Достапни линкови

Препукувања во Охрид за депонијата Мауцкер


Власта и опозицијата во Охрид се раскараа за демонијата Мауцкер и за тоа кој е виновен за состојба во која се наоѓа.

Депонијата Мауцкер која се наоѓа на самиот влез на Охрид, а каде треба да се гради индустриска зона ги скара локалната власт и опозицијата во градот. Од локалната власт неодамна рекоa дека започнала со чистење на сиот отпад кој овде бил депониран со години наназад, а од опозициската СДСМ рекоа дека одговорноста за состојбата на Мауцкер ја има единствено локалната власт.

Многубројните раководства особено во ЈП „Комуналец“ под превезот на „Чист Охрид“, за помали трошоци за депонирање на отпадот преземале недозволени активности и на ова место го депонирале отпадот така што со текот на годините тоа станало поголема и поопасна депонија од онаа на Буково.
Димитар Спасески, секретар во општината Охрид.

Секретарот во општината Димитар Спасески рече дека иако било предвидено на Мауцкер само привремено да се депонира отпад, тоа било злоупотребено.

„Многубројните раководства особено во ЈП „Комуналец“ под превезот на „Чист Охрид“, за помали трошоци за депонирање на отпадот преземале недозволени активности и на ова место го депонирале отпадот така што со текот на годините тоа станало поголема и поопасна депонија од онаа на Буково. Одведувањето на ова ѓубре од депонијата Мауцкер на Буково за општината преставува нова финансиска потешкотија и нов товар . Но и покрај тоа градоначалникот веќе издаде налог до ЈП „Комуналец“ да ги превземе сите мерки и активности за расчистување на оваа депонија и отпочнување со градба на индустриската зона“, рече Спасески.

На Мауцкер безмалку две години му случува еколошко злосторство. И наместо некој да сноси одговорност за тоа, главните протагонисти застанаа пред камерите, обидувајќи се уште еднаш да ја изманипулираат јавноста и да ја префрлат вината за сопствената немоќ, неспособност и нестручност врз други, велат од СДСМ, Охрид.

Власта на ВМРО-ДПМНЕ многу одамна на ова место предвиде индустриска зона, но сепак продолжи да депонира отпад. Мауцкер прерасна во дива депонија токму во последните 20 месеци, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на локална власт, кога ЈП „Охридски комуналец“ почна да го депонира отпадот.
СДСМ, Охрид.

„Власта на ВМРО-ДПМНЕ многу одамна на ова место предвиде индустриска зона, но сепак продолжи да депонира отпад. Мауцкер прерасна во дива депонија токму во последните 20 месеци, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на локална власт, кога ЈП „Охридски комуналец“ почна да го депонира отпадот. Јавноста имаше прилика да ја види жалната и грда слика на дивата депонија за чие создавање и постоење во изминатите 20 месеци вината ја сносат исклучиво одговорните лица од локалната самоуправа“, велат од СДСМ Охрид.

Од општината одговорија дека сегашната локална власт не само што не депонирала отпад на овој простор, туку го чистела и оној што таму нелегално го оставале властите од СДСМ и оти за време на локалната власт на СДСМ во Охрид просторот бил незаконски претворен во депонија.

„За жал, општина Охрид и овој пат се соочува со наследен проблем кој успешно почна да го решава, иако за него се потребни илјадници евра и почитување на низа законски процедури, велат од општината, од каде уште додаваат дека до Министерството за транспорт и врски веќе била доставена проектната документација за изградба на индустриската зона, од каде се очекува потребната согласност.“

XS
SM
MD
LG