганизирано да делуваме, ја формиравме и Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија. Се приклучивме и дадовме поддршка на движењето „Граѓаните за Македонија“. Денес сме поорганизирани, посолидарни и побројни од кога било. Ова е нашиот најголем успех и со ова навистина треба да се гордееме. И оваа Недела на гордоста повторно е проследена со говор на омраза и закани, но на секој хомофобичен коментар добиваме еден за поддршка.

XS
SM
MD
LG