Достапни линкови

Вајгл, Кукан, Ховит-Настаните да бидат соодветно истражени


Оштетени куќи во Дива населба во Куманово после полициската акција против вооружена група.

Европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит, кои посредуваат меѓу претставници на македонските политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со цел надминување на политичката криза во земјата, денеска реагираа и на нападот во Куманово. Тие изразија загриженост и сочуство до семејствата на загинатите и ги осудија сите акти на насилство против јавниот ред и обидите да се дестабилизира ситуацијата во земјата. Тие порачуваат дека настаните треба да бидат соодветно и транспарентно истражени и во согласност со владеењето на правото. Европратениците побараа од македонската јавност да не дозволи понатамошна ескалација на тензиите.

Вајгл, Кукан и Ховит ги повикаа и политичките лидери во земјата “да се однесуваат одговорно и да се воздржат од акции или изјави кои може да ја поткопаат стабилноста на земјата”. Тие уште еднаш повторија и дека сите обвинувања за злоупотреби кои беа објавени во јавноста треба да бидат темелно истражени и оние кои ќе се најдат како одговорни дека треба да бидат повикани на одговорност за своите постапки, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристрасност и пресумпцијата на невиност. Европратениците ги повикаа и политичките партии да ги забрзаат нивните напори и да се вклучат сериозно во политичкиот дијалог на највисоко ниво, со цел да се реши политичката криза во земјата.

XS
SM
MD
LG