Достапни линкови

Ѓуровски: Бод против Шпанија голем како Шар Планина


Фудбалска репрезентација на Македонија.
Фудбалска репрезентација на Македонија.

Со натпреварот против Шпанија в понеделник во Валенсија, македонската фудбалска репрезентација ги почнува квалификациите за Европското првенство во 2016 во Франција.

Со нов селектор и без досега незаменливите Горан Пандев и Николче Новески (се повлекоа од репрезентацијата), македонската фудбалска репрезентација в понеделник ќе ги стартува квалификациите за ЕП кое во 2016-та година ќе се одржи во Франција.

За прв пат сега 24 репрезентации ќе играат на Европско првенство и тоа ни дава една голема надеж, големи амбиции да останеме до последниот натпревар во нашата група во играта за бараж. Тоа значи, ако можеме да го фатиме тоа трето место кое ќе ни даде уште еден натпревар да се квалификуваме за ЕП.
Бошко Ѓуровски, селектор на македонската фудбалска репрезентација.

Во оваа кампања по два пати ќе ги одмериме силите со селекциите на Шпанија, Украина, Словачка, Белорусија и со Луксембург, против кои ќе треба да докажеме дека имаме квалитет за многу подобар пласман од последното шесто место, на кое завршивме во групата од ланските мундијалски квалификации.

Во националниот тим се убедени дека тој дебакл повеќе нема да се повтори, а селекторот Бошко Ѓуровски најавува атак и на визите за настап на собирот на најдобрите на Стариот континент, кој од овој шампионат ќе биде поброен за уште осум учесници.

Бошко Ѓуровски.
Бошко Ѓуровски.

Шпанија е фаворит. За нас и бод би бил голем како Шар Планина. Меѓутоа, ние ќе дадеме сè од себе.
Бошко Ѓуровски, селектор на македонската фудбалска репрезентација.

„За прв пат сега 24 репрезентации ќе играат на Европско првенство и тоа ни дава една голема надеж, големи амбиции да останеме до последниот натпревар во нашата група во играта за бараж. Тоа значи, ако можеме да го фатиме тоа трето место кое ќе ни даде уште еден натпревар да се квалификуваме за ЕП. Имаме една неатрактивна, меѓутоа многу тешка група, но јас ветувам дека ќе дадеме сè од себе, јас како селектор и сите наши играчи, да отидеме што подалеку“, рече Ѓуровски.

Првиот тест за реалноста на овие амбиции Македонија ќе го има на 8 септември во Валенсија. Таму, ќе му гостуваме на актуелниот европски и до пред два месеца светски првак Шпанија, за кого освен пензионираните Алонсо, Чави и Пујол, нема да настапат и Мата, Навас, Торес, Пике и Иниеста. Тоа значи дека „црвената фурија“ ќе ни се спротивстави со драстично изменет, но и натаму силен состав, во кој се наоѓаат Касиљас, Рамос, Алба, Бускетс, Казорла, Фабрегас, Силва, Коста... Ѓуровски е свесен дека и ремито против овие светски ѕвезди ќе биде огромна сензација. Затоа, не најавува подвиг, што не значи и дека, барем на хартија, нема план како да го изненади големиот противник.

„Променети се, меѓутоа имаат голем ресурс на добри играчи. Сите играчи кои се поканети од Дел Боске сигурно имаат врвни квалитети и реално е дека Шпанија е фаворит. За нас и бод би бил голем како Шар Планина. Меѓутоа, ние ќе дадеме сè од себе, а јас сакам да направиме една одговорна, една агресивна игра, како во одбраната, така и во нападот и да ги чекаме своите шанси. Сигурно дека ќе имаме свои моменти на овој натпревар, јас подготвував неколку месеци тактика, па ако успеам да им го пренесам тоа на играчите, можеме да се надеваме на еден успех и една добра претстава против Шпанија“, додаде селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Бошко Ѓуровски.

Инаку, на ЕП во Франција, покрај домаќинот, директен пласман ќе обезбедат и освојувачите на првите две позиции во деветте квалификациски групи, како и најдобрата трета репрезентација. Другите осум третопласирани селекции, преку бараж двомечи, ќе се борат за преостанатите четири визи за Еуро.

XS
SM
MD
LG