Вести
Судар на два воени авиона во Пакистан
види ги сите денешни вести
Германија ја повика Србија да ги разгледа нацрт-законите за Косово
Министерството за надворешни работи на Германија ја повика Србија да ги разгледа новоусвоените нацрт-закони за судска јурисдикција на Косово и да го прогласи Косово за „посебна зона на социјална заштита“.
Со објавa на мрежата Х, Германија се приклучи на ставот на САД и Европската унија (ЕУ) дека Владата на Србија ги прекршила обврските од бриселскиот дијалог со усвојувањето на овие предлог-закони, кои се очекува да се изгласаат во Собранието.
„Ги повикуваме Србија и Косово да го спроведат Охридскиот договор без одлoжување, вклучително и Заедницата на општини со српско мнозинство“, објави германското министерство денеска (1 ноември).
Владата на Србија на почетокот на неделата соопшти дека го усвоила Предлог-законот за, како што ја нарече, организацијата и надлежноста на српските правосудни органи во гонењето на кривични дела извршени на територијата на Косово, како и вториот Предлог-закон за прогласување на Косово за „област на специјална социјална заштита“.
Во текот на неделата овие закони беа критикувани од САД и ЕУ, кои едногласно рекоа дека со нив очигледно се прекршуваат обврските на Србија од бриселскиот дијалог со Косово за нормализација на односите.
Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, ја обвини Србија дека со овие предлог закони ги прекршува договорите и го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово.
Но, шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, ги правдаше предлог-законите велејќи дека тие доаѓаат како одговор на, како што рече, „угнетувањето на српскиот народ од режимот во Приштина и недостатокот на видливи акции на мисијата на ЕУ во Косово, ЕУЛЕКС“.
Косово и Србија постигнаа договор за правосудството во 2015 и 2017 година и се договорија за негово спроведување и интеграција на косовските Срби во судските институции на Косово.
Сепак, стотици припадници на српската заедница на северот поднесоа оставки од косовските институции, вклучително општините, полицијата, судовите и обвинителството, во ноември 2022 година, како знак на незадоволство од некои одлуки на Владата на Косово.
Во текот на оваа година, владата на Косово презеде неколку чекори - како што се отстранување на српскиот динар од употреба и затворање на српските паралелни структури - во обид да ги прошири своите овластувања на север што е можно повеќе.
Ова го натера официјален Белград во септември да објави дека ќе формира специјално обвинителство за територијата на Косово, како мерка за заштита на „виталните национални интереси на српскиот народ“ на Косово.
Во меѓувреме, српскиот претседател, Александар Вучиќ, претходно оваа недела претстави некои мерки за Косово, велејќи дека специјалното обвинителство и специјалните судски панели „ќе го гонат секој што учествува во прогонот на српското население“ на Косово.
Нацрт-законот што го подготви Владата на Србија предвидува судење за сите кривични дела предвидени во Кривичниот законик на оваа земја, а кои беа сторени по прогласувањето на независноста на Косово во февруари 2008 година.
Корупцијата најголем проблем, поделеност за уставните измени, покажуваат анкетите
Криминалот и корупцијата се најголеми проблеми со кои се соочува Северна Македонија и Владата мора итно да ги реши. Ваков е ставот на 37, 5 отсто од испитаниците во последната телефонска анкета на ИПСОС, спроведена од 9 до 13 октомври на 1200 испитаници.
За 19,7 отсто од анкетираните, економијата и животниот стандард се најголем проблем, а потоа се невработеноста, високите цени, квалитетот во образованието, здравството...
На прашањето во каква насока се движи земјата, 25 отсто одговориле дека оди во позитивна насока, 24,9 донекаде позитивна, 12,5 донекаде негативна, негативна 24,3 отсто, а со не знам или немам одговор биле 13,2 отсто од испитаните граѓани.
Во текот на октомври и владејачката ВМРО-ДПМНЕ спровела партиска теренска анкета меѓу 1005 испитаници.
На прашањето дали мислите дека треба да се изврши промена на Уставот и да се почнат преговорите со ЕУ доколку промената на Уставот има одложено дејство, 52 отсто одговориле со да, а 42 отсто се против промена на Уставот и со ваков услов.
Повеќе од половината од испитаниците одговориле дека не го поддржуваат францускиот договор, додека 28 отсто дека го поддржуваат.
Бројот на загинати во несреќата во Нови Сад се искачи на 13
Бројот на загинати во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, Србија, се искачи на 13. Има и повеќемина повредени, од кои дел се пренесени и во Ургентниот центар.
Железничката станица беше реконструирана и отворена во јули годинава, но, според „Жаленица на Србија - Инфраструктура“, настрешницата „не била предмет на реконструкција“.
Спасувачки екипи со тешка механизација веднаш излегоа на терен и успеаја да спасат повеќемина од под урнатините, а за причините на несреќата, според министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, се уште е рано да се зборува.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека мора да се најдат одговорните.
„Ова е еден од најтешките денови во повоената историја на Нови Сад. Ќе инсистираме да се најдат одговорните и да одговараат оние кои мораа да се грижат за состојбата на конструкцијата и состојбата на зградата“, изјави Вучевиќ.
На територијата на Нови Сад е прогласена тридневна жалост, која ќе почне утре (2 ноември), a утрешниот ден ќе биде ден на жалост во цела Србија.
Грузискиот суд го продолжи притворот на азербејџанскиот новинар Садиков
Градскиот суд во Тбилиси, Грузија, го продолжи притворот на азербејџанскиот новинар Афкан Садиков, критичар на претседателот на земјата, Илхам Алиев, за уште три месеци.
Судијата Арсен Калатозишвили ја објави одлуката денеска (1 ноември) и покрај барањето на Садиков да биде пуштен со кауција или под надзор, што беше одбиено.
Садиков, кој штрајкува со глад веќе 42 дена, во судот се појави во количка поради здравствени проблеми.
„Никогаш не сум сторил кривично дело, само го критикував Алиев и ги разоткрив неговите злодела“, рече Садиков на рочиштето.
Тој беше приведен на 3 август додека се обидуваше да ја напушти Грузија, каде што бараше азил од декември 2023 година.
Садиков и неговите поддржувачи тврдат дека обвиненијата се политички мотивирани.
Неговата сопруга Севинч и организациите за човекови права стравуваат за неговата безбедност доколку биде екстрадиран во Азербејџан, каде што неколку пати беше апсен поради неговата новинарска работа.
Вонредни контроли во домовите за стари лица, 14 не биле регистрирани во АХВ
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од 29 до 31 октомври спровеле вонредни инспекциски надзори во 41 дом за стари лица во Северна Македонија.
Со контролите е утврдено дека 14 од нив не биле воопшто регистрирани како оператори со храна во АХВ. Издадени се 16 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности, од кои кај четири оператори за незадоволителни хигиенски барања, а кај три оператори е утврдено дека вработените немале спроведено задолжителен здравствен преглед. Изречени се и парични кази за 18 оператори, соопшти агенцијата.
Според АХВ, кај пет оператори се запленети и нештетно уништени 40 килограми небезбедна храна.
Европска комисија: Повеќе да се грижите за културното наследство
Европската комисија укажува дека „културното наследство на земјата треба подобро да се чува“ и треба да се разгледаат натамошни напори за зајакнување на институционалниот одговор и меѓуинституционалната соработка за заштита на местата на културно наследство, како што е Старата скопска чаршија.
Во Годишниот извештај за напредокот на Северна Македонија, во делот за културата, ЕК го наведува одложувањето да се усвојат измени на националното законодавство за култура - новата национална стратегија за 2023-2027 година за развој на културата и заштита на културното наследство, пренесува МИА.
Министерството за култура треба да ги зајакне капацитетите за заштита и промоција на различноста на културните изрази во земјата, вклучително и наследството. Извештајот на Државниот завод за ревизија ја откри потребата од зајакнување на правниот и оперативниот систем на Агенцијата за филм на земјата, се наведува во документот.
Есенска кошница - Според власта заштедата е до 1360, според опозицијата 57 денари
Мерката за ограничување на маржите на одредени производи, односно есенската кошничка овозможила едно четиричлено семејство да заштеди од 690 до 1360 денари, зависно од начинот на исхрана и од изборот на маркети, вели министерот за економија, Бесар Дурмиши, според кој со есенската кошничка се спречило наглото зголемување на цените.
„Со есенската кошничка цените на производите се намалија за пет до десет отсто. Има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени како лебот, млекото, маслата за јадење, но и производи чии цени се намалени за над 10 проценти, како месото, зеленчукот, млечните продукти“, изјави министерот.
Според опозициската СДСМ, пак, граѓаните почувствувале само разочарување и заштеда од симболични 57 денари за еден месец.
„Дурмиши очигледно не бил во маркет, не ги видел цените дека нема намалување и дека најголемиот дел од производите останаа со исти цени.Тоа што само за неколку производи се намалија цените со незначителни суми е најголема потврда за неефикасната мерка, која беше лошо осмислена и им дозволи на трговците прво да ги зголемат цените пред да стапи на сила“ велат од СДСМ и најавуваат дека партијата ќе поднесе закон за, како што велат, вистинско намалување на цените.
Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки предвиде ограничување на профитните маржи до 10 отсто на 73 основни прехранбени производи, а Дурмиши најави Божиќна кошничка кон крајот на годината, а потоа и рамазанска, велигденска...
Тој од ноември очекува дополнително намалување на цените зашто почна примената на Законот за трговски практики. Министерот потсети дека есенската кошничка од вчера веќе не е на сила, но најави дека ако дојде до покачување на цените ќе се преземат поригорозни мерки.
Законот за забрана на нефер трговски практики се применува од 28 септември. Тој предвидува повеќе од 2500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто (тоа е разликата меѓу цената по која набавуваат одреден производ и по која потоа ќе го продаваат).
Се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најмалку 12 загинати
Дванаесет лица загинаа, а повеќемина се повредени откако се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад, соопшти српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.
Три лица се во тешка состојба во Ургентниот центар, изјави за новинарите, Весна Туркулов, директорка на Клиничкиот центар во Војводина.
Во операционата сала има две лица, а на еден пациент му е се прави дијагностика.
Повредени се две жени и еден маж, а нивниот идентитет не е познат.
Во моментов на терен се близу 80 спасувачи од неколку градови, а во урнатините биле пронајдени жена и девојка на околу 14 години, соопшти министерот Дачиќ.
На новинарско прашање за тоа кој е одговорен за трагедијата, тој рече дека не е време да се одговори на тоа прашање.
Српскиот премиер, Милош Вучевиќ, изјави дека ова е еден од најтешките денови во повоената историја на Нови Сад.
„Ќе инсистираме да се најдат одговорните и да одговараат оние кои мораа да се грижат за состојбата на конструкцијата и состојбата на зградата“, рече Вучевиќ.
На територијата на Нови Сад е прогласена тридневна жалост, која ќе почне утре (2 ноември). А утрешниот ден ќе биде ден на жалост и во цела Србија.
Полицијата ги блокираше сите приоди, додека четири багери и осум шлепери го расчистуваат теренот, a јавен обвинител спроведува истрага.
„Изразувам големо жалење што оваа трагедија се случи во Нови Сад. Градските служби се ставени на располагање на надлежните државни служби во полн капацитет. Согласно сите процедури, откако истражните органи ќе ја завршат истрагата, ќе ја информираме јавноста за понатамошните чекори“, рече градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Портпаролката на Заводот за трансфузија на крв во Војводина, Зорица Бјелиќ за РСЕ изјави дека над 300 луѓе чекаат на ред за доброволно дарување крв по несреќата.
„Во моментов одзивот е голем, па веруваме дека ќе ги зголемиме резервите на крв на сите крвни групи“, рече таа.
Српска железница-инфраструктура соопшти дека настрешницата што паднала „не била предмет на реконструкција како дел од работите на реновирање на зградата на станицата, во рамки на градежниот проект на брзата пруга Нови Сад – Суботица“.
Како што додаваат во соопштението, во рамки на реконструкцијата се работеше на внатрешноста на станицата, покривот и фасадата над и под настрешницата.
Железничкиот сообраќај во станицата е во прекин, а возовите сообраќаат од правец на Белград до станицата Петроварадин.
Железничката станица во Нови Сад е изградена во 1964 година според проектот на архитектот Имре Фаркаш.
Оваа станица беше официјално отворена во јули 2024 година, по тригодишна реконструкција. На 5 јули на отворањето на реконструираната зграда присуствуваа министерот за инфраструктура и енергетика, Горан Весиќ, претседателката на покраинската влада, Маја Гојковиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Обвинителството отвори предистрага за директорот на АНБ, Бојан Христовски
Обвинителството отворило предистрага за назначувањето на Бојан Христовски за прв човек на Агенцијата на национална безбедност, откако во јавноста се отвори сомнеж за сертификатите коишто ги поседува за да ја извршуваа функцијата. Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека до нив пристигнале две анонимни пријави, кои се споени во една, а предметот е веќе распореден кај јавен обвинител.
Предмет за назначувањето на Христовски, претходно отвори и Антикорупциската комисија, која во моментов ја прибира потребната документација.
Обвинителството веќе постапувало во случаи кадешто предмет на проверки биле токму сертификати издадени од оваа школа, за што се изречени и пресуди. Две директорки кои употребиле ТОЕФЛ-сертификат од истата компанија од Бугарија од каде што е сертификатот на Христовски, признале вина дека документот им е фалсификат и се осудени на по две години затвор, казна која нема да се изврши ако не сторат кривично дело во следните четири години.
Обвинителството неодамна соопшти дека ќе ја почека одлуката на Антикорупциската комисија, а одлуката на ДКСК ја чека и премиерот Мицкоски.
Владата на седница на 16 октомври го разреши дотогашниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски и на негово место го назначи Бојан Христовски.
Христовски на директорската позиција доаѓа од Министерството за внатрешни работи.
Како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, по локалните избори во октомври 2021 година, тој краток период беше директор на јавното скопско претпријатие „Градски паркинг“, но замина од позицијата во септември 2022 кога почнаа недоразбирањата меѓу партијата и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
Харис: Трамп не ја почитува слободата на жените
Потпретседателката на САД и кандидатка од Демократската партија на претстојните изботи Камала Харис изјави дека коментарот на поранешниот претседател Доналд Трамп, дека ќе ги заштити жените, без разлика дали тоа им се допаѓало или не, покажува дека републиканскиот претседателски кандидат не ги разбира правата на жените „да донесуваат одлуки за сопствениот живот, вклучувајќи го и своето тело“.
„Во секој случај, мислам дека тоа е навредливо за сите“, изјави Харис пред да отпатува на митинзи во клучните западни држави Аризона и Невада.
Таа продолжи со своите забелешки на митинг во Феникс:
„Тој едноставно не ја почитува слободата на жените или нивната интелигенција дека знаат што е најдобро за нив и да донесат одлуки во согласност со тоа. Но, ние веруваме во жените“, рече таа.
Изјавите на Трамп доаѓаат додека тој се обидува да се поврзе со женските гласачи, додека Харис се обраќа на жените од двете партии со порака за слобода.
Харис тврди дека жените треба да имаат слобода сами да донесуваат одлуки за своето тело, и дека доколку Трамп биде избран, ќе следат нови ограничувања.
Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември 2024 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете