Достапни линкови

Ракометарите со оптимизам во Катар и гледаат кон Рио


Ракометна репрезентација на Македонија.
Ракометна репрезентација на Македонија.

Македонската машка ракометна репрезентација има огромна шанса за пласман во четвртфиналето на Светското првенство, а со тоа и за настап во квалификациите за ОИ во Рио де Жанеиро.

Македонската машка ракометна репрезентација има огромна шанса за пласман во четвртфиналето на Светското првенство, а со тоа и за настап во квалификациите за ОИ во Рио де Жанеиро.

Клучни ќе бидат двата први дуела со Австрија и Тунис. Доколку ги добиеме тие две средби, 80 проценти сме на второто место во групата.
Филип Миркуловски, ракометар.

Ова е општото мислење во домашната спортска јавност по жрепката за Мундијалот во Катар (од 15-ти јануари до 1-ви февруари 2015-та година), каде што во групната фаза ќе ги одмериме силите со Хрватска, Босна и Херцеговина, Австрија, Тунис и со Иран.

Филип Миркуловски, ракометар.
Филип Миркуловски, ракометар.

Според рејтингот Македонија е втора во оваа конкуренција, што доколку го потврдиме и на теренот, ќе ни донесе полесен противник во осминафиналето (таму ќе се пласираат првите 4 селекции од групата), каде што вкрстуваме со групата во која се Шпанија, Словенија, Катар, Белорусија, Бразил и Чиле. Тоа дополнително ги подгрева надежите за историски подвиг, за што, според бекот Филип Миркуловски, на шампионатот мора да стартуваме со две победи.

Освен Хрватска, која е фаворит, другите 4 екипи ќе се борат за преостанатите три места во осминафиналето, бидејќи сме сите слични по квалитет и ќе пресуди моменталната форма.
Стојанче Стоилов, ракометар.

„Искрено еве да кажам, имаме релативно лесна група, имаме среќа во тие ждребови, како и во баражот така и сега. Сепак, ние според рејтингот сме нешто повисоко од Австрија, БиХ и од Тунис. Од Иран сме далеку подобри. Така што мислам дека клучни ќе бидат двата први дуела со Австрија и Тунис. Доколку ги добиеме тие две средби, 80 проценти сме на второто место во групата“, изјави Миркуловски.

Задоволството од ждрепката е присутно и кај пикерот Стојанче Стоилов, кој, сепак, предупредува дека за исполнување на целта ќе мора да се даде максимум на теренот.

„Добро да не се опуштаме премногу, мислам дека е доста незгодна група. Освен Хрватска, која е фаворит, другите 4 екипи ќе се борат за преостанатите три места во осминафиналето, бидејќи сме сите слични по квалитет и ќе пресуди моменталната форма. Се надевам дека нема да имаме пехови со повредите, како на претходното Европско првенство и ако останеме приземјени, да не летаме многу во облаци, да работиме максимално, како што било и до сега, мислам дека ќе ни се укаже шанса за голем успех“, рече Стоилов.

И тој и Миркуловски се свесни дека ваква шанса ретко се укажува, па затоа и веруваат дека сите во и околу националниот тим ќе одговорат на предизвикот, односно ќе сторат се за да стигнат до најдобрата светска осумка. Македонија досега никогаш не била ниту во топ 10, но актуелниот репрезентативен состав има сили за испишување на нова историска страница, смета Миркуловски.

„Веќе сме со докажан квалитет, имаме успеси на клупско и на репрезентативно ниво. Искусни сме доволно. Ете, сега имаме и двајца натурализирани играчи, доаѓаат и нови младинци, имаме доста поширок состав, сега и Мојсовски ќе ни се врати. Доколку не послужи здравјето, доколку се биде во ред, мислам дека би требало да го оствариме најголемиот успех на Светските првенства, а со тоа и пласман во Рио“, додаде Миркуловски.

Инаку, СП во Катар ќе биде четврто на кое ќе настапи Македонија (Италија 1999 година, Хрватска 2009 и Шпанија лани), а најголемиот успех го постигнавме пред 5 години во Хрватска, каде што го освоивме 11-тото место.

XS
SM
MD
LG