Достапни линкови

Вести

Власта и опозицијата се препукуваат за задолженоста

СДСМ на прес-конференција апелираше до Владата да престане со задолжување на земјата, посочувајќи дека внатрешниот долг на државата до крајот на годината би се искачил на над една милијарда евра. „Согласно најновите податоци на Народната банка, само домашниот долг на крајот на месец јуни изнесува речиси 940 милиони евра. Тоа поедноставено значи дека секој граѓанин на Република Македонија па дури и дечињата родени на почетокот на овој месец поединечно се задолжени со околу 470 евра“ рече потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов.

Сосема предвидливо од СДСМ е секогаш кога Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне успех и ќе направи чекор напред за подобар живот и иднина на овој народ, тие да излезат со режирани прес конференции за да ја прикажат Владата во негативно светло, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Узунов. Владеачката партија дополнително напоменува дека од буџетот редовно се исплаќаат плати, пензии, субвенции, се врши поврат на ДДВ и сето тоа се случува во време на европска економска криза.

види ги сите денешни вести

Пред гласањето в недела разрешена Општинската изборна комисија во Дебар

Локални избори 2021

Државната изборна комисија ја разреши Општинската изборна комисија за Дебар, поточно нејзиниот прв ешалон, додека остануваат и понатаму заменик-претседателот и замениците на членовите на комисијата.

На месото на Маџите Атипи, нов претседател на ОИК-Дебар е Рилинд Хаса, а потпретседател на комисијата и понатаму е Јованка Јосифовска.
Во Дебар в недела ќе се повтори гласањето во избирачкото место 0543, и за градоначалник и за членови на Советот на општина Дебар.
Управниот суд ја прифати тужбата на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, а ДИК врз основа на овие тужби донесе решение за повторување на гласањето, со оглед дека вкупниот број на запишани избирачи на ова избирачко место влијае врз вкупните резултати во оваа општина.

На избирачко место 0543 во единствениот избирачки список запишани се 777 лица со право на глас. Во првиот круг ова право го оствариле 484 од кои 16 ливчиња биле неважечки.

Во првиот круг кандидатот на ДУИ и актуелен градоначалник Хекуран Дука, на ова избирачко место освоил 195 гласови или 40,29 отсто од запишаните, Беким Поцеста од Алијанса за Албанците-Алтернатива 271 или 55,99 отсто, и Петрит Клења, кандидат за градоначалник од ДПА, два гласа или 0,41 отсто.

Во оваа општина има 27 избирачки места, во единствениот избирачки список се запишани 19.211лица. Во првиот круг правото на глас го искористиле 8.046 лица или 41,88 отсто. Најмногу гласови доби Поцеста 3.998 или 49,69 отсто, Дука 3.713 или 46,15 и Клења 47 или 0,46 отсто.

Шмит во Парламентот на БиХ – Меѓународната заедница нема да стои на страна

Високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит, денеска за првпат се обрати пред Парламентот на БиХ.

Високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит, денеска за првпат се обрати пред Парламентот на БиХ, на свое барање. Тој рече дека „сите опции“ за решавање на кризата во земјата се на маса доколку нема дијалог и ако интегритетот на земјата продолжи да биде загрозен.

„Во август не очекував дека БиХ ќе се соочи со најсериозното оспорување на нејзиниот суверенитет“, рече Шмит. Тој вели дека меѓународната заедница го следи тоа прашање.

Земјата се соочува со најтешката политичка криза од потпишувањето на Дејтонскиот договор. Кризата беше предизвикана од блокадата на државните власти од страна на претставници на Република Српска предводени од членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. Тој најави дека во ноември, парламентот на РС ќе донесе серија закони со кои се оспорува статусот на вооружените сили, полициските агенции и државните судски тела на БиХ, како и правото на БиХ да собира даноци и царини. Додик има намера да ги пренесе сите овие овластувања на ниво на РС, вклучително и формирање на ентитетска армија.

„Оваа земја се состои од ентитети и така и ќе остане, бидејќи тоа е дел од суверенитетот и територијалниот интегритет како што е формулирано во Дејтонскиот договор. Никој нема интерес да го врати часовникот наназад. Меѓународната заедница нема само да стои настрана“, рече Шмит.

Пратениците на РС не присуствуваа на парламентарната седница во Сараево за да слушнат што има да каже Шмит за актуелната ситуација, бидејќи тие веруваат дека тој незаконски бил назначен за висок претставник бидејќи Советот за безбедност на ОН не разговарал за тоа.

Шмит вели дека никој кој поттикнува распаѓање на државата нема да може да го реализира тоа. Ова беше негов прв говор пред Претставничкиот дом по 100 дена на функцијата.

Тој ја опиша актуелната ситуација во БиХ како „еден од најголемите предизвици за нејзиниот суверенитет“ од 1995 година.

Тешко дека талибанците ќе ги казнат убијците на новинари

Новинари во Авганистан

Најверојатно нема да има правда за 17 авганистански новинари убиени во изминатата деценија, сега откако дојдоа талибанците на власт и по колапсот на институциите, велат од Комитетот за заштита на новинарите.

Организацијата со седиште во Њујорк, која се занимава со правата на медиумите, денеска до издаде својот Индекс на неказнивост.

Како и во изминатите две години, Авганистан се најде на петтото место на индексот. Истражувањето ги рангира земјите каде што новинарите се убиваат, а нивните убијци остануваат неказнети.

Ситуацијата за новинарите се влоши откако талибанците ја презедоа контролата над поголемиот дел од Авганистан во средината на август, кога меѓународните сили предводени од САД се повлекоа од земјата. Тогаш стотици медиумски работници ја напуштија земјата поради стравот од талибанците, кои имаат досие на сурово однесување кон медиумите.

„Ветувањата дадени од раководството на талибанците за заштита на слободата на печатот се празни, бидејќи нивните борци извршија голем број прекршувања на правата на медиумските работници, вклучително и тепање и притворања на новинари“, соопшти Комитетот за заштита на новинарите.

Севкупно, во текот на изминатата деценија биле убиени 278 новинари низ светот, од нив убиствата на 226 новинари останале неказнети, покажува истражувањето на Комитетот.

Сомалија е на врвот на листата седма година по ред, а потоа следат Сирија, Ирак и Јужен Судан.

Во првите 10 земји во светот по неказнивост на злосторствата против новинарите се и Мексико, Филипини, Бразил, Пакистан и Русија.
Овој индекс не ги вклучува случаите на убиени новинари во борба или додека биле на опасни задачи.

Во Авганистан, 17 локални новинари беа убиени во изминатите 10 години, од кои пет само во 2020 година, додека нивните убијци се на слобода. Меѓу убиените мината година се и репортерот на РСЕ Елјас Даје и хонорарецот Рахматула Никзад. Тие добиле закани од талибанците пред нивната смрт. Тоа го наведува Комитетот дека има мали шанси новите авгианистански владетели да ги бараат убијците.

Во меѓувреме, судскиот систем на Авганистан пропаѓа, што доплнително дава поткрепа на тоа дека убијците ќе останат неказнети.

Вакцинирани 38 отсто од граѓаните во државата

Вакцинација во Скопје

Министерството за здравство информира дека во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 5.532 дози вакцини, од кои 666 се аплицирани како прва доза, 1.050 се ревакцинирани, а 3.816 граѓани примиле трета доза вакцина.

Заклучно со 27 октомври, според соопштението, вкупно се вакцинирани 803.408 граѓани, ревакцинирани се 773.537 а трета доза примиле 24.021 граѓани. 54 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.

В недела почнува зимското сметање на времето

Илустрација

Зимското сметање на времето почнува в недела во 3:00 часот со поместување на времето за еден час наназад, сметајќи се како 2:00 часот, информираат од Бирото за метрологија.

Летното сметање на времето во 2021 година се завршува на 31 октомври во 3:00 часот, така што со поместување за еден час наназад времето во 3:00 часот се смета како 2:00 часот.

Часот кој на 31 октомври 2021 годинa, поради поместувањето за еден час наназад се појавува два пати помеѓу 2:00 и 3:00 часот се означува првиот пат како час 2А, а вториот пат како час 2Б, се вели во соопштението од Бирото за метрологија.
Одлуката е објавена во Службен весник на Република Северна Македонија број 68 од 25 март 2021 година.

Од ковид почина 17 годишна девојка од Демир Хисар

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравствоинформира, дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби утрово починала 17 годишна пациентка од село Сопотиница, Демир Хисар. Според соопштението, таа имала дијабет и не била вакцинирана.

„Тегобите кај пациентката биле 9 дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје. Според лекарските извештаи, на 18.10, младата пациентка за првпат побарала лекарски преглед во КБ Битола.Пациентката била донесена во болница со ниска сатурација, ТТ 40С, отежнато дишење и болки во телото и мускулите. Овие симптоми пациентката ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош во болницата во Битола. Лекар ја прегледал во пнеумофизиологија - амбуланта за суспектни пациенти со Ковид, тестирана е за Ковид 19 и истот ден е добиен резултат - Ковид позитивна“, се наведува во соопштението.

Поради сериозност на состојбата, според соопштението, задржана е во болница и поставена на перманентна кислородна поддршка.

„За пациентката, поради тежината на состојбата, возраста и коморбидитетите, веднаш е организиран транспорт на КИБФС во Скопје. На 19.10 пациентката со возило на Итна Помош е донесена на Клиниката во многу тешка состојба. За време на транспортот е на постојана кислородна поддршка под надзор на медицински тим во возилото. Пациентката е примена во единица за интензивна нега на КИБФС и почнат е интензивен третмант по протокол за лекување пациент со тешка Ковид 19 инфекција. Во тек на престојот следи прогресивно влошување на состојбата со влошување на лабораториските, биохемиски анализи, рентгенграфски наод и клиничка слика. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот дена драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање. И покрај сите превземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката денеска во раните утрински часови почина“, се додава во соопштението.

Борисов: Поддршката зависи од признавање на бугарското малцинство

Бојко Борисов

Лидерот на бугарската партија ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека за Бугарија да ја поддржи Северна Македонија, бугарското малцинство мора да биде впишано во Уставот на државата.

„Тие знаат дека нашата поддршка како власт или како опозиција зависи од признавањето на бугарското малцинство. За оваа тема најдов разбирање со Еди Рама, го очекувам истото и од Зоран Заев. За Бугарија е исклучително важно Северна Македонија и Албанија да се во Европската Унија“, напиша Борисов на својот Фејсбук профил.

Неговата изјава следува по средбата во Софија со преставници на бугарски здруженија во Северна Македонија, кои, според него, му се пожалиле дека „во земјава се чувствуваат како да не постојат“.

Претставници на неколку бугарски здруженија во Северна Македонија, вчера беа примени и од претседателот на Бугарија Румен Радев, кој на средбата посочил дека без соработка со македонските Бугари, Софија не може соодветно да ги заштити нивните права. Тој потсети дека во Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Република Северна Македонија стои дека Софија има право да ги брани правата на македонските Бугари.

Османи: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најлогично сценарио

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави денеска дека целосната интеграција на сите земји од регионот на Западен Балкан во ЕУ е најрационалното и најлогичното сценарио. Според него, тоа ќе биде во функција на создавање на Унија која ќе егзистира обединета, просперитетна и во мир.

Тој во обраќање на меѓународната научна конференција на тема „Балканот меѓу европската интеграција и регионалната соработка“ се осврна на процесите на евроинтеграција и регионална соработка, оценувајќи ги како стратешка определба и избор за иднината.

„Западен Балкан или како што повеќе сакам да го именувам, Југоисточна Европа не е изолиран остров, туку се наоѓа во срцето на Европа. Сите наши врски, сите наши патишта се вкрстуваат со ЕУ. Процесот на евроинтеграција и процесот на регионална соработка се комплементарни и водат кон истата цел, членство во ЕУ на овој регион“, истакна министерот Османи.

Конференцијата беше организирана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.

Макрон: На Австралија е дали ќе ги поправи односите со Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон му рекол на австралискиот премиер Скот Морисон дека ја нарушил довербата меѓу нивните две земји и дека на Канбера е да ги поправи односите, соопшти Елисејската палата.

За време на телефонскиот разговор, пред самитот на ОН за климатски промени, Макрон, исто така, го повикал премиерот Морисон да се заложи за запирање на ископувањето јаглен и употребата на јаглен за производство на електрична енергија.

Австралија, Обединетото Кралство и САД на 15 септември објавија ново безбедносно партнерство за Индо-Пацификот, а официјална Канбера склучи договор за набавка на нуклеарни подморници со Вашингтон и Лондон. Франција по одлуката на Австралија да го откаже договорот за купување конвенционални подморници од земјата објави дека итно ги отповикува своите амбасадори од Вашингтон и Канбера.

Нов режим на испорака на топлинска енергија во Скопје

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски д

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски денеска изјави дека Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги го одобрила дополнувањето на Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење на Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје со кои се овозможува БЕГ порано да стартува со испорака на топлината во дистрибутивниот систем.

„На стартот на грејната сезона, БЕГ во неколку објекти изврши пробно тестирање преку оптимизација на испорака на топлинска енергија. Со новиот режим радијаторите уште од три часот изутрина пополека ќе почнат да се затоплуваат за да се постигне пропишаната температура од 6 до 22 часот. Оптимизираниот режим на испорака ќе овозможи да се зголеми квалитетот и комфорот на живеење. Пропишаната температура од 6 до 22 часот е загарантирана, а сметките ќе останат исти, изјави Бислимоски.

Според него, новиот оптимизиран режим на испорака ќе придонесе за намалување на осцилацијата на внатрешните температури во објектите.

„Количината на потребната топлинска енергија ќе остане непроменета, бидејќи со зголемувањето на времето на испорака ќе се намали ангажираната моќност на објектите“, прецизира Бислимоски.

Кина против воените врски на САД и Тајван

Претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен

Кина денеска соопшти дека е против воените врски меѓу САД и Тајван, откако тајванската претседателка Цаи Инг-вен потврди дека мал број американски војници се присутни на островот.

Комунистичка Кина, која го смета Тајван за своја територија и вети дека ќе го стави под власт на Пекинг, доколку е потребно и со сила, го засили својот воен притисок врз островот, вклучително и повеќекратните мисии на кинеските воени авиони во зоната за идентификација на тајванската воздушна одбрана.

Цаи во интервју за Си-Ен-Ен рече дека има мал број американски војници во Тајван за да помогнат во обуката, додавајќи дека има „верба“ дека американската војска ќе го брани островот во случај на кинески напад.

Коментарите на Цаи се првпат тајвански претседател јавно да даде такво признание откако последниот американски контингент го напушти Тајван во 1979 година, кога Вашингтон го префрли дипломатското признавање на Пекинг.

„Имаме широк опсег на соработка со САД со цел да ја зголемиме нашата одбранбена способност“, рече Цаи за Си-Ен-Ен.

На прашањето колку американски војници се распоредени во Тајван, таа рече само дека „не се толку многу колку што мислеа луѓето“.

Нејзините коментари предизвикаа лути реакции во Кина.

„Ние цврсто се спротивставуваме на каква било форма на официјална размена и воени контакти меѓу Соединетите држави и Тајван, се спротивставуваме на американското мешање во внатрешните работи на Кина и обидите да се испровоцира и да се предизвика неволја“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин.

„Принципот „една Кина“ е политичката основа на односите меѓу Кина и САД. САД не треба да ја потценуваат силната решеност на кинескиот народ да го брани националниот суверенитет и територијалниот интегритет“, додаде Ванг.

Ново мнозинство во советот на Град Скопје

Илустрација

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека обезбедиле мнозинство во Советот на Град Скопје.

„Досегашната парламентарна опозиција во македонското собрание, преку освоените советници во Град Скопје на последните Локални избори 2021, обезбеди апсолутно мнозинство од 24 советници од вкупниот број на 45 советници во Советот на град Скопје“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека новото мнозинство ќе функционира по принципот на конкретна соработка на точно одредени програмски проекти кои се во јавен интерес на народот и исклучиво за доброто на локалните жители и на месното население.

„Со ова, обзнануваме дека актуелната владина коалицијата на СДСМ и ДУИ ќе биде опозиција во градот Скопје. Следуваат многу подобри денови во раководењето со градот, во корист на сите жители на Град Скопје и на неговите општини“, стои во соопштението.

Со истото соопштение излезе и политичката партија Левица. ВМРО-ДПМНЕ, според резултатите на ДИК, има 18 советници во Град Скопје, Левица има 4, а Алијанса за Албанците 2 советници.

СДСМ освои 12 советници, ДУИ 5, ЛДП 2 и 2 советници од Зелен хуман град.

Апсења на демонстранти во Судан

Протести во Судан

Суданските безбедносни сили извршија апсења на демонстранти по воениот удар, додека меѓународната заедница ги засили казнените мерки. Стотици демонстранти фрлаа камења врз безбедносните сили додека тие ги демонтираа уличните барикади во источниот кварт на Картум, јави АФП.

Во северниот дел на главниот град, безбедносните сили употребија солзавец и гумени куршуми врз десетици демонстранти. Министерството за информации кое е сè уште лојално на соборената влада соопшти дека безбедносните сили ја зајакнуваат контролата врз главниот град.

„Населбите и улиците се блокирани од оклопни возила и мажи кои носат пушки“, се вели во соопштението.

Суданските безбедносни сили уапсија тројца истакнати продемократски личности, изјавија нивни роднини и други активисти. Раководството на армијата, исто така, разреши шест амбасадори од нивните должности, според извештаите. Амбасадорите во Европската унија, САД, Кина, Франција, Катар и шефот на суданската мисија во Женева се разрешени од своите позиции, јави суданската државна телевизија.

Голем број судански дипломати го осудија военото преземање на власта и ја изразија својата солидарност со суданските демонстранти кои се спротивставија на пучот.

Меѓународниот притисок продолжува да се зголемува врз војската на земјата. Светска банка ја замрзна помошта, а Африканската унија го нарече пучот „неуставен“ и го суспендираше Судан поради државниот удар на 25 октомври.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен вчера телефонски разговарал со суданската министерка за надворешни работи Маријам Садик ал-Махди, велејќи потоа на Твитер дека го осудува апсењето на цивилните лидери. Тие, исто така, разговарале за тоа како Соединетите Држави можат најдобро да го поддржат повикот на суданскиот народ за враќање на транзицијата кон демократија предводена од цивили.

Русија и Украина со рекорден број на заразени со ковид

Хоспитализирани лица со ковид во Русија.

Русија денеска објави рекорден број на случаи на коронавирус и смртни случаи. Според официјалниот извештај во земјата се регистрирани 40.096 нови случаи и 1.159 смртни случаи во изминатите 24 часа.

Вкупниот број на починати сега изнесува повеќе од 235,000, што е четвртиот највисок во светот зад Соединетите држави, Бразил и Индија. Москва денеска повторно воведе делумно затворање кое ќе трае 11 дена со тоа што само на основните продавници како аптеки и супермаркети им е дозволено да работат.

Украина регистрираше рекорден дневен рекорд од 26.071 нови инфекции со Ковид-19 во изминатите 24 часа, надминувајќи го претходниот максимум од 23.785 на 22 октомври, соопшти Министерството за здравство. Бројот на починати од вирусот е 576 лица.

Од почетокот на пандемијата бројот на заразени во Украина изнесува 2,85 милиони и 66.204 смртни случаи. Бројките на заболени и смртните случаи се зголемуваат низ Источна Европа, а властите соопштија дека проблем е нискиот степен на вакцинација.

Автомобилската индустрија погодена од недостигот на чипови

Илустрација

Германски Фолксваген забележа пад на профитот и продажбата во третиот квартал, а американско-француско-италијанската група Стелантис не успеа да ги постигне своите производствени цели во третиот квартал бидејќи глобалниот недостиг на чипови го попречи производството на автомобили.

„Глобалните застој со полупроводници особено имаше влијание врз деловните перформанси на групацијата Фолксваген во третиот квартал“, се вели во соопштението на германскиот автомобилски гигант, откако постојано беше принуден да го паузира производството во некои од неговите фабрики поради недостиг на чипови.

Оперативниот профит на групацијата падна за 12 отсто во третиот квартал во споредба со истиот „слаб“ период погоден од пандемијата минатата година на 2,8 милијарди евра. Испораките на возила беа намалени за 24 отсто меѓу јули и септември во споредба со претходната година, додека побарувачката на клучниот пазар во Кина „не можеше да се исполни“, се вели во соопштението.

Малото снабдување со полупроводници, клучна компонента и кај конвенционалните и кај електричните возила, „се засили низ целата индустрија“, рече Фолксваген. Марките на групацијата вклучуваат Фолксваген, Ауди, Сеат и Шкода.

Стелантис чии брендови вклучуваат Џип. Крајслер, Фиат, Пежо и Цитроен соопшти дека недостигот на компјутерски чипови предизвика неговото производство да биде речиси една третина под целта.

Групата соопшти дека произвела 600.000 возила, или 30 отсто помалку од планираното, во периодот од јули до септември. Стелантис беше формиран претходно оваа година преку прекугранично спојување по принципот 50-50 помеѓу италијанско-американскиот конгломерат Фијат Крајслер Автомобили и француската групација ПСА. Седиштето на компанијата е во Амстердам.

Француските власти го обвинија Лукашенко и неговото семејство за трговија со луѓе

Александар Лукашенко

Француските власти го обвинија семејството на Александар Лукашенко дека стои зад „мудро организираната трговија со луѓе“ во Европската унија преку Турција и Дубаи. „Оваа трговија е организирана директно од самото семејство Лукашенко, со трети земји, преку организирање комерцијални летови и тури“, изјави францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон. Според него, белорускиот режим „мудро организира“ шверц преку Турција и Дубаи, додека дел од мигрантите биле транспортирани од Ирак.

ЕУ воведува санкции кон Белорусија за проблемот со мигрантите


ЕУ се сомнева дека Лукашенко со авиони носи мигранти од Блискиот Исток и Африка во Минск, по што ги испраќа во Литванија, Летонија и Полска како одмазда за санкциите што ЕУ ги воведе кон Белорусија.

ЕУ ќе ѝ даде на Молдавија 60 милиони евра за справување со енергетската криза

Во Молдавија криза со природен гас

Европската унија соопшти дека ќе ѝ обезбеди на Молдавија 60 милиони евра за да ѝ помогне на земјата да ја менаџира кризата со природен гас предизвикана од неуспехот на Кишињев да се договори за нов енергетски договор со традиционалниот снабдувач Русија. Најавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дојде откако Молдавија претходно оваа недела купи милион кубни метри природен гас од Полска. Владата соопшти дека тоа е прво купување гас од алтернативни извори во историјата на независна Молдавија.

Кремљ ги отфрла тврдењата дека со гасот врши политички притисок врз Молдавија

Земјата која е меѓу членката на ЕУ Романија и Украина прогласи вонредна состојба минатата недела откако нејзиниот договор за гас со рускиот државно контролиран Гаспром, најголемиот снабдувач на природен гас за Европа, истече на крајот на минатиот месец, а двете страни не успеаја да ги договорат деталите за новиот долгорочен договор.

Мрачна деловна империја зад подемот на фудбалскиот тим Шериф Тираспол

Некои експерти велат дека Москва ги зголемила цените за да ѝ се одмазди на Молдавија откако земјата ја избра прозападната претседателка Маја Санду минатата година. Земјата со 2,6 милиони жители троши 2,8 милијарди кубни метри гас годишно. Енергетската криза во Молдавија доаѓа откако цените на природниот гас низ Европа и другите делови на светот се искачија на рекордно ниво во последниве недели во услови на глобална криза во снабдувањето.

САД го издадоа првиот пасош со родово неутрална категорија

Соединетите држави им се придружуваат на најмалку 10 други земји кои им дозволуваат на своите граѓани да назначат пол различен од машкиот или женскиот во нивните пасоши.

Соединетите Држави го издадоа првиот пасош кој содржи категорија Х за секој што не сака да се изјасни дали е маж или жена, објави Стејт департментот. Се очекува следната година да се воведат категории за небинарни, интерсексуалност и родова некомпатибилност. Специјалниот претставник на САД за правата на ЛГБТК Џесика Стерн го нарече овој потег историски, нагласувајќи дека документите треба да се усогласат со реалноста. „Кога некое лице има документи кои се одразуваат на неговиот вистински идентитет, тој ќе живее со повеќе достоинство и почит“, рече таа. Не е соопштено кому му е издаден првиот пасош.

Во Црна Гора стапува во сила Законот за хомосексуални бракови

Орбан: Постапката на ЕУ поради анти-ЛГБТ законот е „легализирано хулиганство“

Отсега, Стејт департментот, исто така, им дозволува на апликантите сами да го избираат својот пол, машки или женски, повеќе не бара од нив да дадат лекарска потврда доколку нивниот пол не се совпаѓа со оној наведен во нивните други документи за идентификација, како што се изводите на родени. Соединетите држави им се придружуваат на најмалку 10 други земји, вклучително и Аргентина, Австралија, Канада, Германија и Индија кои им дозволуваат на своите граѓани да назначат пол различен од машкиот или женскиот во нивните пасоши.

Шефот на кинеската дипломатија во Белград

Знамиња на Кина и на Србија, Белград, архивска фотографија

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји престојува во дводневна посета на Србија. Тој вчера на белградскиот аеродром беше пречекан од министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ по што одвоено се сретна со премиерката на Србија,Ана Брнабиќ и со претседателот на Парламентот Ивица Дачиќ.

Кина и Русија бараат Меѓународната заедница да нема двојни стандарди за косовското прашање


Ванг денеска одвоено ќе разговара со Селаковиќ и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Пред средбата меѓу Ванг и Селаковиќ ќе биде потпишан Протоколот за соработка меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји. Најавена е и пленарна средба на делегациите на Србија и Кина, која ќе ја отворат Ванг и Вучиќ.

Кина ги користи инвестициите за да купува политичко влијание во Европа

Претходно, шефот на кинеската дипломатија престојуваше во Атина. На средбата со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас беше изразена подготвеност за дополнително зајакнување на соработката меѓу Грција и Кина. Двајцата министри се осврнаа и на кинеската инвестиција на атинското пристаниште Пиреас, а Ји рече дека постои „огромна можност за соработка и светла перспектива за развој во поврзаноста меѓу Кина и Европа“. Министерот за надворешни работи на Кина, за време на неговата посета на Атина се сретна и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Ескобар ќе зборува во Конгресот за американскиот ангажман на Балканот

Заменик-помошникот американски државен секретар Габриел Ескобар

Заменик-помошникот американски државен секретар Габриел Ескобар денеска во Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом ќе зборува за ангажманот на американската администрација на Западен Балкан. Тој ќе учествува на сесијата организирана од поткомитетот за Европа, енергија, животна средина и висока технологија. Овој поткомитет има дваесет членови, од кои единаесет се од Демократската партија и девет од Републиканската партија.

Ескобар: На Западен Балкан му се потребни политичари посветени на интеграцијата во ЕУ

Во пресрет на сесијата, Ескобар во вторникот преку видео врска им се обрати на учесниците на Единаесеттиот Белградски безбедносен форум - организиран од Србија. Ескобар ќе зборува за американската политика кон Балканот во време на поизразени тензии во регионот - најмногу меѓу Косово и Србија, во Црна Гора, но и во Босна и Херцеговина.

Претседателот на САД Бајден во Европа

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска заминува за Италија. Тој утре треба да се сретне со папата Франциск во Ватикан пред да ги започне состаноците со лидерите на најголемите светски економии во Рим. Тој, како што најави деновиве американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, со лидерите на Г-20 ќе разговара за цените на енергијата, иранската нуклеарна програма и прашањата за синџирот на снабдување за време.

Бајден ќе се сретне со Папата во ек на притисокот на бискупите против абортусот

Стакленичките гасови лани на рекордно ниво и покрај затворањето поради пандемијата

Бајден исто така, ќе се обиде да го зацврсти напредокот на глобалниот минимален данок. По состаноците на Г-20, Бајден ќе отпатува за Глазгов, Шкотска, за да присуствува на конференцијата на ОН за климатски промени COP26. Саливан рече дека САД и Европа се обединети пред двата самита и истакна дека кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин нема да учествуваат.

Приштина: Санкции против седум лица и една компанија поради врски со Хезболах

косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц

Косовската влада воведe санкции против седум лица и една компанија за врски со терористичката организација Хезболах, јавуваат косовските медиуми. „Санкциите се воведени во согласност со резолуцијата 1373 на Советот за безбедност на ОН против седум лица и една компанија за нивните врски со терористичката организација Хезбалах и нивната улога во финансиската мрежа“ на Арапскиот Полуостров“, изјави косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц. Санкциите вклучуваат замрзнување на имотот и забрана за патување, се вели во соопштението на владата. Тие, исто така, не можат да добијат пари од други поединци или фирми од Косово. Во соопштението е наведено дека компанијата погодена од мерките е AID-ar Properties, но не се наведува кои се поединците.

Мерка притвор за осомничените за тероризам во Косово

ЕВРОПОЛ: Загриженост на Балканот од повратниците од конфликтните зони

Ограничувањата „ја демонстрираат посветеноста на Косово како активен дел од меѓународните сојузи против тероризмот и сите форми на насилен екстремизам“, рече Гервала-Шварц, додавајќи дека потегот ќе придонесе за поблиско партнерство со Соединетите Држави и дсо руги важни партнери во заштитата. на заедничките вредности. Косовската влада во јуни 2020 година ги прогласи политичките и воените крила на Хезбалах за терористичка организација. Моќната фракција поддржана од Иран има места во парламентот на Либан, кој не ја призна декларацијата за независност на Косово од Србија во 2008 година.

Времето денеска: претежно сончево

Наутро студено, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб ветер од североисточен правец. Дневната температура ќе биде од 13 до 19 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 16 степени.

Преговорите за иранската нуклеарна програма продолжуваат во ноември

илустрација

Преговарачот Али Багери Кани на Твитер напиша дека имал „сериозен и конструктивен разговор за основните елементи за успешни преговори и дека по средбата со претставниците на ЕУ во Брисел е одлучено преговорите да започнат пред крајот на ноември“.

„Точниот датум ќе биде објавен следната недела“, изјави Кани, пренесува Ројтерс.

Техеран и шесте светски сили започнаа преговори во април за начините за спас на нуклеарниот договор од 2015 година, кој беше напуштен од преодната американска администрација.

Преговорите за враќање на усогласеноста со договорот се во мирување откако беше избран новиот претседател на Иран, Ебрахим Раиси. Се очекува тој да преземе цврст пристап доколку преговорите продолжат во Виена.

По шест рунди преговори, Техеран и Вашингтон сè уште не се согласуваат околу тоа кои чекори да преземат и кога, а клучните прашања се кои границите кои ќе ги прифати Техеран и кои санкции Вашингтон ќе ги отстрани.

„Враќањето на Америка на договорот не ни е важно. Она што е важно е исходот од преговорите да биде во корист на Иран“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан на прес-конференција. Тој, исто така, го повтори барањето на Иран за ослободување на неговите средства замрзнати поради американските санкции.

Палмер од денеска до сабота во посета на БиХ

Специјалниот претставник на САД за изборна реформа во Босна и Херцеговина, Метју Палмер

Специјалниот претставник на САД за изборна реформа во Босна и Херцеговина, Метју Палмер, денеска ќе пристигне во Сареаево на нова рунда разговори со партиските лидери.

Палмер пристигнува во БиХ, каде што престојуваше пред три недели, заедно со директорката на Европската служба за надворешни работи, Анџелина Ајхорст.

За време на посетата на крајот на септември, високиот американски функционер оствари низа разговори со претставници на политичките партии, а пред се за измените на Изборниот закон на БиХ.

Палмер разговараше со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера во Загреб, каде што рече дека ја разбира позицијата на Загреб во одбрана на позицијата на сонародниците во соседната земја, но истакна дека процесот ќе биде многу полесен доколку има договор меѓу САД, ЕУ и Хрватска. дека тоа е вистинскиот пат за Федерацијата и БиХ“. Палмер ќе биде во Сараево до 30 октомври.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG