Достапни линкови

Вести

Хашкиот трибунал го ослободи Момчило Перишиќ

Момчило Перишиќ
Хашкиот трибунал денеска го ослободи поранешниот началник на Генералштабот на југословенската армија Момчило Перишиќ. Во септември 2011 година трибуналот го осуди Першиќ на 27 години затвор за убиство и напади на цивили во БиХ и Хрватска за време на војната од 1993 до 1995 година.

види ги сите денешни вести

Втор пациент заразен со индискиот сој во земјава

Уште еден пациент во Македонија е заболен од индискиот сој на коронавирус, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче. Сепак тој додаде дека епидемиолошките анкети покажале дека нема поголем ризик и потреба од дополнителни мерки.

„Има уште еден ист таков случај кој се лекуваше во една од приватните болници. Стравување од индискиот сој или некоја нова форма на мутација која може да виде позаразна од сегашните актуелни постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на бoлеста или од смртен исход, дури и од таква мутирана форма на вирусот. Досега епидемиолошките анкети кои се направени покажаа дека нема некаков ризик, а со тоа и дополнителни мерки не треба да се прават“, рече министерот Филипче денес во Битола.

Со овој случај во Македонија досега се регистрирани само двајца граѓани кои се заразиле со индиската мутација. Првиот заболен беше откриен во јуни, а претходно престојувал во Ирак.

Македонците на масовна ревакцинација во Србија

Филипче додаде дека процесот на вакцинација е забавен бидејќи нема доволно вакцини, но како што рече, динаминката ќе се промени, кога ќе стигнат „Синовак“ од Кина и 100 илјади од „Фајзер“ преку ковакс-системот.

„Нашата последна информација е дека 100 илјади вакцини на ‘Фајзер’ преку ковакс-системот ќе стигне на 28 јуни, а на 27 или 28 јуни, половина од кинеските вакицини ‘Синовак’ и останатата половина до вкупно 500 илјади, до 30 јуни“, вели Филипче.

Тој најавува дека наскоро, откако сите ќе добијат термини, граѓаните ќе можат и без термин да одат и да се вакцинираат на пунктови.

Борел се закани со санкции за либанските политичари

Јозеп Борел

Европскиот министер за надворешни работи Joзеп Борел остро ги критикуваше либанските политичари за доцнењето во формирањето на новата влада, предупредувајќи дека Европската Унија може да воведе санкции за одговорните за политичкиот ќор-сокак во земјата.

Борел ја даде изјавата во претседателската палата близу Бејрут по средбата со претседателот Мишел Аун. Ова е негова прва средба за време на дводневната посета на Либан.

Коментарите на Борел следуваат во време на извештаите во либанските медиуми дека Франција и ЕУ заеднички даваат предлози за евентуална забрана за патување на некои политичари и замрзнување на средствата.

Либанскиот мандатар се откажа од формирање нова влада

Борел рече дека либанските политичари треба брзо да формираат нова влада, да спроведат реформи и да постигнат договор со Меѓународниот монетарен фонд за да започнат да ја извлекуваат нивната мала земја од парализирачката економска и финансиска криза.

Борбата за моќ меѓу мандатарот Саад Харири од една страна и Аун и неговиот зет Гебран Басил, кој го предводи најголемиот блок во парламентот, од друга страна, ја влоши кризата и покрај предупредувањата на светските лидери и економската експерти за тешката економска состојба во Либан.

Македонците на масовна ревакцинација во Србија

Во Белград и Ниш денеска и утре се ревакцинираат најголемиот број од околу 15.000 македонски државјани кои кон крајот на март ја примија првата доза на вакцината „Астра Зенека“, а продолжува и слободната вакцинација за нашите граѓани на вакциналните пунктови ширум Србија.

Процесот на ревакцинација ќе се одвива со продолжено работно време, како и во недела до 17 часот. Како што најавија од вакциналниот пункт на Белградски саем, денеска треба да се ревакцинираат 8.000 странски државјани, а во недела 5.000.

Паралелно со Саемот, се одвива и вакцинацијата со првите дози, исклучиво за граѓаните на Србија, Северна Македонија и БиХ.

Министерство за здравство- 50 отсто од луѓето над 70 години примиле барем една доза вакцина

Македонските државјани кои можат да се ревакцинраат викендов во Србија само во градот каде ја примиле првата доза, денеска и утре се ревакцинираат и во Ниш, во салата Чаир, а термин за повторна вакцинација имаат 5.700 македонски граѓани кои во март во Ниш ја примија „Астра Зенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора. Во Србија денеска пристигнаа 50.400 дози вакцини на „Астра Зенека“ донација од Романија.

Ултраконзервативниот Раиси е новиот претседател на Иран

Ибрахим Раиси

Ибрахим Раиси е новиот претседател на Иран. Тој ги победи тројцата кандидати на изборите на кои им беше забрането да учествуваат уште неколку кандидати.

Раиси е главен ирански судија и има ултра-конзервативни ставови. Се наоѓа на списокот на американски санкции за наводни повреди на човековите права.

Иранскиот претседател е втор највисок функционер во земјата, по врховниот водач. Претседателот има значително влијание врз внатрешната политика и надворешните работи. Сепак, врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи го има последниот збор за сите државни прашања.

Избори во Иран - меѓу сиромаштијата и пандемијата

Иран е управуван од конзервативни религиозни вредности и има ограничувања на политичките слободи уште од Исламската револуција во 1979 година. Многу Иранци ги оценија овие избори како наместени за да победи Раиси, а излезноста беше слаба.

Четири нови случаи на Ковид-19, еден починал

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.074 тестирања, а регистрирани се четири нови случаи со Ковид-19 од Скопје, Прилеп, Тетово и Кочани. Пријавено е едно починато лице од Скопје.

Регистрирани се 68 оздравени пациенти од: Скопје – 32, Куманово и Кичево – по 6, Тетово, Охрид и Струмица – по 4, Струга и Делчево – по 3, Кочани и Неготино – по 2, Прилеп и Македонска Каменица – по 1.

Активни се 416 случаи со Ковид-19, вакцинирани 274 710 граѓани

Досега во земјата се направени вкупно 851.408 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.616, бројката на оздравени пациенти е 149.790, на починати е 5.475, а на активни случаи изнесува 351.

Пендаровски-Вартоломеј: што поскоро решавање на статусот на МПЦ-ОА

Стево Пендаровски и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со Неговата Сесветост Вартоломеј, Архиепископ Цариградски – Нов Рим и Вселенски Патријарх и притоа повикал на што поскоро решавање на статусот на Македонската православна црква- Орхидска Архиепископија. Како што информираат од неговиот кабинет, Пендаровски потенцирал дека Вселенскиот Патријарх има особена улога во надминувањето на црковниот спор.

„Истовремено претседателот Пендароски повика на што поскоро надминување на спорот“, информираат од Кабинетот на Пендаровски.

На средбата меѓудругото се разговарало и за состојбите во православниот свет, улогата на Вселенската Патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии.

Порфириј: Важно е да се надмине расколот со Македонската црква

Како што се додава во соопштението, на средбата биле разменети мислења за состојбите во регионот поврзани со актуелните случувања во однос на интеграцијата на земјите во Европската Унија, при што Патријархот Вартоломеј нагласил дека го поддржува членството на Северна Македонија во ЕУ, кое преку исполнување на критериумите би донело подобар живот, зголемена солидарност и толеранција.

Харадинај: Курти ќе биде одговорен за евентуалното загрозување на партнерството со САД

Рамуш Харадинај

Поранешниот косовски премиер, лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај ја осуди вчерашната изјава на портпаролот на Владата на Албин Курти, Прпарим Криезиу дека договорот кој лани во Вашингтон го потпишаа челниците на Косово и Србија „нема правна моќ“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај порача дека доколку Курти не ја демантира таа изјава, тогаш „тој ја презема сета одговорност за загрозувањето на стратешкото партнерство“ со САД.

„Владата на Курти изјавила дека единствениот договор меѓу Косово и Србија, кој е потпишан во Белата Куќа, да ти бил правно безвреден. Доколку премиерот не ја демантира оваа изјава на неговиот портпарол, тогаш тој ја презема сета одговорност за загрозувањето на стратешкото партнерство со Америка, кое е од животно значење за Косово“, напиша Харадинај на неговата страница на Фејсбук.

Бајден: САД ќе поддржат постигнување на траен договор со Косово

Претходниот косовски премиер, Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ минатиот септември во Вашингтон, со посредство и во присуство на тогашниот американски претседател Доналд Трамп, потпишаа договор за подобрување на економската соработка, кој, меѓу другото, резултира и со признавање на независноста на Косово од страна на Израел.

Администрацијата на новиот американски претседател, Џо Бајден го поддржа Вашингтонскиот договор и порача дека тој „треба да биде патот на соработката и напредокот“ во односите меѓу Приштина и Белград.

Најмалку четворица мртви при пад на авион во Сибир

Најмалку четири лица загинале во пад на авион со рекреативни падобранци во регионот Кемерово во Сибир.

Постојат спротивставени извештаи за бројот на луѓето кои билево авионот L-410. Според официјалните лица, четири лица починале, а други 15 биле повредени.

Локалниот огранок на Федералното биро за истраги соопшти дека ги истражува причините за несреќата што се случила во близина на аеродромот Танај околу 10 часот по локално време.

Наведено е дека авионот се враќал на аеродромот откако еден од пилотите испратил сигнал за помош поради дефект на еден од моторите.

„Авионот полетал од аеродромот Танај, а потоа падна на левото крило“, се вели во соопштението, што го пренесува агенцијата ТАСС.

Иран: Умерениот Хемати му ја призна победата на Раиси

Граѓани чекаат ред да гласаат на претседателските избори во Иран

Единствениот умерен кандидат на претседателските избори во Иран, Абдулнасер Хемати, поранешниот шеф на Централната банка, утрово го призна поразот и му ја честиташе победата на Ебрахим Раиси. Поранешниот командант на револуционерната гарда Мохсен Резаи исто така му ја честиташе победата на Раиси, кој е на чело на судскиот систем на земјата, иако гласовите сè уште се бројат, а властите се уште не ги објавија официјалните резултати.

Според прелиминарните резултати, Раиси освоил 17,8 милиони гласови, Резаи 3,3 милиони и Хемати 2,4 милиони гласови, изјави Џамамал Орф, шеф на изборниот штаб.

Резултатите од изборите, кои не беа следени од меѓународни набудувачи, покажуваат дека излезноста била најмала од исламската револуција во 1979 година.

Кој е Ебрахим Раиси, фаворитот за иден претседател на Иран

Кандидатурата на Раиси, кој е под американски санкции за неговата улога во масовните егзекуции, доведе до голема апатија и кај гласачите. Од 1997 година, претседателските избори предизвикаа поделби во општеството, а учесниците обично припаѓаат или на тврдите струи или на реформско-центристичките фракции

Уредникот на продемократскиот весник во Хонгконг останува во притвор

Главниот уредник и извршниот директор на хонгконшкиот весник „Епл дејли“, кои се уапсени за кршење на законите за национална безбедност, ќе останат во притвор бидејќи судот на 19 јуни го одби барањето за ослободување со кауција.

Рајан Лу, кој е главен и одговорен уредник и Чеунг Ким се обвинети дека биле во „дослух со странска земја или со надворешни елементи за загрозување на националната безбедност“, додека голем дел од јавноста обвинувањето го смета за напад врз слободата на печатот на кинеската полуавтономна територија.

Полицијата во Хонгконг уапси пет новинари на продемократски весник

Главниот судија на Прекршочниот суд, Виктор Со, изјави дека нема доволно докази за да се верува дека тие нема да го повторат делото и да ја загрозат националната безбедност. Следното рочиште го закажа за 13 август. Уште двајца уредници и еден извршен директор, кои беа уапсени на 17 јуни, беа ослободени со кауција на 18 јуни.

Продемократскиот весник „Епл дејли“ ги поддржа масовните протести во Хонг Конг во 2019 година и го критикуваше усвојувањето на законот за национална безбедност во 2020 година.

Пандев го пропушти денешниот тренинг поради повредата на зглобот

Горан Пандев

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев денеска не тренирал со својата екипа на вториот тренинг во Амстердам. Причината е неговата повреда на зглобот уште пред натпреварот со Украина во Букурешт.

Како што информираат од стручниот штаб, Пандев и со инјекции го одиграл дуелот со Украинците, но поради повредата денеска добил одмор за тренингот во тренинг-базата на Ајакс.

Граѓаните убедени во успех на македонските фудбалери на ЕУРО 2020

Деновиве тој ќе биде под лекарски третман во надежта да настапи на последниот натпревар на Македонија на ЕВРО 2020 против Холандија во понеделник на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам. За избраниците на Игор Ангеловски тоа воедно ќе биде и последниот натпревар на дебитантскиот настап на Европските првенства, откако по завчерашниот триумф на Холандија над Австрија (2:0) „црвено – жолтите“ останаа без шанси за пласман во нокаут фазата.

ООН бара ембарго на продажбата на оружје на Мјамнар

ООН повика да запре продажбата на оружје на Мјанмар, како одговор на годинашниот насилен воен удар. Генералното собрание усвои резолуција со која се осудува воената хунта, која ја собори избраната влада на земјата во февруари.

ООН исто така повика на ослободување на политичките затвореници, како што е избраната лидерка Аунг Сан Су Чи и да се стави крај на насилството врз мирните демонстранти. Иако не е законски обврзувачка, резолуцијата е политички значајна.

„Ризикот од голема граѓанска војна е реален. Времето е од суштинско значење. Можноста за пресврт се стеснува по военото преземање на земјата“, рече на Генералното собрание специјалната претставничка на ООН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер.

Воената хунта во Мјанмар се заканува со распуштање на партијата на Аунг Сан Су Чи

Резолуцијата беше поддржана од 119 земји, а Белорусија единствена гласаше против. Уште 36 земји беа воздржани, вклучително и Русија и Кина - двата најголеми добавувачи на оружје во Мјанмар.

Некои од воздржаните земји коментираа дека кризата во Мјанмар е внатрешна работа на таа земја, додека други велат дека резолуцијата не зборува за бруталното воено насилство врз муслиманското население на Рохинџа пред четири години, кое принуди скоро милион луѓе да ја напуштат земјата.

Активни се 416 случаи со Ковид-19, вакцинирани 274 710 граѓани

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје

Активни со Ковид-19 се 416 случаи во државава, од кои 158 се во Скопје. Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, од направени 3.680 тестирања регистрирани се 19 нови случаи со Ковид-19, двајца починати и 14 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.612, бројот на оздравени пациенти е 149.722, а на починати е 5.474.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Од Министерството за здравство велат дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 454.104 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 274.710 граѓани.

Викендов македонските граѓани на ревакцинација во Србија

Во меѓувреме државјаните на Северна Македонија кои викендов доаѓаат на ревакцинација во Србија и кои пред три месеци на 27 и 28 март, ја примија првата доза на „Астра Зенека“ ќе можат да се ревакцинираат само во градот во кој ја примиле првата доза.

Стоилов: Со законски измени ќе спречиме злоупотреби со бугарското државјанство

Јанаки Стоилов, министер за правда во техничката влада на Бугарија

Техничката Влада во Бугарија која е со многу ограничен мандат паралелно е и со голема амбиција добро да ги организира парламентарните избори во јули и да ги пронајде коруптивните практики со купено контролирано гласање за време на изборите. Ова во интервју за МИА го тврди министерот за правда на Република Бугарија Јанаки Стоилов. Тој уверува дека привремената Влада има цел и да ги разоткрие оние модели со кои се спроведува корупцијата, од кои, според него, дел се законски, но се крајно нецелисходни.

Според Стоилов, со направените измени во законодавството се намалуваат можностите преку Агенцијата за Бугари во странство и разни организации да се фаворизираат одредени групи, да се влијае во корист на некои партии или пак да се издадат лажни сертификати за бугарско потекло.

„Има определени правила за оспорување на веќе издадените решенија, но веќе беа направени измени во законодавството за време на Парламентот, со што се намалуваат можностите преку Агенцијата за Бугари во странство и разни организации да се фаворизираат одредени групи, да се влијае на тој начин во корист на некои партии или пак да се издадат лажни сертификати за бугарско потекло. Ние сакаме да опфатиме повеќе наши сонародници, но не со заобиколување на законот, туку со неговата стрикна примена“, вели бугарскиот министер за правда во интервјуто.

Кои се Бугарите санкционирани од САД за корупција?

Тој додава дека во однос на поднесувањето на апликациите, бидејќи тоа се прави по електронски пат, веќе се пополнети термините за една година однапред, до јуни 2022 година. Аплицирањата да се прват не само по електронски пат и бугарските граѓани и граѓаните на Европската Унија, како и лицата со постојан престој во Бугарија, да можат да аплицираат и лично, што според мене значително ќе ја забрза и целокупната постапка.

САД го поздравуваат усвојувањето на Резолуцијата за геноцид во Сребреница

Стејт департментот ја поздрави Резолуцијата за геноцид во Сребреница усвоена во Парламентот на Црна Гора.

„Ставот на Соединетите Држави во врска со ова прашање е долготраен и непоколеблив. Тоа болно поглавје од европската историја никогаш не смее да биде негирано, ниту заборавено, нагласи портпарол на Стејт департментот“, одговарајќи на прашање на Гласот на Америка за усвојувањето на Резолуцијата и смената на црногорскиот министер за правда Владимир Лепосавиќ.

Црногорското Собрание во четвртокот ја усвои Резолуцијата за геноцид во Сребреница, со поддршка на опозициската ДПС на Мило Ѓукановиќ.

Владата на Црна Гора на раб на паѓање по разрешување министер за коментари за Сребреница

Со Резолуцијата најостро се осудува „геноцидот во Сребреница“, се тврди дека „во геноцидот настрадале повеќе од 8.000 бошњачки цивили“, се забранува јавното негирање за постоење или намалување на „геноцидот во Сребреница“, а 11 јули се прогласува за Ден на сеќавање на жртвите во Сребреница.

Времето претпладне сончево, попладне пороен дожд

Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, информира Управата за хидрометеоролошки работи. Утринската температура се движи од 11 до 19 степени, а дневната од 22 до 34 степени.

Во Скопје и околината времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утринската температура до 15 степени, а дневната до 31 степен.

Министерство за здравство- 50 отсто од луѓето над 70 години примиле барем една доза вакцина

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 274.710 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 5.834 граѓани, а вкупно се вакцинирале 7.720 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 473.853 дози вакцини, а ревакцинирани се 199.143 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Вакцинацијата, како што се посочува, се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 454.104 граѓани.

Со последните бројки 50 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп, информираат од Министерството за здравство.

Австрија ќе испрати дополнителни милион вакцини за земјите од Западен Балкан

Австрискиот канцелар Себастиан Курц

Австрија планира да испрати милион дози вакцини против Ковид19 на земјите од Западен Балкан, дополнително од дозите кои ги праќа во регионот во име на Европската унија. Канцеларот Себастиан Курц го кажа ова денеска во Виена по самитот со земјите од Западен Балкан кои не се членки на Европската унија. На него присуствуваа претставници на Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Албанија како и специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак.

Во април Австрија се обврза дека ќе испорача 651 000 доза од вакцината на Фајзер/Бионтек за шесте балкански земји до крајот на август во име на ЕУ.

"Покрај ова ние исто така сакаме да помогнеме билатерално, како Република Австрија и како влада одлучивме дека ќе им доставиме милион вакцини на земјите од Западен Балкан“, рече Курц на прес конференција по самитот во Виена.

Овие дози ќе бидат доставувани од август до крај на годината, додаде австрискиот канцелар без да каже која држава колку вакцини ќе добие. Во почетокот, додаде тој, донираните вакцини ќе бидат главно од производителот АстраЗенека.

Гутереш доби втор мандат како генерален секретар на ОН

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш

Генералното собрание на Обединетите нации денеска го назначи Антонио Гутереш за втор мандат како генерален секретар на организацијата. Со ова тој доби уште пет години да ги води Обединетите нации во кои има 193 земји членки.

Претходно месецов 15-те членки на Советот за безбедност на ОН го поддржаа Гутереш во неговиот обид да добие втор мандат.

Според правилата на организацијата Генералното собрание го именува генералниот секретар по препорака на Советот за безбедност. Новиот мандат на 72 годишниот португалски дипломат ќе почне на први јануари 2022 година.

Викендов македонските граѓани на ревакцинација во Србија

Вакцинација против Ковид19 на белградскиот саем

На Белградскиот саем и во спортскиот центар Чаир во Ниш викендов ќе се ревакцинираат околу 15 000 македонски граѓани, кои на 27 и 28 март ја примија првата доза на вакцината АстраЗенека, а продолжува и слободната вакцинација на македонските граѓани на останатите вакцинални пунктови во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Директорот на пунктот за вакцинација на Белградскиот саем, Зоран Бекиќ, изјави дека 13 000 граѓани од регионот и Европа биле поканети во сабота и недела да се ревакцинираат на Белградскиот саем, бидејќи, како што кажа, поминаа 12 недели од првата доза.

„Ние сме добро подготвени за овој викенд. Во сабота очекуваме 8 000 граѓани од регионот и Европа, а во недела 5 000 и сите ќе бидат ревакцинирани на Белградскиот саем“, изјави Бекиќ за телевизијата К1.

Тој додаде дека за викендот работното време на вакциналните пунктови ќе биде продолжено до 17 часот. Бекиќ потсети дека без закажување на Саемот можат да се вакцинираат граѓаните на Србија, БиХ и Северна Македонија, како и дека вакцинирањето без регистрација се спроведува на сите 225 пунктови во Србија.

Во понеделник од здравствениот центар во Ниш наведоа дека од 18 до 21 јуни се очекува голема гужва, кога е терминот за повторна вакцинација на 5 700 македонски граѓани кои во март во Србија ја примија Астра Зенека, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.

Точниот број на вакцинитраните македонски граѓани во Србија, според тогашната изјава на министерот за здравство Златибор Лончар изнесува околу 15 000 лица.

Нови 19 заразени со Ковид19, двајца починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје информира дека во последните 24 часа се направени 3.680 тестирања, а регистрирани се 19 нови случаи на Ковид19. Од нив седум во Скопје, четири во Куманово, три во Крива Паланка и по еден во Прилеп, Охрид, Струмица, Тетово и Кичево.

Регистрирани се две починати лица од Скопје и Куманово. Пациентите се починати во болнички услови. За истиот период регистрирани се 14 оздравени пациенти.

Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.612, бројката на оздравени пациенти е 149.722, на починати е 5.474, а бројот на активни случаи изнесува 416.

Заев- со Јанев и Радев направивме голем европски исчекор

Софија- средба на македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот службен премиер Стефан Јанев, 17.06.2021

Македонскиот премиер Зоран Заев кој денеска учествуваше на Самитот за Западен Балкан во Виена на прес конференцијата во австрискиот главен град рече дека Западен Балкан е преморен од историски недоразбирања и затоа како современи политичари треба да гледаат напред и да бидат насочени кон решенија.

„Утрово слетав во Виена од Софија. Вчера таму во Софија, со премиерот и претседателот на Бугарија, Јанев и Радев, направивме голем европски исчекор. Ја враќаме довербата меѓу двете држави и меѓу нашите многу блиски, би рекол, братски народи. Македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила. Верувам дека низ овој процес Западен Балкан на Европа наскоро ќе ѝ донесе нова позитивна вест и барам поддршка од сите вас на тој пат. Европската перспектива мора да го победи евроспектицизмот“, рече Заев.

Премиерот вчера придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров во Софија се сретнаа со бугарскиот службен премиер Стефан Јанев и претседателот Румен Радев и со претставници на политички партии.

На заедничката прес конференција Јанев рече дека делегацијата на Заев дошла со конкретен предлог, што ќе го разгледале сеопфатно и професионално во наредните денови. Заев пак зборуваше за содржината на патоказот, кој според португалскиот предлог за деблокирање на македонските европски интеграции, треба да го достави македонската страна. Тој рече дека во патоказот се содржани работи поврзани со секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, а дека разговарале и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија.

Заев на Самитот за Западен Балкан во Виена учествуваше на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц, а беше придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Кремљ- за состојбата со ковид во Москва виновен е „огромниот нихилизам“ на Русите

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков

Кремљ денеска за актуелниот скок на новозаразените со Ковид19 рече дека е виновен „огромниот нихилизам“ меѓу Русите, додека градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин ги продолжи рестриктивните мерки кои ги презема неделава за до 29 јуни. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков рече дека јасно е дека руската вакцинална кампања не била толку ефективна колку што посакувале. Тој додаде дека претседателот Владимир Путин одблиску ја следи ситуацијата.

Тој додаде дека претседателот Владимир Путин одблиску ја следи ситуацијата.
Московскиот градоначалник претходно најави затворање на фан зоните за Европското првенство и забрана за групирање на повеќе од 1000 лица.

"Времено ги стопираме сите настани за масовна забава, ги затвораме салите за танцување и фан зоните“, напиша Собјанин.

Песков, пак, на новинарите им рече дека „огромниот нихилизам“ меѓу Русите, ниската стапка на вакцинацијата и неискреноста кога се инфицирани се причините поради кои во Москва се регистрирани рекорден број новозаразени со Ковид19.

Од утре во Грција и со брз тест

Граничен премин Богородица- Евзони

Можноста за влез во Грција и со негативен антигенски рапид (брз) тест и зголемување на возраста од шест на 12 години за задолжителниот тест, се двете промени на правилата за влез во Грција, кои од утре, во 6 часот наутро стапуваат во сила, а меѓу другото важат и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно министерската одлука, Северна Македонија и понатаму е на листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји.

Па така, како што пренесува МИА, за патување кај јужниот сосед задолжителен е документ поврзан со Ковид-19, односно или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или негативен резултат од рапид (брз) тест до 48 часа пред пристгнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF формуларот. Овие обврски важат за лица со наполнети 12 години.
Промените вчера ги најави заменик -министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, кој рече дека земјите ќе бидат поделени во зелена, портокалова и црвена категорија

Заев- прашањето со ФФМ ќе се реши врз основа на Договорот од Преспа и правилата на УЕФА

Премиерот Зоран Заев

Македонскиот премиер Зоран Заев во писмена изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА и грчката државна телевизија ЕРТ вели дека веќе го покренале конкретниот аспект со Фудбалската федерација и во наредниот период ќе го решеле прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на европската фудбалска федерација УЕФА.

Изјавата на премиерот Заев следува по реакциите во Грција за амблемот на Фудбалската федерација на Македонија ФФМ на дресовите на нашите репрезентативци.

"Цела Европа знае дека нашата фудбалска репрезентација на првенството ја претставува Северна Македонија. Дури и Федерацијата да не е јавен ентитет, националниот тим е. Како што е во сите земји во светот. Па така, јасно е и треба да биде јасно на сите нивоа дека е репрезентација на Северна Македонија, ирелевантно од иницијалите на Федерацијата на дресовите. Веќе го покренавме конкретниот аспект со Федерацијата и во наредниот период ќе го решиме прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА“, вели премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Северна Македонија во изјавата додава дека „имплементацијата на Договорот од Преспа е работа во тек и нашата цел е постепено да најдеме решенија со соседите кои го спроведуваат Договорот и да нè придвижат напред врз основа на соработката и взаемното почитување“.

Инаку Грција по почетокот на Европското првенство во фудбал бараше од УЕФА , како што јавија медумите, македонската репрезентација да ја користи кратенката НМ или РНМ во англиската верзија на уставното име, а побара и да го разгледа името на македонската фудбалска федерација, и да се сменат дресовите.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) нема обрвска да го прилагоди своето име според Договорот од Преспа бидејќи е независна и непрофитна организација која во централниот регистар е регистрирана како здружение кое не прима државни пари.

УЕФА потврди дека ја примила забелешката од Грција но ја одби наведувајќи дека тие го користат името Фудбалска федерација на Република Северна Македонија во целата официјална комуникација и дека ја имаат прилагодено релевантната терминологија меѓу кои и статутот на УЕФА.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG