Достапни линкови

Вести

Коморовски бара Украина да ги ревидира законите

Претседателот на Полска Борислав Коморовски испрати апел до Украина да ги укине, како што ги нарече, застарените закони кои дозволуваат кривично гонење на политичари врз основ на одлуките кои ги донеле додека биле на функција. Коморовски изрази загриженост за пкановите на високорангирани европски службеници за бојкот на натпреварите на Европското првенство во фудбал, кое освен во Украина, се одржува и во Полска. Политичките прашања не треба да ја расипат заедничките спортски напори на Полска и Украина, изјави претседателот.

види ги сите денешни вести

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи во техничката влада на РСМ
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи во техничката влада на РСМ

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Се врши претрес на одредена локација. Имаме осомничени луѓе за убиството, има одредени материјални траги кои не водат до овие осомничени. Две лица се приведени и се надевам дека во најкратко можно време ќе можеме да излеземе со детали за овој дел од истражните дејствија“, изјави Тошковски, во гостување во поткастот „Претрес“.

Тој посочи дека се преземени 20 истражи дејствија и дека се прегледани над 50 камери и видео записи. Според првичните наоди, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.

Шеесет и седумгодишен лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“.

Лекарот имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

Четворица убиени, петмина повредени во напад во Илиноис

илустрација
илустрација

Четири лица се убиени, а пет се повредени во напад во Рокфорд, Илиноис, додека 22-годишен осомничен маж е уапсен.

Полицијата, исто така, соопшти дека некои од жртвите биле избодени со нож, но во нападот не било употребено огнено оружје, пренесуваaт локалните медиуми.

Убиени се 15-годишно девојче, 63-годишна жена, 49-годишен маж и 22-годишен млад човек.

Шефицата на полицијата во Рокфорд, Карла Ред, изјави дека загинале вкупно четири лица, додека еден е тешко повреден.

Четири лица се префрлени во болници, каде состојбата им е стабилизирана.

Полицијата соопшти дека засега не е позната причината за нападот.

Блинкен ќе разговара со Макрон за Украина и за Газа

Антони Блинкен, државен секретар на Соединетите Американски Држави, на прес-конференција во Виена, Австрија, 15 март 2024 година
Антони Блинкен, државен секретар на Соединетите Американски Држави, на прес-конференција во Виена, Австрија, 15 март 2024 година

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Антони Блинкен, ќе разговара за поддршката за Украина за време на разговорите што ќе се одржат во Париз следната недела со францускиот претседател Емануел Макрон, објави Стејт департментот.

Франција е меѓу најголемите воени добавувачи на Украина, која се соочува со повторени руски напади откако Москва ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.

Барањето на американскиот претседател Џо Бајден за воена помош од милијарди долари за Киев е блокирано во Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците.

„Секретарот Блинкен ќе се сретне со претседателот Макрон за да разговара за поддршката за Украина, напорите да се спречи ескалација на конфликтот во Газа и голем број други важни теми“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Франција повика на траен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, палестинска група прогласена за терористичка организација од САД и Европската унија, додека САД, главниот сојузник на Израел, неодамна му дозволија на Советот за безбедност на Обединетите нации да одобри резолуција со која се повикува на прекин на огнот во текот на месецот Рамазан.

Ова ќе биде прва посета на Блинкен на Франција по речиси две години. Во меѓувреме, Макрон последен пат го посети Вашингтон во декември 2022 година.

По Париз, Блинкен ќе остане во Брисел на разговори со министрите за надворешни работи на НАТО пред самитот на 75-годишнината на алијансата во Вашингтон во јули.

Косово направи чекор напред кон членство во Советот на Европа

Зградата на Советот на Европа во Стразбур, Франција, 14 март 2022 година.
Зградата на Советот на Европа во Стразбур, Франција, 14 март 2022 година.

Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа, потврди заменик министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети.

Тој рече дека овој извештај препорачува прием на Косово во Советот на Европа „без никакви дополнителни услови“.

“Ниту една од обврските што треба да ги преземе Косово не треба да се исполни пред членството“, напиша Ахмети на социјалната мрежа Фејсбук.

Според неговите изјави, сите предлози за поставување нови предуслови „биле отфрлени од мнозинството членови на Комитетот, што покажува дека Косово треба да стане членка во мај оваа година и дека новите предуслови би биле неправедни“.

Српскиот министер за надворешни работи во технички мандат, Ивица Дачиќ, на 27 март рече дека одлуката на Политичкиот комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа за препораката за прием на Косово во членството на Советот на Европа е „ срамно и скандалозно“.

Според Дачиќ, оваа одлука „ги уништува сите принципи на кои почива Советот на Европа“, објавено е на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Србија. Тој додаде дека е првпат да се предложи прием на територија која не е членка на Обединетите нации и не е меѓународно призната.


На социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) се огласи и претседателката на Косово, Вјоса Османи, која напиша дека ќе продолжи соработката со сојузниците за да се обезбеди полноправно членство во Советот на Европа.

Османи претходно изјави дека формирањето на Заедница на општини со српско мнозинство не е услов за членство на Косово во оваа меѓународна организација.

Заедницата на општините со српско мнозинство е договорена во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите и таа треба да обезбеди поголеми права на Србите на Косово.


Американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за Радио Слободна Европа на 15 март изјави дека Заедницата на општините со мнозинско српско население и прашањето за експропријација на северот на Косово може да бидат поставени како дополнителни услови од страна на некои членови на Советот на Европа.

Во меѓувреме, претставникот на Собранието на Косово од Алијансата за иднината на Косово, Бесник Тахири, кој присуствуваше на состанокот, рече дека извештајот е изгласан со 31 глас „за“, четири „против“ и еден „воздржан“.

Тој на социјалната мрежа Х напиша и дека имало несогласувања за време на средбата.

„Пратениците беа поделени во Комитетот. Од една страна Србија се спротивстави, а од друга речиси имаше консензус за поддршка на членството на Косово“, напиша Тахири.

Советот на Европа е водечка организација во Европа во областа на човековите права. Косово аплицираше за членство во оваа меѓународна организација во мај 2022 година.

Во Советот на Европа има 46 земји, вклучувајќи 27 членки на Европската Унија и сите земји од регионот.

Вкупно 2.571 граѓани во странство ќе можат да гласаат на претседателските избори

Северна Македонија - гласање на локални избори, октомври 2021 година.
Северна Македонија - гласање на локални избори, октомври 2021 година.

Вкупно 2.571 државјани на Северна Македонија ќе можат да гласаат во 31 дипломатско - конзуларно претставништво(ДКП) и конзуларни канцеларии на Северна Македонија во странство за претседателските избори, објави Државната изборна комисија(ДИК) по седницата на 27 март.

ДИК објави дека гласање ќе има во Абу Даби, каде 26 државјани на Северна Македонија се пријавени за гласање, во Белград (31), Берлин (260), Берн (186), Бон (164), Брисел (93), Вашингтон (34), Венеција (79) Виена (123), Детроит (34), Загреб (87), Канбера (31), Копехаген (74), Лондон (87), Љубљана (332), Минхен (166), Мелбурн (64), Њујорк (85), Осло (41), Париз (44), Прага (52), Рим (30), Стокхолм (85),Торонто (117), Хаг (65), Чикаго (88), Анкара (18), Варшава (23), Мадрид (18), Пекинг (12) и Софија (22).

Гласање нема да се спроведе таму каде се пријавени помалку од 10 избирачки, а тоа се во 20 дипломатско-конзуларни претставништва.

Избори за пратеници нема да се спроведе имајќи предвид дека не беа пријавени доволен број граѓани кои скаат да гласаат.

„Сите избирачи кои се пријавиле за гласање согласно законските рокови ќе бидат запишани во посебните избори во Северна Македонија според адресата на живеење“, изјави потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.

Првиот круг претседателски избори во Северна Македонија ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе биде во ист ден со парламентарните избори, на 8 мај.

Претседател на Северна Македонија и пратеници се избираат на општи, непосредни и слободни избори, со тајно гласање.


Според Изборниот законик, изборот на претседател се врши на територијата на Северна Македонија и во дипломатско-конзуларните претставништва во Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија, како една изборна единица по мнозински модел.

Во Собранието на Република Северна Македонија се избираат од 120 до 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат по пропорционален модел, при што територијата на државата е поделена на шест изборни единици утврдени со Изборниот законик, а по 20 пратеници се избрани во секоја од нив.

Тројца пратеници се избираат според пропорционалниот модел во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија.

Претседателските избори ќе бидат седми по ред откако прв пат шеф на државата беше избран на непосредни избори во 1994 година.

Парламентарните избори ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година.

Досега 140 жртви од нападот во концертната сала кај Москва

Цвеќе во спомен на жртвите на нападот во концертната сала Крокус близу Москва, Русија
Цвеќе во спомен на жртвите на нападот во концертната сала Крокус близу Москва, Русија

Бројот на загинати во нападот на 22 март во концертната сала кај Москва се искачи на 140, соопштија руските власти, пет дена по пукањето врз луѓе кои чекаа да влезат на концерт во салата Крокус, во Красногорск, во близина на Москва, за што одговорност презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС).

Рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко, на 27 март изјави дека четири од 76 лица во болницата се во критична состојба.

Еден ден претходно руските власти го завршија расчистувањето на урнатините од концертната сала, а потрагата по телата беше прекината.

На 25 март, рускиот суд обвини четворица државјани на Таџикистан за терористички чин, а уште четири лица беа обвинети дека им помагале на напаѓачите.

Извештаите сугерираат дека луѓето од Централна Азија кои живеат во Русија се под зголемен притисок и се соочуваат со антиимигрантски чувства по нападите. Неделава неколку печалбари од Узбекистан и Таџикистан беа приведени и испрашувани со часови во Москва.

Властите во Таџикистан, вообичаено блиски до Кремљ, претходно оваа недела приведоа и испрашуваа членови на семејството на четворица Таџикистанци обвинети за нападот во концертната сала во близина на Москва.

Узбекистан ги советуваше своите граѓани во Русија да се придржуваат до засилените безбедносни мерки и постојано да ги носат документите за идентификација и работните дозволи.

Владата во Киргистан апелираше до своите граѓани да се воздржат од заминување во Русија, додека властите во Туркменистан сакаат да ги вратат своите граѓани кои студираат во Русија.

Што знаеме за осомничените напаѓачи во Москва?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:19 0:00

Иако ИСИС експлицитно не даде признание на ниту еден од своите ограноци, западните разузнавачки служби и експерти ја обвинуваат ИСИС-К, или „Исламска држава Хорасан“.

Високи руски претставници инсистираат на тоа дека Украина и Западот биле вклучени во нападот.

Киев ги отфрли обвинувањата, додека Соединетите Американски Држави велат дека ја предупредиле Москва за неизбежен напад две недели пред инцидентот.

Советот за безбедност на Обединетите Нации, Европската Унија, ОБСЕ, САД, Франција, Велика Британија и други земји остро го осудија нападот.

Нападот на 22 март кај Москва беше најлошиот во Русија од 2004 година, кога вооружени лица земаа повеќе од илјада заложници во училиште во градот Беслан на југот на Русија. Повеќе од 330 луѓе, речиси половина од нив деца, на крајот загинаа во тој напад.

Владата одреди нов рок за изградба на автопатот Кичево-Охрид, цената останува 598 милиони евра

Градежни активности на автопатот Кичево-Охрид
Градежни активности на автопатот Кичево-Охрид

Новиот анекс на Договорот со кинески „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево-Охрид се однесува само на продолжување на временскиот рок за изградба кој сега се предлага да биде до крајот на 2026 година, а финансиските средства за изградба остануваат непроменети и се 598 милиони евра, изјавија за МИА од Министерството за транспорт и врски, откако Владата на 26 март усвои Информација на продолжување на рокот за изградба и законот го препрати на усвојување во Собранието.

Владата предлага рокот за завршување на автопатот да се продолжи до крајот на 2026 година, откако беше пробиен крајниот рок со досегашните анекси, атоа беше 31.12.2023. Не се предвидени дополнителни пари за изградба, цената останува 598 милиони евра.

Согласно новиот анекс, изведувачот се обврзува да ги изгради и да ги пушти во сообраќај до 31 ноември 2026 година подделниците 1 и 2, до 31 август 2025 година делница 2.2 и делница 3, а до 30 септември 2026 година да ги пушти во сообраќај и делниците 4 и 5.

„Продолжувањето на рокот е неопходно поради појавата на новите 13 свлечишта што се појавија на трасата, а како резултат на несоодветното проектирање и прераното започнување на изградба без да се земат предвид реалните состојби на теренот што требало да се третираат во првичната проектна документација“, објаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

Собранието утре треба да ја одржи последната седница пред да се распушти заради претседателските и параламентарните избори закажани за 24 април и 8 мај.

Анексот на Договорот за автопатот Кичево-Охрид, што почна да се гради во февруари 2014 година, ќе биде шести по ред. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколкуте анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра.

На крајот на минатата година ресорното Министерство ангажираше експерт за Фидик-договори задолжен да направи анализа на Договорот за изградба на автопатската делница. Ангажираното вешто лице доставило извештај до Владата во која се посочуваат три опции – да се продолжи договорот со изведувачот „Синохидро“, продолжување на договорот со пенали и како трета опција целосно раскинување на договорот.

Автопатот со кој требаше да се поврзат Кичево и најголемиот туристички центар Охрид, во западниот дел на земјата, пред десет години беше најавен како најголема инфраструктурна инвестиција во изминатиот половина век, која ќе придонесе за побрз економски и туристички развој.

Собранието во октомври 2013 донесе посебен закон за овој проект и за изградба на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип. Неколку месеци подоцна, во февруари 2014, тогашниот премиер Никола Груевски, кој ја предводеше владата на ВМРО-ДПМНЕ, фрли „прва лопата“ за старт на изградбата на автопат од Кичево до Охрид во должина од 57 километри. Изградбата требаше да чини 375 милиони евра.

Десет години подоцна, автопатот не е пуштен во употреба, иако според првичниот договор по него веќе требаше да се вози уште пред пет години. Автопатот уште непуштен во употреба, а се појавија „дупки“ во планот, во изведбата, се појавија грешни траси, свлечишта, а цената речиси се дуплираше.

Во извештај на ОН се обвинува Русија за погубување на украински воени заробеници

Украински воени заробеници, по размена на заробеници, 16 април 2023 година.
Украински воени заробеници, по размена на заробеници, 16 април 2023 година.

Во нов извештај на Обединетите нации(ОН) се наведува дека Русија можеби убила најмалку 32 украински воени заробеници во периодот од декември 2023 година до февруари 2024 година, пренесе Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Според РСЕ, Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на 26 март соопшти дека добила извештаи за егзекуција на најмалку 32 воени затвореници во тие три месеци, како и дека го потврдила убиството од седум заробени украински војници.

Во извештајот се додава дека украинските воени заробеници биле убиени откако го оставиле оружјето или за време на испрашувањето.

Меѓународната организација објави дека во текот на извештајниот период разговарале со 60 украински воени затвореници кои биле ослободени како дел од размена на затвореници.

„Повеќе од половина од затворениците, сите мажи, изјавиле дека биле изложени на сексуално насилство, струен удар и тепање“, се наведува во извештајот.

Кремљ се уште не го коментираше извештајот на ОН.

Канцеларијата на ОН, исто така, соопшти дека интервјуирала 44 руски воени затвореници, кои рекле дека биле мачени или веднаш по апсењето или за време на транспортот до притвор.

Во меѓувреме, Украина соопшти дека соборила десет од 13-те дронови од типот „шахид“, лансирани од Русија во раните утрински часови на 27 март.

Русија, пак, соопшти дека нејзините сили собориле 18 украински проектили истрелани во регионот Белгород во раните утрински часови.

Ниту Киев ниту Москва не ги коментираа тврдењата на другата страна.

На 21 февруари, Обединетите нации објавија дека најмалку 10.582 украински цивили се убиени, а над 19.875 се повредени од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година.

Се проценува дека реалниот број на цивилни жртви е многу поголем.

Москва негираше дека нападнала цивили во Украина.

update

Запрено пребарувањето на теренот по исчезнатото двегодишно девојче во Србија, истрагата продолжува

Србија - фотографија на двегодишната Данка Илиќ, објавена на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи на Србија, 26.3.2024 година.
Србија - фотографија на двегодишната Данка Илиќ, објавена на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи на Србија, 26.3.2024 година.

Полицијата во Србија соопшти дека ја прекинала потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ која исчезна вчера, 26 март, од приградската населба Бањско Поље кај Бор во источна Србија и поради чие исчезнување во Србија за прв пат беше активиран системот „Најди ме“.

Потрагата е прекината по 27 часа детално пребарување на теренот во приградската населба Бањско Поље и Брестовачка Бања, поради тоа што, како што се наведува во соопштението, „сите досегашни резултати укажуваат дека девојчето не е на овој простор од околу 10 квадратни километри“.

„Полицијата продолжува со интензивна оперативна работа за утврдување на сите факти и околности поврзани со исчезнувањето на детето, за што јавноста ќе биде навремено информирана“,соопштија од полицијата.

Во потрага по девојчето на терен беа полицајци, пожарникари-спасувачи, припадници на планинската спасувачка служба, припадници на Жандармеријата со кучиња трагачи, ловџии и бројни граѓани. Во потрагата се користат и хеликоптери и беспилотни летала со термо камери.

Во потрагата може да се приклучат и доброволци во координација со полицијата, а се приклучија и рудари и припадници на јавните служби на Бор.

Како што јави Радио-телевизија на Србија (РТС), теренот се пребарува во помали групи волонтери од по 20 лица, кои се разделуваат и одат со полицијата.

Потрагата беше проширена и надвор од местото каде што исчезна девојчето, кое веќе беше претресено.

Полицијата и волонтерите одат од зграда до зграда за да најдат некаква трага што ќе помогне во потрагата по исчезнатата Данка, а беа проверени и напуштени згради.

„Сите сопственици на викендички во населбата беа поканети да дојдат и да ги отворат своите згради, за да ги пребараат тие згради и да го отстранат секој сомнеж“, пренесе РТС.

Се додава дека е блокиран пристапот до приградската населба Бањско Поље кај Бор, каде исчезна девојчето, а поставени се контролни пунктови на приодот до тоа место каде полицијата врши увид на возила.

Сослушани се сите „лица од безбедносен интерес“ кои претходно имале проблеми со законот.

Бор, Србија - Пoлицијата во потрага по двегодишното девојче Данка Илиќ, исчезната на 26 март 2024.
Бор, Србија - Пoлицијата во потрага по двегодишното девојче Данка Илиќ, исчезната на 26 март 2024.

Полицијата за прв пат го активираше системот „Најди ме“ (Amber Alert) со кој јавноста итно се информира за исчезнување на дете. Итно известување вклучува испраќање порака за исчезнувањето со сите релевантни информации, прекинување на ТВ и радио програми, испраќање СМС пораки до сите граѓани, прикажување на екраните на автопатот, аеродромите, железничките и автобуските станици.

„Ова не е показна вежба, јавноста се информира за исчезнатиот малолетник“, соопштија од Министерството за информации на Србија вечерта на 26 март.

Системот „Најди ме“ беше воведен во Србија на 25 октомври 2023 година. Системот, кој постои во повеќе земји, е наменет за итно јавно известување во случај на исчезнување на дете.

Системот овозможува брза дистрибуција на информации до сите граѓани, кога полицијата ќе оцени дека нивното објавување би придонело за пронаоѓање на детето.

Гир: Не е точно дека ЕУ не ја сака Северна Македонија во Унијата

Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Северна Македонија
Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Северна Македонија

Не се точни тврдењата дека Европската Унија не ја сака Северна Македонија за членка на ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, на настанот со кој започнаа Деновите на НАТО во земјава, по повод одбележување четири години од членството на Северна Македонија во Алијансата и 75 години од нејзиното формирање.

„Вообичаено е да се слушнат гласови на сирени кои велат дека оваа земја не може да и’ пристапи на Европската Унија дали затоа што Унијата не ја сака внатре или затоа што не е способна да биде дел од Европската Унија. Ниту едно од овие тврдења не е точно. Ние сакаме Северна Македонија да биде дел од Европската Унија. Патот е практичен и многу лесно остварлив, рече Гир.

Во тој поглед, додаде евроамбассадорот, го споделувам мислењето дека патот на Европската Унија е пат на просперитет, на зајакнување на демократските вредности и владеењето на правото и е пат на стабилност. Но, исто така, рече, тоа е и пат на безбедност и навистина веруваме дека членството на Северна Македонија во Европската Унија ќе биде од корист за сите нас, рече Гир.

И од овие причини, истакна евроамбасадорот, ја поттикнуваме Северна Македонија да се придвижи што е можно побрзо кон Европската Унија.

„Сакаме оваа земја да биде дел од Европската Унија врз основа на исполнувањето на обврските коишто ги презеде во јули 2022 година, по кои следуваше меѓувладината конференција и скрининг процесот, како и имплементацијата на реформите коишто беа утврдени во текот на процесот на скрининг вклучително и тие коишто се наброени во новиот план за раст и реформи на Европската Унија“, рече евроамбасадорот Гир.

На традиционалниот НАТО настан се обрати и шефот на дипломатијата Бујар Османи и првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава, кои упатија честитки за четиригодишнина од НАТО членството на земјата, нејзиниот придонес во колективната безбедност и дадоа свои видувања за тековните глобални предизвици.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG