Достапни линкови

Вести

Аеродромот во главниот град на Крим под контрола на вооружени лица

Вооружени лица во униформи упаднале во аеродромот во главниот град на Крим, Симферопол, јавува Интерфакс Украина. Според информацијата, 50-ина лица околу полноќ дошле со камиони и ја презеле контролата врз аеродоромот. АФП подоцна јави дека аеродромот функционира нормално, но оти таму има униформирани вооружени луѓе.
Овој инцидент доаѓа еден ден откако вооружени лица ги окупираа зградите на парламентот на Крим и на регионалната влада.
Во меѓувреме е најавено дека Виктор Јанукович денеска во рускиот град Ростов на Дон ќе ја одржи својата прва прес конференција по отстранувањето од функцијата претседател на Украина. Во вчерашната изјава Јанукович истакна дека побарал од Русија да ја заштити неговата лична безбедност од „екстремисти“. Тој нагласи дека последните одлуки на украинскиот парламент се нелегални.

види ги сите денешни вести

Едно лице загина по експлозија во база на проиранските сили во Ирак

Поглед на воената база Калсо каде што се случи експлозијата, провинција Бабил, Ирак, 20 април 2024 година.
Поглед на воената база Калсо каде што се случи експлозијата, провинција Бабил, Ирак, 20 април 2024 година.

Загина еден припадник на Народните мобилизирачки сили на Ирак, а осум други се повредени во експлозија во воената база Калсо, 50 километри јужно од Багдад, според военото соопштение во саботата на 20 април.

Армијата исто така потврди дека во моментот на експлозијата немало борбени авиони или беспилотни летала во воздушниот простор во провинцијата Бабил, пренесува Ројтерс.

Претходно, АФП повикувајќи се на неименувани безбедносни извори, пренесе дека неколку лица се повредени во бомбашки напад што се случи во текот на ноќта врз воена база во Ирак, каде што е стационирана проиранската вооружена група позната како „Хашед ал Шаби“.

Во соопштението мобилизирачките сили наведуваат дека „експлозијата“ предизвикала „материјални загуби“ и жртви, но не го прецизираат бројот на повредени.

Групата потврди дека нивната база е погодена и дека истражителите се на лице место.

Како одговор на прашањата на АФП, безбедносните службеници не кажале кој е одговорен и дали станува збор за напад со беспилотно летало.

„Експлозијата погоди опрема, оружје и возила“, изјави извор од безбедносните служби.

Никој не ја презеде одговорноста веднаш по нападот.

Набргу по експлозијата, американската војска соопшти дека тие не стојат зад нападите во Ирак.

„САД не извршија воздушни напади во Ирак денеска“, соопшти американската централна команда (CENTCOM) на мрежата X, додавајќи дека наводите дека тие го извршиле нападот се „неточни“.

Ирачки воен претставник, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на прашањето, рече дека експлозијата се случила во „магацини за опрема“.

Тој додаде дека пожарот се уште трае, како и потрагата по повредени.

Израелската армија на прашањата на АФП одговори дека „не ги коментира информациите објавени во странските медиуми“.

„Хашед ал-Шаби“ е сојуз на главно шиитски вооружени групи, основан за да се бори против т.н. Исламска држава и е интегриран во редовните безбедносни сили на Ирак.

Експлозијата во ирачката воена база доаѓа откако регионалните тензии се зголемуваат поради војната меѓу Израел и милитантите на Хамас - група која САД и ЕУ ја означија како терористичка и која е поддржана од Иран.

Во петокот, во нападите за кои е обвинет Израел, беше погодена воена база во Исфахан, во централен Иран.

Висок претставник на американскиот конгрес за АФП изјави дека имало израелски одмазднички напади, но одби да образложи, велејќи дека тие информации се доверливи.

Израелските власти јавно не го коментираа нападот во петокот, а иранските власти го минимизираа неговото значење.

О'Брајан во Белград: Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинство

Американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан.
Американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан.

Американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан во Белград порача дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство „е од клучно значење за Србите во Косово да разберат каков ќе им биде нивниот живот“.

О'Брајан ова го изјави по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ на 20 април.

„Доколку постои загриженост дека меѓународната заедница не ја исполнува својата обврска да помогне во тоа, јас се надевам дека ќе направиме се што е во наша моќ да помогнеме и да го исполниме нашето ветување кон себе и кон другите“, рече тој.

Косово и Србија постигнаа договор за Заедницата во 2013 година, а потоа во 2015 година за принципите за нејзино формирање.

Сепак, Уставниот суд на Косово во 2015 година утврди дека договорот не е во целосна согласност со Уставот.

Формирањето на Заедницата треба да обезбеди поголема автономија на Србите во Косово.

На крајот на минатата година меѓународната заедница пред партиите го презентираше нацрт-статутот што би го имала оваа Заедница.

Партиите првично рекоа дека тоа го прифатиле, но дека не презеле чекори за да продолжат понатаму.

Судири меѓу хунтата и бунтовниците на границата на Мјанмар со Тајланд

Тајландски војници и претставници на медиумите се кријат во близина на границата со Мјанмар додека продолжуваат борбите во земјата. Мае Сак, Тајланд, 20 април 2024 година.
Тајландски војници и претставници на медиумите се кријат во близина на границата со Мјанмар додека продолжуваат борбите во земјата. Мае Сак, Тајланд, 20 април 2024 година.

Во тек се судири на источната граница на Мјанмар со Тајланд, наведоа очевидци, медиумите и владата на Тајланд на 20 април.

Поради тоа околу 200 цивили биле принудени да избегаат, додека бунтовниците вршат притисок врз членовите на мјанмарската хунта, кои со денови се заглавени на мостот на границата.

Борците на отпорот и бунтовниците од етничките малцинства на 11 април го зазедоа клучниот трговски град Мијавада на страната на границата на Мјанмар, нанесувајќи ѝ тежок удар на добро опремената армија која се соочува со проблеми со управувањето, а сега и со голем тест за нејзиниот кредибилитет.

Тројца сведоци од двете страни на границата изјавија дека од петокот навечер до саботата наутро слушнале експлозии и рафали од митралез недалеку од важниот стратешки.

Неколку тајландски медиуми објавија дека околу 200 луѓе ја преминале границата и бараат привремено засолниште во земјата.

Тајландскиот медиум NBT во објава на социјалната мрежа X наведе дека силите на отпорот користеле митралези од 40 милиметри и фрлиле 20 бомби од беспилотни летала, насочени кон околу 200 војници на хунтата кои се повлекле по координираните бунтовнички напади врз Мијавада и воените пунктови.

Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди извештаите, а портпаролот на хунтата во Мјанмар не бил достапен за коментар.

Премиерот на Тајланд, Срета Тависин рече дека внимателно ги следи немирите и дека неговата земја е подготвена да обезбеди хуманитарна помош доколку е потребно.

„Не сакам да видам такви конфликти да имаат никакво влијание врз територијалниот интегритет на Тајланд, ние сме подготвени да ги заштитиме нашите граници и безбедноста на нашиот народ“, напиша тој на мрежата X, но не ги спомна бегалците.

Војската на Мјанмар се соочува со својот најголем предизвик откако ја презеде власта во поранешната британска колонија во 1962 година. Таа се бори во неколку конфликти со низок интензитет и се обидува да ја стабилизира економијата што пропадна по државниот удар во 2021 година против владата на добитничката на Нобеловата награда за мир, Аунг Сан Су Чи.

Земјата е зафатена од граѓанска војна меѓу државната армија и лабавиот сојуз на армиите на етничките малцинства и движењето на отпорот кој настана по крвавата пресметка на хунтата со демонстрантите кои се спротивставија на воениот удар.

Заземањето на Мијавади и околните воени бази претставува значаен пораз за хунтата, која се соочува со проблеми поради санкциите на Западот. Градот е клучен поради големите даночни приходи и локацијата низ која поминуваат стоки чија размена изнесува повеќе од една милијарда долари годишно.

Весникот „Каосод“ во објава на мрежата Х, прикажа видео од цивили во Мјанмар, од кои многу жени и деца, како тајландски војници ги спроведуваат во земјата.

Тајланд во петокот објави дека бегалците не влегле во земјата и дека разговара со хуманитарните агенции за зголемување на помошта за цивилите на страната на Мјанмар.

Претставничкиот дом на САД ќе гласа за воената помош за Украина

Претставничкиот дом на САД.
Претставничкиот дом на САД.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги засили своите повици за итна воена помош, велејќи дека членките на НАТО мора да одлучат „дали ние навистина сме сојузници“, додека се очекува клучното гласање во Конгресот на САД за новиот пакет помош за Украина конечно да се одржи на 20 април.

„Нашето небо мора повторно да биде безбедно“, рече Зеленски на видео-конференција со министрите за одбрана на НАТО на 19 април.

„Тоа целосно зависи од вашиот избор. Избор дали животот е навистина подеднакво вреден насекаде. Избор дали имате еднаков однос кон сите партнери. Избор дали навистина сме сојузници“, рече тој.

