Достапни линкови

Вести

Мал авион го нарушил воздушниот простор во кој летал авион со Обама

Американскиот претседател Барак Обама
Американскиот претседател Барак Обама
Мал авион бил принуден да слета во близина на Лос Ангелес, откако пилотот влегол во истиот воздушен простор со авионот кој го превезувла американскиот претседател Барак Обама. Поради влегувањето во истиот простор, војската испратила борбени авиони да го пресретнат малиот авион и да го принудат да слета. Пилотот се бранел дека случајно влегол во просторот во кој летал авионот со Обама. При претресот на авионот биле пронајдени 18 килограми марихуана.

види ги сите денешни вести

Секој месец ќе се објавуваат податоци за бројот на гласачи во Србија

Србија - Собрание на Република Србија, Белград
Србија - Собрание на Република Србија, Белград

Податоците за бројот на гласачи во секоја единица на локалната самоуправа во Србија ќе се објавуваат еднаш месечно, наместо на секои три месеци, што беше пракса досега, соопштија од кабинетот на претседателката на собранието на Србија, Ана Брнабиќ.

Како што се наведува во соопштението од српското собрание, тоа е „директен резултат на парламентарниот дијалог инициран од претседателот на српскиот парламент за подобрување на изборните услови и спроведувањето на препораките на ОДИХР“.

„На овој начин сите граѓани на Србија ќе можат месечно да ги следат промените во бројот на избирачи во единствениот избирачки список во секоја единица на локалната самоуправа“, се вели во соопштението на Собранието на Србија.

Објавувањето на точниот број на гласачи во секоја општина е овозможено со измените на Упатството за спроведување на Законот за единствен избирачки список.

Претходно, пратениците во српското собрание ги усвоија измените на Законот за локални избори, со кои се овозможи локалните избори во градовите каде што не беа одржани во декември да се одржат со веќе најавените избори за градската власт во Белград на 2 јуни.

Формирање комисија за ревизија на избирачкиот список, одржување на Белград и локалните избори во ист ден и почитување на законот за медиуми се трите основни барања на опозицијата за учество на тие избори.

Опозицијата претходно ја обвини власта за изборна кражба на декемвриските избори, што владејачката Српска напредна партија и државниот врв ги отфрлија.

Изборни нерегуларности констатирале и меѓународни набљудувачи.

Мисијата на ОДИХР, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ, по констатираните нерегуларности на изборите на 17 декември, на властите во Србија им испрати 25 препораки за подобрување на условите за избори.

На 17 декември се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини низ Србија.

Украински градоначалници во посета на Мостар

Босна и Херцеговина - украински градоначалници во посета на Мостар
Босна и Херцеговина - украински градоначалници во посета на Мостар

Обновувањето на уништената инфраструктура и одржувањето на тоа што не беше уништено од војната е причината поради која 18 градоначалници од Украина пристигнаа во посета на Мостар.

Градот на југот на Босна и Херцеговина претрпе големо уништување за време на војната во 1990-тите. Меѓу нив е и Стариот мост, симболот на Мостар, еден од најважните споменици на османлиската архитектура на Балканот, изграден во 1566 година.

Евгениј Кудод, заменик-градоначалник на Криви Рих, индустриски град на југоистокот на Украина,кажа дека Украина се соочува со она низ што помина Босна и Херцеговина пред три децении.

„Зградите се урнати и сега работиме на проект за да видиме колку можеме да ги обновиме, иако војната продолжува. Не беа гранатирани само станбени згради, туку и училишта и болници, фабрики и енергетска инфраструктура. Градот е сега само со половина од снабдувањето со енергија“, рече Кудот.


Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, рече дека забележал сличности во уништувањето на инфраструктурата, но и во напорите за нејзино обновување.

„Ние им ги пренесовме нашите искуства, иако сето тоа беше одлична импровизација во воени услови, разговаравме за можноста за електрификација, поставување на соларни панели како алтернатива, беа заинтересирани и за водоснабдување и како се снајдовме“, рече Кордиќ.

Се разговараше и за реставрација на историското наследство, кое, како што изјавија домаќините од Мостар, е важно за зачувување на идентитетот и напредок во градењето на мирот.

Украинските градови се цел на бомбардирање од февруари 2022 година, кога Русија ја нападна Украина.

Европскиот парламент ја потврди визната либерализација за граѓаните на Косово со српски пасоши

Српски пасош, илустрација
Српски пасош, илустрација

Европскиот парламент (ЕП) изгласа визна либерализација за граѓаните на Косово кои поседуваат српски пасоши. Со ова гласање е завршена процедурата во Европскиот парламент.

Известувачот за визи во ЕП, Матјаж Немец, по гласањето рече дека продолжувањето на визната либерализација на ЕУ за српските жители на Косово е важно за да се спречи дискриминација врз овие граѓани, кои се единствената категорија жители на Западен Балкан на кои сè уште им е потребна виза за патување до Шенген зоната.

„Оваа техничка одлука не е обид за решавање на спорот меѓу Србија и Косово, туку прагматично решение за обезбедување еднаков третман“, рече Немец.

Сепак, согласноста треба да ја потврди и Советот на министри на Европската унија(ЕУ), при што за гласање е потребно квалификувано мнозинство. Засега не се знае кога ова прашање ќе се најде на дневен ред на министрите на ЕУ.

За да биде конечна визната либерализација, по гласањето во Европскиот парламент и во Советот на министри, одлуката треба да биде објавена во Службен весник заедно со датумот кога стапува во сила.

Визната либерализација за Косово, која е во сила од 1 јануари годинава, важи само за имателите на косовски пасоши. Граѓаните на Косово со српски пасоши беа изземени од визна либерализација при укинувањето на визите за граѓаните на Србија во декември 2009 година.

По визната либерализација за граѓаните на Косово, граѓаните на земјата кои имаат само пасоши од Србија останаа единствените во регионот кои немаат слобода на движење во Шенген зоната.

Ова е причината поради која во ноември Европската комисија (ЕК) предложи да се укинат визите за носителите на пасоши на Република Србија кои престојуваат на територијата на Косово.


Од аеродромот во Приштина не може да се патува со пасош издаден од Координативната управа на МВР на Србија во Белград за државјани на Косово, бидејќи косовските власти сметаат дека тоа е нелегално.

Носителите на овие пасоши можат да патуваат од која било земја во регионот.

Во ноември 2023 година, Европската Комисија предложи да се укинат визите за сопствениците на пасоши на Република Србија, кои престојуваат на територијата на Косово.

ССМ го најави првомајскиот протест - минимална плата од најмалку 450 евра

Слободан Трендафилов, Претседател на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)
Слободан Трендафилов, Претседател на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Традиционално и годинава на 1 мај Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе организира протест за одбрана на работничките права, а како што најави денеска, 23 април, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, на овој протест тие ќе побараат враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти, како и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра уште во првите 100 дена по формирањето на новата влада.

Најавувајќи го првомајскиот протест, Трендафилов објасни дека работничкото движење е исправено пред сериозен предизвик поради, како што кажа, односот на креаторите на политиките кои во изминатиот период „докажале дека се грижат за себе, но не и за работниците“.

„Денеска работниците во Македонија се соочуваат со притисок за нивната егзистенција поради зголемените трошоци за живот, како и ниските плати. Работниците се премногу незадоволни од се’. Излегуваме на протест поради тоа што изминатиот период беа глуви на нашите барања. Денеска како никогаш досега имате работници во „Македонски шуми“ кои немаат примено плата три месеци, имате работници во „Водостопанство“ кои ја немаат примено последната плата. Вработените во културата преку протести се изборија за исплата на платата со зголемувањето на минималната плата и еден куп други работници кои се борат за нивната егзистенција според податоците на УЈП каде што јасно се кажува дека повеќе од 20 илјади работници примаат плата пониска од минималната“, рече Трендафилов.

Трендафилов објасни дека македонските работници константно стануваат посиромашни, нагласувајќи дека ова е вистински момент да го кренат гласот и да се појават на првомајските протести.

„За жал, работниците во Македонија од јануари до април се посиромашни месечно за некаде околу 3.000 денари или за 50 евра. Ако тоа не е доволна причина да ни се придружат на Првомајскиот протест и ако тоа не е доволна причина да излезат и да кажат дека се премали платите, а преголеми се трошоците, треба да размислат добро. Тоа што можам да кажам е дека психолошката бариера од 60 илјади денари новата пресметка на синдикалната минимална кошничка сигурно ја преминува и тоа треба да биде црвен картон за сите оние кои се сомневаа и во пресметката на синдикалната минимална кошничка, меѓутоа се сомневаа и укажуваа дека работниците во Македонија можат да преживеат со далеку помалку. Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“, потенцираше Трендафилов.

Првомајскиот протест ќе започне во 11 часот пред просториите на работничкиот дом, по што работниците ќе одат и пред Собранието, Стопанската комора, а протестот ќе заврши пред Влада.

ДИК: Гласањето на затворениците и болните лица се одвива без проблеми

Гласање, избори, илустративна фотографија
Гласање, избори, илустративна фотографија

Вкупно 2.147 гласачи во 14 казнено-поправни установи денеска во Северна Македонија од утрово го остваруваат своето право на глас за претседателските избори. Гласањето за нив започна утрово во 7 часот и ќе трае се до затворање на гласачките кутии во 19.00 часот.

Како што информираат од Државната изборна комисија (ДИК) до овој момент гласањето во сите казнено-поправни установи се одвива без проблеми.

Покрај затворениците, денеска своето право на глас можат да го остварат и двајца гласачи кои се водат како внатрешно населени, а исто така во текот на денешниот ден се спроведува и гласањето на болните и немоќните лица.

Ова значи дека вкупно 6.935 граѓани кои се пријавиле како болни или немоќни ќе можат да го остварат своето право на глас во своите домови, откако претходно до општинските изборни комисии доставиле известување за својата состојба со соодветна документација.

Исто така, од ДИК инфомираат дека денеска гласаат и 534 лица сместени во 20 центри за вонсемејна грижа кои своето право на глас ќе го остварат во центарот каде се сместени.

На седмите претседателски избори кои за сите други категории граѓани ќе се одржат утре според податоците на ДИК право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Избирачките места утре ќе се отворат во 7, а гласањето ќе трае до 19 часот. Ќе се гласа на вкупно 3480 избирачки места во целата држава.

Уапсен помошник на германскиот европратеник поради шпионирање за Кина

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека наводите за шпионирање се „исклучително сериозни“.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека наводите за шпионирање се „исклучително сериозни“.

Помошник на екстремно десничарски германски пратеник во Европскиот парламент е уапсен под сомнение дека шпионирал за Кина, соопштија во вторникот, 23 април, германските власти.

Притворот на ова лице доаоѓа помалку од 24 часа откако три лица беа уапсени во Германија и осомничени за шпионирање за Кина во посебен случај.

Германскиот државјанин е обвинет дека работел за кинеската разузнавачка служба и дека постојано пренесувал информации за преговорите и одлуките на Европскиот парламент во јануари. Обвинителите тврдат дека тој шпионирал и кинески дисиденти во Германија.

Обвинителите не го идентификуваа претставникот за кој работи, но Максимилијан Крах од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), кој е главен кандидат на неговата партија на изборите за Европскиот парламент закажани за почетокот на јуни, рече дека дознал од медиумите за апсењето на работникот на Џијан Гуо.

Немам повеќе информации“, рече Крах.

Тој додаде дека „шпионирањето за странска држава е „сериозно обвинение“, кое доколку се докаже, ќе доведе до итен отказ на работникот.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека наводите за шпионирање се „исклучително сериозни“.

„Ако се потврди дека имало шпионирање за кинеското разузнавање од Европскиот парламент, тогаш тоа е инсајдерски напад врз европската демократија“, рече Фезер во изјавата.

Веста за апсењата дојде еден ден откако тројца Германци беа уапсени под сомнение дека шпионирале за Кина и договориле пренос на информации за технологијата што може да се користи за воени цели.

Во понеделникот, британските обвинители објавија дека поранешен истражувач кој работел во британскиот парламент и уште еден човек биле обвинети за шпионирање за Кина.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, рече дека „неодамнешните извештаи во Европа за кинеско шпионирање се создадени за да се оцрни и да се поттисне Кина“.

Пекинг ги повика „релевантните страни да престанат да шират дезинформации за кинеската закана од шпионажа и да престанат со политичка манипулација и злонамерна клевета против Кина“.

Минатата недела германскиот канцелар Олаф Шолц се состана со врвните кинески лидери во Пекинг на крајот од тридневната посета на земјата.

Во стратегијата за односите со Кина објавена минатата година, германската влада укажа на „системското ривалство“ со азиската сила и потребата да се намали ризикот од економска зависност.

Сепак, Германија ја нагласи својата желба да работи со Пекинг на предизвиците како што се климатските промени и да одржува силни трговски врски.

Во документот се наведува и „одлучна акција“ насочена кон спречување на кинеските шпионски активности.

Српскиот парламент ги усвои законските измени: Локалните и изборите во Белград на 2 јуни

Зградата на српскиот парламент во Белград, Србија
Зградата на српскиот парламент во Белград, Србија

Пратениците на српскиот Парламент ги усвоија измените на Законот за локални избори, со кои се овозможи локалните избори во градовите каде што не беа одржани во декември да се комбинираат со веќе најавените избори за градската власт во Белград, што ќе се одржат на 2 јуни.

За измени на законот гласаа 168 пратеници, меѓу кои и пратеници од опозицијата, односно партиите кои донесоа одлука за учество на белградските избори во јуни.

Седницата беше закажана на предлог на 187 претставници на власта и на дел од опозицијата.

Во образложението на предлогот за измена на Законот пишува дека се донесува поради динамиката на одржување избори и седници на локалните самоуправи.

Рокот за распишување локални избори ќе се помести од 120 на 150 дена пред истекот на мандатот, а од денот на распишувањето до денот на изборите не може да поминат помалку од 30 дена, наместо 45 како што пишува во сегашниот закон.

Како што е најавено, на изборите ќе учествуваат Зелениот левичарски фронт, Народното движење на Србија, Еколошкото востание, Демократската партија, Движењето на слободни граѓани и Ново лице на Србија, додека Партијата за слобода и правда, Србија центар и од коалицијата НАДА најавија дека нема да учествуваат бидејќи сметаат дека нема време за подобрување на изборните услови до 2 јуни.

Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди франци

илустрација
илустрација

Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди швајцарски франци или 5,95 милијарди евра, соопшти денеска Државниот секретаријат за економски прашања на земјата (СЕКО).

Оваа бројка се однесува на вкупната вредност на руските средства замрзнати од Швајцарија од почетокот на војната во Украина до крајот на 2023 година.

Вредноста на замрзнатите руски средства во Швајцарија е помала отколку на крајот на 2022 година, кога изнесуваше 7,5 милијарди швајцарски франци.

„Вредноста на финансиските средства замрзнати во врска со санкциите против Русија изнесуваше 5,8 милијарди швајцарски франци на 31 декември 2023 година. Ова е за 1,7 милијарди швајцарски франци помалку од бројката пријавена за декември 2022 година. Покрај тоа, сега се блокирани 17 имоти во 7 кантони“ се вели во соопштението на СЕКО.

Седум повредени во руски напад со дронови врз Одеса

илустрација
илустрација

Седум лица се повредени, меѓу кои две деца, во напад на руски дрон врз украинското пристаниште Одеса, соопштија украинските власти.

„Во нападот се уништени најмалку 14 станови, изјави градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов“, пренесе агенцијата Униан.

Во текот на ноќта и главниот град на Украина беше цел на руски беспилотни летала, а шефот на градската управа Серхи Попко изјави дека украинската противвоздушна одбрана соборила неколку беспилотни летала испукани од Русија кон Киев, додавајќи дека нема извештаи за штета или повредени во нападот.

Украинската морнарица соопшти дека се уништени четири руски беспилотни летала над јужниот регион Миколаев.

Британскиот парламент го одобри контроверзниот закон за депортација на мигрантите во Руанда

Британскиот премиер Риши Сунак
Британскиот премиер Риши Сунак

Британскиот премиер Риши Сунак вчера во денот кога Горниот дом на парламентот го усвои потребниот закон вети дека во рок од 10 до 12 недели ќе започне да испраќа во Руанда баратели на азил за да ги процесуираат нивните барања, што беше одложено со месеци поради парламентарните обиди за промена на планот.

Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда, политика за која се надева дека ќе ја зајакне неговата Конзервативна партија пред изборите подоцна оваа година.

Домот на лордовите долго време одбиваше да го поддржи нацрт-законот, што нема дополнителни заштитни мерки и беше раздор, но на крајот попушти откако Сунак рече дека владата ќе го принуди парламентот да заседава онолку долго колку што е потребно за да го усвои.

Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, стигнаа до Велика Британија во изминативе години поминувајќи го Ламанш со мали чамци на ризични патувања организирани од банди шверцери на луѓе.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за владата, но критичарите велат дека планот да се депортираат луѓе во Руанда наместо да се работи со барателите на азил во Британија е нехуман. Тие ја наведуваат загриженоста за состојбата со човековите права во источноафриканската земја и ризикот барателите на азил да бидат вратени назад во земјите каде што се соочуваат со опасност.

И по успешното надминување на парламентарните пречки, Сунак се уште може да се соочи со правни предизвици за законот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG