Достапни линкови

Надеж за трето место во квалификационата група за ЕП


Не можеме пак да бидеме шестти, петти или четврти и да кажеме дека е успех. Сега треба да се бара резултат, вели долгогодишниот капитен на националниот фудбалски тим Артим Шаќири.

„Добивме силна и неатрактивна група, но и ривали против кои не сме без шанси за историски пласман на Европско првенство“.
Мислам дека можеме да играме со сите подеднакво, можеме да се надеваме на позитивен резултат, меѓутоа мораме да одиграме на највисоко можно ниво во сите натпревари.
Данчо Целески, голман.

Ова е општото мислење меѓу македонските фудбалски работници откако во квалификациите за ЕП кое во 2016-та година ќе се одржи во Франција, за противници ги добивме европскиот и светски шампион Шпанија, Украина, Словачка, Белорусија и Луксембург. Во оваа конкуренција, Македонија е петта според актуелниот рејтинг, меѓутоа може да атакува на третото место, кое значи најмалку бараж за Еуро, смета поранешниот репрезентативен голман Данчо Целески.

„Шпанците не се во конкуренција за пласман, бидејќи однапред првото место е сигурно резервирано за нив, знаејќи го квалитетот. Меѓутоа со другите репрезентации доколку се направи една добра атмосфера во националниот тим и се задржи концентрација во тек на настапите, имаме на што да се надеваме. Мислам дека можеме да играме со сите подеднакво, можеме да се надеваме на позитивен резултат, меѓутоа мораме да одиграме на највисоко можно ниво во сите натпревари. Можеби и над својот квалитет во моментот и со тоа да се доближиме до таа посакувана трета позиција која би не водела во бараж за пласман на ЕП“, изјави Целески.
Сега треба да се бара резултат. Се знае освен првите три места, за нас е неуспех. Не можеме пак да бидеме шестти, петти или четврти и да кажеме дека е успех.
Артим Шаќири, поранешен фудбалер.

Уште поголеми се очекувањата на долгогодишниот капитен на националниот тим Артим Шаќири. Тој порачува дека е крајно време место да се задоволуваме со симболични учества, во квалификациите да атакуваме на пласман на големо натпреварување.

„Сега треба да се бара резултат. Се знае освен првите три места, за нас е неуспех. Не можеме пак да бидеме шестти, петти или четврти и да кажеме дека е успех. Не можеме сега да кажеме едно место погоре сме се качиле, е тоа е успех за нас. Не! Значи добар пласман за нас е сега веќе да стигнеме до трето место кое што не води во бараж“, истакна Шаќири.

За остварување на овој дводецениски македонски сон, според нашите соговорници, неопходно е создавање позитивна клима и тимска игра во репрезентацијата, каде што поединците треба да му се подредат на колективот, а не обратно, како што беше случај во минатото. Покрај ова, кормиларот Бошко Ѓуровски и неговите избраници мора да добијат максимална поддршка, особено по повлекувањето на најискусните Горан Пандев и Николче Новески. Тоа е сериозен удар за националниот тим, за чиј интерес, според членот на стручниот штаб на екс селекторите Канатларовски и Катанец, мора да се направи уште еден обид за нивно враќање во најдобрата селекција.

„Ако има било каква можност да се наговорат Пандев и Новески да продолжат со настапите за репрезентацијата тоа би било одлично, бидејќи ние не сме земја која што има не знам колку голем број на квалитетни фудбалери, кои што би можеле ете наеднаш да застанат и да го заземат нивното место. Секако дека имаме млади и талентирани, меѓутоа искуството, квалитетот и настапите во силните лиги се секогаш предност и не треба од таквите играчи да се откажуваме многу лесно“, додаде Целески.

Инаку, преку квалификациите кои ќе стартуваат во септември, на ЕП во Франција ќе се пласираат репрезентациите кои ќе ги освојат првите две места во деветте групи, како и најдобрата трета селекција. Другите третопласирани национални тимови ќе играат бараж за преостанатите четири визи на Еуро, на кое (со домаќинот Франција) за прв пат ќе учествуваат 24 репрезентации.
XS
SM
MD
LG