Зеленски рече дека неговата нација која е во војна не може да се одбрани од руската инвазија без дополнителна поддршка од западните сојузници.

„Очигледно е дека сега, додека Русија има воздушна предност и може да се потпре на својот терор со беспилотни летала и ракети, нашите способности на терен, за жал, се ограничени“, додаде тој.

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, ја повтори поддршката на Алијансата за Киев и ја истакна пред членките потребата од дополнителна помош за Украина со оглед на опасната ситуација на бојното поле.

„Сојузниците мора да копаат длабоко во залихите и да ја забрзаат испораката на ракети, артилерија и муниција“, рече Столтенберг.

„Украина го користи оружјето што го обезбедивме за да ги уништи руските борбени способности. Ова не прави сите побезбедни. Така што поддршката за Украина не е добротворна. Тоа е инвестиција во нашата сопствена безбедност“, додаде тој.

Тој рече дека од членките на НАТО за Украина се достапни повеќе системи за воздушна одбрана.

Очајно потребниот пакет воена помош од 60,84 милијарди долари за Украина до оваа недела беше блокиран во Претставничкиот дом на САД поради противењето на тврдокорните во Републиканската партија кои сакаат да ги поврзат прашањата на внатрешната политика како што е имиграцијата со одлуката за странска помош.

Но, Претставничкиот дом на 19 април притискаше на пакетот помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, бидејќи двопартиската коалиција на пратеници помогна да се отстрани процедуралната пречка за да се дојде до конечните гласања, кои сега се очекува да започнат на 20 април во 13 часот по локално време.

Времето облачно со сончеви периоди

Камен мост, Скопје
Камен мост, Скопје

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во источните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а во западните делови од западен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 13 до 20 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.

Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд.

Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер.

Поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.

Столтенберг - НАТО ќе испрати противвоздушни системи во Украина

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, прес-конференција на 18 април.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, прес-конференција на 18 април.

Земјите на НАТО се согласија да испратат повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, вклучително и системи Патриот, изјави на 19 април генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„НАТО ги провери постојните капацитети во Алијансата и има системи кои можат да бидат испратени во Украина. Според тоа, очекувам наскоро нови најави за противвоздушни одбранбени системи“, рече Столтенберг по видео состанокот на министрите за одбрана на Алијансата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Покрај „Патриот“, има и други системи што сојузниците можат да ги испратат, вклучувајќи ги системите САМП-Т и ракети земја-воздух француско-италијанско производство, додаде Столтенберг.

„Нема да дадам точни бројки, но работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие ќе донесат добри одлуки за снабдување со новите системи Патриот“, рече тој.

Украина бара од своите сојузници да ѝ испратат системи за противвоздушна одбрана, вклучително и системите Патриот, кои се најефективни против руските хиперсонични ракети, кои ги погодија украинските градови и инфраструктура во последните недели.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 19 април им кажа на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат својата воена помош за Киев.

Заменик министерката за финасии Петрова обвинува за незаконски вработувања, Министерството негира

Министерството за финансии.
Министерството за финансии.

Дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова денеска рече дека во Министерството за финансии имало незаконски вработувања, односно дека од формирањето на техничката влада до денот на распишувањето на изборите имало 36 вработувања на определено време, две вработувања на неопределено време и три унапредувања. Министерството реагираше во соопштение наведувајќи дека немало незаконски вработувња.

Петрова рече и дека биле дадени согласности за целиот јавен сектор за 1 200 вработувања на неопределено време, 448 на определено, а дека ангажирани биле 1 227 лица со договор на дело, а 99 лица биле унапредени.

Во соопштението на Министерството за финансии се вели дека од почнување на мандатот на преодната влада сите предмети кои биле доставувани на потпис до министерот, биле испраќани на разгледување и до заменик-министерката Петрова, вклучително и документите кои се однесуваат на постапките за вработување и унапредување во МФ и издавањето известувања за обезбедени средства за нови вработувања кај буџетските корисници.

„Согласно со Законот за влада чл. 46 е дефинирано дека дополнителниот заменик на министерот заедно со министерот рамноправно ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот, а се однесуваат само на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организација на изборите“, се вели во соопштеноето на Министерството за финансии.

Од Министерството наведуваат дека поради несогласувањето согласно членот 48 од Законот за Влада, се обратиле до ДИК како единствена надлежна институција да одлучува во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите.

„По донесената одлука на ДИК со која се потврди дека не станува збор за прашања поврзани со организација на изборите, беа покренати судски постапки од страна на дополнителниот заменик-министер за финансии пред надлежни судови, каде одлуката на ДИК беше потврдена од страна на Управниот суд, но по жалба пред Виш управен суд истиот ја поништи и ја врати на повторно одлучување“, велат од Министерството.

Петрова рече дека Вишиот управен суд донел две пресуди во нејзина корист со кои ги поништил како незаконити одлуките на ДИК кои се донесени врз основа на барања на Министерството за финансии.

ДКСК повторно одлучи дека АСЈО треба да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели

Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 19 април донесе одлука со која ѝ предложи на Академијата за судии и јавни обвинители да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите. Одлуката е донесена со четири гласа „за“ и еден „против“ и за неа е дозволена тужба во рок од 24 часа.

ДКСК ја донесе ваквата одлука по доставен приговор од кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска - Давкова дека Академијата за судии и јавни обвинители спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

„Се задолжува Академијата за судии и јавни обвинители започнатата постапка за прием на 130 слушатели, да ја стави во мирување до завршување на изборите за избор на претседател на државата и пратеници во Парламентот и Владата“, се вели во одлуката на ДКСК.

Приговорот на Силјановска - Давкова до ДКСК беше доставен ба 6 април дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Приговорот од Силјановска - Давкова беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата на судии и јавни обвинители поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд.

По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување.

Блинкен - Кина го поттикнува конфликтот во Украина помагајќи ѝ на Русија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на прес-конференција по состанокот на Г7 во Капри, 19 април 2024 година.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на прес-конференција по состанокот на Г7 во Капри, 19 април 2024 година.

Државниот секретар на СAД Ентони Блинкен на 19 април изјави дека Кина индиректно го поттикнува конфликтот во Украина со снабдување на Русија со делови за нејзината воена индустрија.

На италијанскиот остров Капри, по состанокот на шефовите на дипломатиите на Групата седум најразвиени индустриски земји (G7), Блинкен рече дека Кина е „главниот снабдувач“ на руската воена индустрија, што „ѝ овозможува Русија да продолжи со својата агресија против Украина“.

„Ако Кина сака пријателски односи со Европа, не може да ја снабдува другата страна која е најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна“, рече Блинкен.

Министрите за надворешни работи на Г7 (САД, Јапонија, Канада, Франција, Германија, Велика Британија и Италија) ја изразија својата „длабока загриженост“ за испораката на кинеска опрема во Русија, која ѝ помага на руската „воена машина во Украина“. пишува во завршната изјава од средбата.

„Ова ѝ овозможува на Русија да ја зајакне и да ја снабдува својата воена индустрија, што е закана за Украина и за меѓународниот мир и безбедност“, се додава во изјавата.

Тие ја повикаа Кина да го прекине снабдувањето на Русија бидејќи, како што рекоа, Пекинг ја продолжува војната во Украина и го зголемува ризикот во кој се наоѓаат соседите на Русија.

САД се надеваат дека притисокот од европските земји ќе го наведе Пекинг да ја намали поддршката за Русија.

Кина и Русија ја зголемија економската соработка и дипломатските контакти во последниве години, а нивното стратешко партнерство стана посилно по инвазијата на Москва врз Украина во февруари 2022 година.

Додека Кина тврди дека е неутрална во конфликтот во Украина, па дури и се обиде да ја игра улогата на посредник, таа беше критикувана затоа што одбива да ја осуди офанзивата на Москва.

Зеленски побара од НАТО системи за противвоздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во изјава на 19 април им порача на членките на НАТО дека на Украина ѝ се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за Украина да се спротивстави на руските воздушни напади.

Зеленски ги повика земјите на НАТО да ја засилат својата воена помош за Киев.

Говорејќи преку видео врска на Советот НАТО-Украина, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил препуштен сам на себе за време на масовниот воздушен напад на Иран.

„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земја, а нашето небо мора повторно да стане безбедно. И тоа целосно зависи од вашиот избор (...) од изборот дали навистина сме сојузници“, рече Зеленски во својот говор.

Зеленски оцени дека Русија во моментов има воздушна супериорност, ограничувајќи ја можноста на Украина да напредува на линијата на фронтот.

„Очигледно сега, додека Русија има воздушна супериорност и може да се потпре на својот терор од беспилотни летала и ракети, нашите опции на теренот за жал се ограничени“, додаде тој.

Русија го засили бомбардирањето на енергетската инфраструктура на Украина и нејзините градови во последниве недели, зголемувајќи го притисокот врз Киев бидејќи побројните и подобро опремени сили на Москва полека напредуваат на бојното поле на истокот, наведува Ројтерс.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG