Достапни линкови

Масовен дочек на Новата година во светот


Со спектакуларни огномети за кои се потрошени милиони долари беше одбележан влезот во новата 2013 година низ азискиот континент, додека во Европа поради економски тешката година, прославите беа поскромни.

Со спектакуларни огномети за кои се потрошени милиони долари беше одбележан влезот во новата 2013 година низ азискиот континент, додека во Европа поради економски тешката година, прославите беа поскромни.

Црвениот плоштад во Москва беше исполнет со илјадници луѓе. Рускиот претседател, Владимир Путин испрати порака: „Веруваме дека можеме да го смениме животот околу нас и да станеме подобри, дека можеме да бидеме повнимателни и почувствителни“.

Спектакуларен огномет традиционално е организиран и во Сиднеј. Потрошени се седум тони пиротехнички средства а организаторите рекоа дека таа прослава е најскапа на светот затоа што се потрошени 6,9 милиони долари.

Десетици илјади луѓе ја дочекаа Новата година во пристаништето Викторија во Хонконг, каде што можеа да видат огномет на кој се потрошени 1,6 милиони долари. Шоуто траеше осум минути, а огнометот беше испалуван и од морето и од копното.

Во концертите и огнометите, проследени со светлосни ефекти уживаа повеќе стотини илјади луѓе ширум Сингапур. Прославата во заливот Марина заврши со осумминутен огнмет, додека на водата лебдеа илјадници бели топчиња на кои граѓаните ги испишуваа своите новогодишни желби.

Во главниот град на Индонезија, Џакарта, прославата е организирана на седум километри долгиот автопат со осум ленти, кој поминува низ центарот на градот. На автопатот, кој привремено беше затворен, беа поставени 16 бини.

Хотелите и клубовите во Њу Делхи ги откажаа планираните прослави и апелираа до муштериите Нова година да ја дочекаат палејќи свеќи во знак на солидарност со жртвата на масовното силување во автобус која им подлегна на раните во саботата.

Во Европа скромно

Во европските земји, погодени од кризата, новогодишната атмосфера беше поскромна но со оптимистичен поглед во 2013 година. Премиерот на Грција, Андонис Самарас во новогодишната порака им вети на Грците дека најтешкиот дел од кризата поминал и дека 2013 година е година во која ќе почне повторното раѓање на земјата. Поради економската криза, во главниот град на Кипар, Никозија, откажани се прославите со што како што е речено, заштедени се 16.000 евра кои ќе им бидат подарени на учениците, пренесува американската агенција.

Германската канцеларка, Ангела Меркел ги предупреди граѓаните дека на земјата и претстои тешко време.

На бреговите на лондонската река Темза се собраа стотина илјади луѓе кои го гледаа новогодишниот огномет. Поголем дел од центарот на британската престолнина беше затворен за сообраќај а работеше само метрото.

Во Берлин е организиран концерт за милиони луѓе на улиците кај Брандебуршката порта на која настапуваа групите „Пет шоп бојс“ и Блу како и пејачката Бони Тајлер. Во Њујорк излегоа милиони луѓе на улиците на Тајмс сквер.
XS
SM
MD
LG