Достапни линкови

Вести

Почина Кемал Монтено

Славниот сараевски кантавтор Кемал Монтено починал денеска на 66 години, потврдила неговата ќерка за босанските медиуми. Тој бил во болница во Загреб каде што му е извршена трансплантација на бубрег. Од 2011 година Монтено бил на дијализа, а во 2012 му бил вграден и бајпас. На почетоков на месецов му беше извршена трансплантација на бубрег, но по операцијата настанаа компликации.

види ги сите денешни вести

Синдикатите најавија повеќе протести за наредниот период

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) (архивска фотографија)
Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) (архивска фотографија)

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави повеќе протести за наредниот период.

На 2 април, ССМ ќе протестира пред Врховниот суд поради одлуката што ја донесе овој суд за одземање на зградата Работничкиот дом. На 8 април, пак, ќе протестираат вработените во здравство, а а на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот ќе го одржи традиционалниот првомајски протест.

„На 2 април ќе организираме протест од пред зградата на ССМ кој ќе заврши пред Врховниот суд во насока да им покажеме на судиите дека треба да се одважат и побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците имајќи предвид дека ССМ само пред еден месец достави предлог за повторување на постапката врз основа на новите докази до Основниот граѓански суд Скопје“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на 28 март.

На државата, порача тој, не и треба уште една зграда туку и требаат работниците и синдикатите.

За потсетување, Врховниот суд на 9 ноември лани донесе пресуда со која Работничкиот дом му се одзеде на ССМ по што раководството на Сојузот побара оставка од судиите што ја донесоа одлуката и поднесе предлог за нивно разрешување до Судскиот совет.

Вработените во здравство на 8 април ќе протестираат, пак, бидејќи нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата поради непотпишувањето на анексот на колективниот договор.

„Протестот ќе биде токму во насока на изразување незадоволство од непотпишувањето на анексот на колективниот договор којшто веќе беше завршена работа, но поради политичките игри остана непотпишан и со тоа повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без усогласувањето на нивните плати со порастот на минималната плата“, рече Трендафилов.

Според најавите од ССМ, на првомајскиот протест, пак, ќе биде испратена порака дека работниците очекуваат најмалку 450 евра минимална плата во првите 100 дена од новата влада и враќање на хранарината и превозот.

Минималната плата, како што утврди Економско социјалниот совет (ЕСС) на седница на 22 март, во 2024 година ќе изнесува 22.567 денари (околу 370 евра) во нето износ и бележи пораст од 3.613 денари во бруто односно 2.392 денари нето износ во споредба со минималецот за минатата година.

Основачот на „Еф-Ти-Ејч“ осуден на 25 години затвор

Сем Бенкмен-Фрид по појавувањето пред судот во Њујорк, 3 јануари 2023 г.
Сем Бенкмен-Фрид по појавувањето пред судот во Њујорк, 3 јануари 2023 г.

Поранешниот милијардер Сем Бенкмен-Фрид е осуден на 25 години затвор за кражба на осум милијарди долари од клиенти на една од најголемите, сега банкротирани, берзи за криптовалути во светот, „Еф-Ти-Ејч“ (FTX), која тој ја основаше.

Банкмен-Фрид беше прогласен за виновен за измама и перење пари во ноември минатата година.

„Тој знаел дека тоа не е во ред“, рече судијата Луис Каплан пред изрекувањето на пресудата. „Тој знаеше дека тоа е кривично дело. Жал му е што направил лоша процена за веројатноста да биде уапсен. Но, тој нема да признае ништо и тоа е негово право“.

Изрекувањето на пресудата беше кулминација на случајот со падот на овој триесет и двегодишник – од исклучително богат претприемач и голем политички донатор до главен актер во најголем случај за акција на американските власти против малверзациите на пазарот на криптовалути.

Банкмен-Фрид рече дека ќе поднесе жалба на пресудата и казната.

Судијата Каплан рече дека клиентите на „Еф-Ти-Ејч“ изгубиле осум милијарди, инвеститорите 1,7 милијарди долари, а доверителите на Истражувачкиот фонд Аламеда основан од Банкмен-Фрид изгубиле 1,3 милијарди долари.

Судијата исто така посочи дека Банкмен-Фрид лажел за време на сведочењето кога рекол дека не знаел оти неговиот фонд потрошил депозити на клиенти земени од „Еф-Ти-Ејч“.

Федералните обвинители бараа затвор од 40 до 50 години.

Откако беше основана во 2019 година, „Еф-Ти-Ејч“ стана водечки играч во светот на криптовалутите.

Банкмен-Фрид стана еден од најголемите јавни донатори на Демократската партија и тврдеше дека приватно донирал еднаков износ и на републиканците.

Берзата, покрената во 2019 година со седиште на Бахамите, поднесе барање за банкрот на 11 ноември, откако се бореше да собере пари за да го спречи колапсот бидејќи трговците брзаа да повлечат 6 милијарди долари од платформата за само 72 часа.

Тогаш се воспостави дека Банкмен-Фрид тајно користел десет милијарди долари од средства на клиентите за да го поддржи својот трговски бизнис.

Тој беше уапсен во неговата резиденција на Бахамите на 12 декември 2022 година на барање на федералниот обвинител во Њујорк.

Полска истражува наводна руска шпионажа

Руската амбасада во Варшава, ( илустративна фотографија), 9 мај 2022 година.
Руската амбасада во Варшава, ( илустративна фотографија), 9 мај 2022 година.

Полската агенција за внатрешна безбедност изврши претреси како дел од истрагата за наводна руска шпионажа, пренесува Ројтерс. Претресите во Варшава и Тихи, град на западот на земјата, беа извршени во соработка со други европски безбедносни служби.

Полска, која стана центар за воена испорака на западните земји поради руската инвазија на Украина, вели дека таа сега станала и главна цел на руските шпиони.

Таа ја обвинија Москва и руската сојузна држава Белорусија дека се обидуваат да ја дестабилизираат.

„Евидентирани се активности насочени кон организирање проруски иницијативи и медиумски кампањи во земјите на ЕУ“, соопшти полската агенција.

Поконкретни детали за резултатите од претресот не се соопштени.

Операцијата била координирана со други земји, особено со партнери од Чешка, се наведува во соопштението.

Според Јацек Добржински, портпарол на полската безбедносна агенција, целта на шпионската мрежа е „да ги спроведе надворешнополитичките цели на Кремљ, вклучително и слабеење на позицијата на Полска на светската сцена, дискредитација на Украина и на угледот на институциите на ЕУ“.

Холандскиот премиер Марк Руте рече дека се загрижувачки извештаите за проруски обиди да се влијае на политичарите во ЕУ, додавајќи дека Холандија „ќе направи сè што е потребно“.

„Ова го покажува ризикот од странско влијание“, им рече Руте на новинарите во Хаг. „Тоа е закана за нашата демократија, нашите слободни избори, нашата слобода на говор, за сè“.

Последните активности на полската Агенција за внатрешна безбедност произлегоа од истрагата завршена во јануари оваа година, во која полски државјанин беше обвинет под сомнение дека шпионирал за руските специјални служби.

„Човекот, кој беше ставен меѓу полските и европските парламентарци, извршуваше задачи нарачани и финансирани од соработници на руската разузнавачка служба, кои вклучуваа пропаганда, дезинформации и политички провокации“, се вели во соопштението.

Чешката влада, ден претходно, санкционираше две лица, меѓу кои и прорускиот украински политичар Виктор Медведчук и веб-страницата Глас на Европа за, како што рекоа, проширување на руското влијание во Европа.

Собранието со Декларација одбележа четири години од членството во НАТО

Собрание на РСМ
Собрание на РСМ

Декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од членството на Република Северна Македонија во НАТО, но и за одбележување на 75 години од формирањето на Алијансата, изгласаа пратениците на седница во Собранието на 28 март.

Северна Македонија стана членка на НАТО на 27 март 2020 година.

Со Декларацијата, според претседателот на парламентот, Јован Митрески, се испраќа порака до сојузниците во Алијансата дека во Северна Македонија имаат сигурен партнер. Исто така, тој оцени дека со ова се потврдува определбата за давање сериозен и значаен придонес во обезбедувањето на регионалниот, но и на светскиот мир и стабилност.

Донесените одлуки на патот за членството, рече Митрески, биле тешки, но вределе.

„Дополнително, со усвојување на оваа декларација на самиот крај од мандатот ќе оставиме порака на идните пратеници и за идните генерации воопшто, дека од правецот по кој тргнавме нема отстапување и дека како пратеници ги препознаваме стратешките вредности. Од нив не отстапуваме и заеднички работиме на нивно целосно реализирање“, рече Митрески.

Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, пак, посочувајќи дека тие се „единствена анти-НАТО партија“ побара Декларацијата да се тргне од дневен ред.

Северна Македонија пред четири години се приклучи како 30. членка на Алијансата. Определбата за евро-атлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.

На 15 ноември 1995 година, државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир.

На 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекна со статус на земја-кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.

Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција.

Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на Република Северна Македонија, на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северно-атлантскиот Договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Претседателот на Републиката.

На 27 март 2020 година, преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што, Република Северна Македонија и официјално стана триесетта земја членка на Алијансата.

Вучиќ без детали за „тешките денови“ за Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ (архивска фотографија)
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ (архивска фотографија)

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека ѝ претстојат „тешки денови“ на Србија и оти за тоа разговарал со шефот на делегацијата на Европската унија, Емануел Џофре и со претставниците на земјите од Квнтата.

Вучиќ не прецизираше за што станува збор, наведувајќи дека за сè повеќе ќе зборува „во наредните денови“.

Тој ги отфрли оценките дека Србија го напушта „европскиот пат“ по најавата за можно излегување од Советот на Европа доколку Косово влезе во оваа организација.

„Не слушнав дека се зборува за тоа. Зборував за тешките времиња што ѝ претстојат на Србија“, рече Вучиќ за време на обиколката на градилиштето на пругата Ниш-Димитровград на 28 март.

Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа на 27 март го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа.

Србија, која не ја признава независноста на Косово, се противи на членството на оваа земја во меѓународните организации, а на 22 март Вучиќ најави можност Србија да се повлече од Советот на Европа во случај на прием на Косово.

Претседателот на Србија на 28 март им рече на новинарите дека ситуацијата за Србија е „толку комплицирана и сложена“ што мора „темелно да зборува“ за тоа.

„Утре или задутре ќе ги добиете сите одговори. Ситуацијата е стабилна и безбедна, но дека е тешко, тешко е“, рече Вучиќ и додаде дека политичките проблеми со кои се соочува Србија „за жал нема да исчезнат“.

Тој потврди дека разговарал со лидерот на ентитетот на Република Српска на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, но ниту за тоа не сакаше да даде детали.

На 26 март, Вучиќ на Инстаграм објави дека „националните интереси на Србија се директно загрозени“.

„Во овој момент не е лесно да се каже какви вести добивме во последните 48 часа … Тие директно ги загрозуваат нашите витални национални интереси, и на Србија и на Српска“, наведе во објавата.

Еден ден подоцна, тој се сретна со амбасадорите на земјите од Квината во Белград и објави дека имал „долг и отворен разговор“ со нив.

По средбата, Вучиќ на својот Инстаграм профил напиша дека ќе продолжат разговорите со амбасадорите од оваа петорка – САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.

Ден претходно, на 26 март, во Брисел без договор заврши средбата на главните преговарачи на Косово и Србија за прашањето за српскиот динар, чија употреба како готовинско платежно средство од минатиот месец е забранета на Косово.

Нова рунда од дијалогот, како што е најавено, ќе се одржи на 4 април.

Во објава на Инстаграм, Вучиќ ја спомена „заканата за виталните национални интереси“ на Република Српска (РС), од каде што најавија усвојување на нивниот изборен закон надвор од уставните и законските права и овластувања кој ги има овој ентитет во Босна и Херцеговина.

Откако високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, на 26 март наметна измени во Изборниот закон на БиХ, со кои ќе се спречат изборните манипулации, РС најави специјална седница за 28 март за „безбедносната и политичката ситуација“ по одлуката на Шмит.

ОЛАФ бара Северна Македонија да врати 2,2 милиони евра поради злоупотреби

Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Северна Македонија
Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Северна Македонија

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година.

Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Северна Македонија со барање за поврат на парите. Овој месец (март) Агенцијата примила известување и дека одлуката е конечна.

За случајот на 28 март на прес-конференција зборуваше и директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски, а за злоупотребените европски пари предистрага води и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК.

Обвинителство: Поради тајност на постапката не можеме да споделиме детали

Од ОЈО ГОКК на 18 март за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврдија дека е отворена предистрага, но детали не споделија „поради тајност на постапката“.

„По добиено известување од Управата за финансиска полиција и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, предметен јавен обвинител од ОЈО ГОКК активно спроведува предистражна постапка. Согласно меѓусебниот договор, ОЛАФ достави Извештај до обвинителството, кој извештај е предмет на анализа и содржи информации што се неопходни за расчистување на случајот и донесување на мериторна јавнообвинителска одлука. Со оглед на тајноста на постапката не можат да се споделат повеќе детали“, рекоа од Обвинителството.

РСЕ се обрати и до ОЛАФ од каде посочија дека вообичаено не даваат коментари „со цел да се заштити доверливоста на сите можни истраги и евентуални судски постапки кои би следувале потоа“, како и за да се обезбеди „почитување на личните податоци и процедуралните права“.

Неправилности во проектните досиеја на 22 корисници на грантови

Повикувајќи се на тајноста на постапката што се води пред истражните органи во земјава, дополнителни детали на прес-конференцијата на 28 март не даде ниту директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски.

Но, откри дека во известувањето што го добиле од ОЛАФ е наведено дека има неправилности во проектите на 22 корисници што зеле грантови од европски пари.

„Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година“, рече Ѓоргиевски.

Кога било добиено известувањето за конечноста на одлуката дека државата треба да врати пари, на крајот на минатата година од Националната агенција имале состаноци со МОН, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на ЕУ во Скопје, а седница на оваа тема имала и Владата.

Потоа Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ со цел, како што рече Ѓоргиевски, „да ги дефинира следните чекори и се што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето се финализира“.

Во меѓувреме, Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.

„Откако сме информирани за случајот, заедно со Владата се обидуваме преку интензивна комуникација и координација со релевантни европски институции да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина“, истакна директорот на Агенцијата.

Ѓоргиевски нагласи дека Агенцијата е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање и на Обвинителството и на Управата за финансиска полиција.

И трето лице е приведено за убиството на лекарот во Железара

Илустрација
Илустрација

Уште едно – трето лице е приведено за убиството на лекарот во скопската населба Железара, соопшти денеска (28 март) техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски откако синоќа изјави дека до тој момент има двајца приведени.

„Според моите информации, приведено е уште едно лице, значи вкупно приведени се три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба. Штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена“, рече Тошковски во изјава за медиумите при посетата на Општина Босилево.

Во врска со убиството на матичниот лекар министерот вчера зборуваше во поткастот „Претрес“ каде посочи дека се преземени 20 истражи дејствија и дека се прегледани над 50 камери и видео записи.

Според првичните наоди, според неговата изјава, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.

Шеесет и седумгодишен лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“.

Лекарот имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

Песков: Има контакти за можна размена на новинарот Гершкович, но за нив треба да се молчи

Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ
Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ

Кремљ соопшти дека во тек се „контакти“ околу можна размена на американскиот новинар Еван Гершкович, обвинет и затворен речиси една година во Русија поради шпионажа. Сепак истакнаа дека е потренен целосен молк околу ова прашање.

„Неколку пати нагласивме дека некои контакти се во тек, но тие треба да се водат со целосно молчење“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Прекинот на молчењето само ќе создаде дополнителни проблеми и ќе спречи постигнување на каков било резултат во процесот“, додаде Песков, без дополнителни детали.

Новинарот на „Волстрит џорнал“, Еван Гершкович (32), кој исто така работел за Франс прес во Москва меѓу 2020 и 2021 година, е уапсен од Федералната служба за безбедност, во март 2023 година додека известувал во Екатеринбург, Урал.

Тој ги негира обвиненијата за шпионажа со кои се соочува и може да се соочи со затворска казна до 20 години. Обвиненијата ги отфрлаат и САД, неговиот весник и неговите роднини. Русија никогаш не ги објавила елементите на доказите и целиот процес е класифициран како таен.

Вашингтон ја обвинува Москва дека го земала како заложник за да го размени за Руси во затворите во западните земји, како што беше направено со неколку американски граѓани во последните години во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека е подготвен да го размени Гершкович за Вадим Красиков, кој отслужува доживотна затворска казна во Германија за убиство на чеченски опозиционер во Берлин во 2019 година.

Рускиот суд оваа недела му го продолжи притворот на Гершкович до 30 јуни.

Песков денеска изјави дека нема информации за можниот датум за почеток на судењето на американскиот новинар.

Бугарија оди на шести избори за три години

Румен Радев, претседател на Бугарија
Румен Радев, претседател на Бугарија

Бугарија се подготвува за уште едни општи избори, шести од април 2021 година, откако популистичката партија Има таков народ (ИТН) на 28 март одби да формира влада. Ова е третата партија што го одби мандатот за формирање влада.

Претходно, централно-десничарската партија ГЕРБ и нејзиниот поранешен коалициски партнер, прозападната партија Да продолжиме со промените/Демократска Бугарија (ЦЦДБ) изјавија дека не можат да формираат нова влада.

Потегот на ИТН му го отвора патот на претседателот Румен Радев да назначи преодна влада и да закаже избори за два месеци.

Бугарија ќе гласа за изборите на Европскиот Парламент на 9 јуни, така што двата избори би можеле да се одржат во ист ден, но тоа ќе зависи од способноста на Радев брзо да назначи преодна влада.

По изборите во април минатата година, Бугарија имаше заедничка влада поддржана од реформистичката ЦЦСБ и ГЕРБ. Тие се договорија за 18-месечна влада со ротација на премиерите -прво Николај Денков од ЦЦББ, а по девет месеци, Марија Габриел од ГЕРБ.

Денков се повлече на 5 март за да дозволи ГЕРБ да ја води владата во следните девет месеци, како што беше договорено. Сепак Габриел не успеа да формира влада, па на 27 март и Денков ја отфрли поканата на Радев да се обиде да состави влада.

Бугарија е најсиромашната од 27-те членки на Европската Унија и се бори со широко распространета корупција. Оваа балканската земја се бори со политичка нестабилност по големите антикорупциски протести во 2020 година.

Пред изборите во април минатата година, земјата ја водеа преодни влади назначени од Радев во отсуство на стабилна избрана коалиција.

Радев на 28 март рече дека ќе започне консултации со сите потенцијални привремени премиери на 30 март.

По уставните амандмани, претседателот може да избира помеѓу претседателот на Националното собрание, гувернерот или заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик-претседателот на Комората за ревизија и народниот правобранител или неговиот заменик.

Следната недела штрајк на царинските службеници во Грција

Граничен премин Богородица-Евзони (илустрација)
Граничен премин Богородица-Евзони (илустрација)

Дводневен штрајк за 2 и 3 април закажаа грчките царинските службеници, што ќе влијае и на сообраќајот на граничните премини од Грција кон соседните земји, меѓу кои и Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, поради 48-часовниот штрајк на цариниците целосно ќе биде во прекин сообраќајот на граничните премини од и кон Грција за товарните возила и секаков вид пратки, додека пак во однос на автомобилите, не е исклучена можноста возилата повремено да се пропуштаат, нешто што ќе се дефинира и појасни непосредно пред почетокот на штрајкот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG