Вести
Европарламентарци во посета на македонското Собрание
На состанокот ќе учествуваат пратеници од Собранието на Македонија и европарламентраци, членови на Мешовитиот парламентарен комитет.
Предвидено е обраќања да имаат и вицепремиерот задолжен за европски прашања Теута Арифи, министерот за надворешни работи Никола Попоски, вршителот на должност шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија Роберт Лидли и известителот за Македонија од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент Ричард Ховит.
На состанокот ќе бидат разгледани повеќе прашања во врска со односите на Македонија и Европската унија.Ќе се разговара за одбележување на 10-годишнината од донесувањето на Охридскиот рамковен, реформите на јавната администрација, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и актуелната состојба со визната либерализација. Збор ќе стане и за граѓанското општество и учеството на граѓаните во процесот на одлучување, слободата на изразување и медиумите, економската состојба, кризата во Евро-зоната и ефектите врз Македонија.
На крајот на овој состанок се очекува да бидат разгледани и усвоени завршни препораки.
види ги сите денешни вести
Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора
Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април ја уапси Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување на корупцијата (АСК).
Како што јави репортерот на Радио Слободна Европа од местото на настанот, таа била изнесена од зградата на АСК со лисици, во придружба на оперативци и испратена на распит во зградата на Специјалниот полициски тим.
Полицијата од рано изутрина изврши претрес во канцелариите на АСК и службените автомобили на државната институција, на кој присуствуваше и Никола Мартиновиќ, адвокат на Перовиќ.
Специјалното обвинителство соопшти дека Перовиќ е лишена од слобода поради сомнение дека во текот на минатата и до април годинава сторила продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба.
Како што се наведува, полицијата извршила претрес во нејзиниот стан и „други простории“.
Владејачките партии и невладиниот сектор со месеци ја обвинуваат Перовиќ за нетранспарентно работење и селективно постапување на Агенцијата при проверка на имотот на јавните функционери и дека штитела голем број поранешни функционери, меѓу кои и Мило Ѓукановиќ.
Дополнително, таа беше обвинета дека ги зголемила платите на некои вработени, но и на самата себе, кршејќи го законот.
Невладината МАНС, која со години се бори против корупцијата, лани ја обвини Јелена Перовиќ дека користела службено возило за приватни цели.
Перовиќ ги негираше овие наводи.
МАНС на крајот на минатата година го повика Специјалното обвинителство да отвори истрага против Перовиќ во врска со транскриптите од комуникацијата што таа ја имала со обвинетата поранешна претседателка на Врховниот суд, Весна Меденица.
„Содржината на комуникацијата меѓу Перовиќ и Меденица дава доволно основи за сомнение дека актуелната директорка сторила повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата, противзаконито влијание и поттикнување противзаконито влијание“, се вели во соопштението.
Меденица во 2022 година беше обвинета дека е дел од криминална организација создадена од нејзиниот син Милош Меденица.
Контроверзии во кинеските инвестиции на Западен Балкан
Мапирањето на кинеските инвестиции во земјите од Западен Балкан покажува дека развојната кампања на Кина во инфраструктурни проекти како Иницијативата „Појас и пат“ има висока цена за човековите права, транспарентноста и животната средина со особено силни последици за климата, се вели во извештајот на невладината организација Just Finance International.
Истражувањето се однесува на мапирање на кинеските инвестиции и судските процеси поврзани со нив во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Албанија. Според извештајот во соседните земји се забележани над 100 случаи во десетци инвестиции, за кои како што се вели во извештајот, ја доведуваат во прашање законитоста и етиката на кинеските инвестиции на Западен Балкан.
„Во многу земји, локалните и националните политичари се чини дека ги заобиколиле или минимизирале важните регулативи со цел да ги поттикнат приливите на капитал и да ги постигнат целите за економски раст. Честопати, инженерите брзаат да започнат градежни работи дури и пред да ги исполнат релевантните законски барања, вклучително и поднесување јавни тендери, просторни планови, планови за преместување и нивната клучна проценка на влијанието врз животната средина. Поголемиот дел од правните жалби опфатени во оваа карта се фокусирани на такви прекршувања на националното законодавство“, се вели во извештајот на невладината организација.
Во Северна Македонија се евидентирани два кинески инфраструктурни проектa и тоа изградбата на автопатите Охрид – Кичево и Миладиновци- Штип. Како изведувач на градежните работи, односно е наведена кинеската фирма „Синохидро“.
„Сепак, бројот на кривични пријави дава јасен и несоборлив сигнал дека многу кинески инвестиции - како и нивното лошо управување од страна на локалните власти - предизвикуваат жестоко противење и долги напори за отпор од погодените заедници“, се вели во извештајот.
Невладината организација пишува за судската постапка во случајот „Траекторија“, кој се однесуваше на постапката за избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Овој предмет го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство во кое ги обвини поранешните власти за корупција односно наплатени провизии од кинеската фирма. Но, со измените на кривичниот законик, делото застаре па нема да бидат кривично гонети обвинетите за злоупотреба на службена должност и мито.
Во извештајот се наведуваат и најавите на власта за кривични пријави против фирмата поради одолговлекувањето на изградбата и нерешени пропусти при изградбата. Еден од наведените пропусти во 2017 година е протестот на работниците ангажиран од фирмата подизведувач на Синхидро за неисплатени плати. Меѓу другите се забележува и предизвикана штета на приватен имот поради несоодветни услови на градилиште, несреќа при работа и непочитување во целост на стандарди за здравје и безбедност при работа, како и тужба на локалното населени во Дебарца против Синохидро затоа што со градежните активности предизвикале поплава во ниви во селото.
Според последните измени на законот рокот за изградба на автопатот Кичево Охрид се пролонгира до 2026 година, при што актуелниот министер за транспорт и врски истакна дека до сега се спроведени 83 проценти од проектот.
„Се побара продолжување. Причините за пролонгирање на проектот се добро познати, а пред сѐ се должат на појавата на 13 нови свлечишта што бара дополнително проектирање и нови технички решенија”, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси на Договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра. Тој износ според Министерството за транспорт и врски нема да се менува и покрај пролонгирањето на рокот.
Голем број на претставки се поднесени против локалните и националните власти во земјите од Западен Балкан, кои често поддржуваат или се усогласени со кинеските инвестиции, но тие не се вклучени во ова мапирање.
„Досега не е јасно колку од поднесените жалби може да бидат отфрлени од судовите или всушност да доведат до значајни пресуди. Многу случаи се одолговлекуваа повеќе години, предизвикувајќи високи трошоци за инволвираните страни“, се вели во извештајот.
Уапсена е осомничена која се поврзува со терористичкиот напад во Москва
Руските власти уапсија таџикистанско-руска државјанка во врска со терористичкиот напад на 22 март во концертната сала на градското собрание Крокус во предградието на Москва, во кој загинаа 144 лица.
Осомничената, идентификувана само со презимето Ашуров, е приведена поради незаконско регистрирање на двајца странски државјани во нејзината резиденција, соопшти судот во градот Твер на 16 април.
Двајцата странци, Аминјон и Диловар Исломов, браќа од Таџикистан моментално се во руски притвор заедно со нивниот татко, Исроил Исломов, поради наводно помагање на осомничените кои се обвинети за извршување на смртоносниот напад на концертната сала на Градот Крокус.
Пред апсењето на Ашуров, руските власти уапсија 10 државјани на Таџикистан и државјанин на Киргистан во врска со нападот, најлошиот терористички напад во Русија во последните две децении. Одговорноста ја презеде огранок на екстремистичката група Исламска држава.
Руските истражители рекоа дека нападот го извршиле четворица мажи, сите државјани на Таџикистан. Други приведени се притворени поради помагање и поттикнување на напаѓачите.
На 17 април, московскиот суд го потврди апсењето на осомничениот Киргистан, Алишер Касимов, кој поднел жалба против неговото апсење.
„Пресудата на московскиот окружен суд Басмани од 26 март 2024 година е потврдена, а жалбата е отфрлена“, изјави претставник на московскиот суд, цитиран од руските државни медиуми.
Слична одлука од истиот суд донесе и за Аминјон Исломов, кој исто така поднесе жалба на притворот. Исломовците се обвинети дека на напаѓачите им обезбедиле стан и возило и им превезувале готовина. Тие ги отфрлија обвинувањата.
Партиите потпишаа етички кодекс, две одбија да стават потпис
Претставници на политичките партии и коалиции, се обврзуваа дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс и нема да користат говор на омраза во предизборната кампања. Денеска, го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори за единаесетите парламентарни избори што ќе се одржат на 8 мај.
Претседателот на Државната изборната комисија, Александар Даштевски, истакна дека овој чин претставува израз на волја да се зачува интегритетот на демократскиот процес.
„Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите“, истакна претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.
Кодексот не го потпишаа кандидатот од партијата Демократи, претседателот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, како и претставникот од Работничка партија. Претходно и сите кандидати за претседател потпишаа кодекс за однесување, само кандидатот на ГРОМ, Јакимовски и тогаш не го потпиша кодексот иако рече дека ќе го почитува.
Ал-Тани: Преговорите меѓу Израел и Хамас се во застој
Преговорите меѓу Израел и Хамас за обезбедување примирје во Газа и размена на заложници се во застој. Поминуваме низ чувствителна фаза со одреден застој и се обидуваме колку што е можно повеќе да го решиме тоа“, изјави денеска катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани на прес-конференција со романскиот премиер Марсел Чолаку.
Катар, заедно со Соединетите Држави и Египет, е ангажиран во неколкунеделни разговори за да се обезбеди примирје во Газа и ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници кои се чуваат во израелските затвори.
Преговарачите се обидуваат „да продолжат напред и да стават крај на страдањата што ги доживуваат луѓето во Газа и да ги вратат заложниците“, рече шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани.
Шест месеци по почетокот на војната предизвикана од нападот врз Израел од страна на движењето Хамас - организација која САД и Европската Унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка, израелските воени операции во Појасот Газа продолжуваат.
Половина година откако нападот предводен од Хамас предизвика нова војна на Блискиот Исток, израелската влада се соочува со се поостра меѓународна реакција на нејзината воена кампања врз опустошената палестинска територија, како и со масовни протести дома.
Војната во Појасот Газа избувна откако Хамас изврши напади во Израел на 7 октомври минатата година, кога според израелските податоци загинаа 1200 луѓе, а беа земени 253 заложници.
Германија нема да финансира проекти во Република Српска
Германските финансии нема да бидат вклучени во финансирањето на проекти во Република Српска, откако набрзо ќе истече и последниот договор, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Амбасадата на Германија во Босна и Херцеговина.
Во текот на август минатата година, германската влада постепено ги суспендираше проектите, наведувајќи ја како причина „сецесионистичката политика“ на властите на босанскиот ентитет на чело со претседателот Милорад Додик.
Станува збор за четири инфраструктурни проекти, со вкупна вредност од 105 милиони евра.
„Истите (сецесионистички активности) не беа повлечени, како што бараше Сојузната влада. Наместо тоа, претседателот Додик дополнително ја ескалираше политичката криза. Затоа, конечното прекинување на четирите проекти беше логичен редослед“, се вели во одговорот на германската амбасада до РСЕ.
Амбасадата не сакаше да го коментира договорот меѓу владата на Република Српска и Унгарија дека унгарските компании ќе го преземат финансирањето на проектите од кои Германија се откажа.
Владата на РС објави дека Унгарија ќе го преземе финансирањето на проектите од кои Германија се откажа на денот кога делегацијата на земјата, предводена од премиерот Виктор Орбан, беше во Бања Лука.
Унгарскиот премиер е еден од клучните сојузници на прорускиот претседател на РС, Милорад Додик, а на 5 април му беше доделен Орден на РС.
„Тешко е да им се објасни на германските даночни обврзници зошто Германија треба со значителна сума да поддржи субјект кој, според изјавите на нејзиниот претседател, отворено размислува да ја напушти Босна и Херцеговина“, велат за РСЕ од германската амбасада во Сараево.
Тие посочија дека Германија ја поддржува БиХ во пристапот кон Европската Унија и дека е подготвена дополнително да ја интензивира соработката со БиХ и ентитетите, но со предуслови.
„Основното барање е зачувување на мирот, владеењето на правото и територијалниот интегритет на државата Босна и Херцеговина. Ја продолжуваме нашата соработка со граѓанското општество во Република Српска. Истото важи и за државните и регионалните проекти за германски развој соработка“, посочуваат од германската амбасада.
Меѓу проектите од кои германската влада се откажа е и изградбата на ветерната електрана „Хргуд“ во Берковиќи, општина на југоистокот на Босна и Херцеговина. Вредноста на проектот е околу 64,28 милиони евра, од кои Германската банка за развој обезбеди 60 милиони евра, а остатокот би го финансирала Електропривреда РС.
Германија се повлече и од проектот за реконструкција на хидроцентралата кај Требиње, на југот на земјата, како и од проектот за отстранување на отпадните води во Градишка, на северот на Босна и Херцеговина.
Повлекувањето од проектите се случи по одлуката на Народното собрание на Република Српска во декември 2021 година да ја врати јурисдикцијата и да создаде свои институции со цел слабеење на државата.
Во април 2022 година, германската влада одлучи привремено да ги стопира проектите, а во август минатата година целосно се повлече од нив.
Османи по српските реакции за резолуцијата за Сребреница: Најдобро за Србија е да ја залечи оваа рана
„Тоа што Северна Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата за геноцидот во Сребреница, не е однос кон Србија или однос кон српскиот народ, ова е однос кон едно злосторство кое веќе е направено и за кое меѓународните судови имаат констатирано дека се работи за геноцид и дека негирањето или продолжувањето на глорифицирањето на сторителите е продолжување на геноцидот во друга форма. Така што, мислам дека е најдобро и за Србија да ја залечи оваа рана, како што тоа го направија и Германците и другите народи“, одговори министерот за надворешни работи Бујар Османи, на новинарско прашање за тоа како ги коментира изјавите од српска страна за тоа што земјава е коспонзор на резолуцијата за Сребреница во ОН.
Османи вели дека во Министерството за надворешни работи(МНР) веќе имал средба со српската амбасадорка во Северна Македонија и нејзе јасно и бил пренесен ставот за ова прашање.
„Осуда на геноцид е универзална човекова должност и тоа не е поврзана со било која припадност. Јас апсолутно секаде каде што има судска меѓународна одлука за злосторства против човештвото, не правам поделби во однос на сторителите. Утре може и ние да бидеме жртва, или генерациите после нас може да се жртви и затоа не смееме да останеме неми за злосторства од тој тип“, изјави Османи.
Инаку изјавата на министерот Османи дека земјава одлучила не само да ја поддржи, туку и да ја коспонзорира резолуцијата на Обединетите Нации за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ ја оцени како „дрскост“ и го праша дали сака да поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија.
Северна Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата со која се бара 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Османи ги повика земјите членки на ОН, а особено Србија да ја поддржат таа резолуција.
Инаку вечер (17 април) во Њујорк ќе се одржат неформални затворени консултации за нацрт-резолуцијата, за која Генералното собрание на ОН треба да се изјасни на почетокот на мај.
Средбата е закажана за 22 часот по средноевропско време.
Неформални консултации за нултата нацрт-резолуција „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница 1995 година“, под точка 14 од дневниот ред, свикуваат постојаните мисии на Германија и Руанда, заедно со постојаните мисии на Албанија, Босна и Херцеговина, Чиле, Финска, Франција, Ирска, Италија, Јордан, Холандија, Лихтенштајн, Малезија, Нов Зеланд, Словенија, Турција и САД, објавено е на веб-страницата на ОН.
Генералното собрание на ОН треба да гласа за резолуцијата на пленарна седница на 2 мај.
Вработените во „Национални шуми“ бараат исплата на задоцнетите плати
Преку протест пред дирекцијата на ЈП„Национални шуми“, вработените во претпријатието го искажаа своето незадоволство поради неисплатените плати за последните два месеца.
Покрај неисплатените плати, на вработените во ова државно претпријатие не им се платени ниту додатоците за работа на терен, ниту пак надоместоците за пензиско и здравствено осигурување за два месеца.
Нив ги поддржаа и колегите од другите градови, односно од сите 30 подружници на „Национални шуми“ на ниво на цела држава.
Вработените добија поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија, кои исто така побараа 1800 вработени да ги добијат задоцнетите плати.
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање Иван Пешевски нагласи дека како резултат на незадоволството кое владее кај вработените во ова претпријатие, следниот протест ќе се одржи и пред Владата.
„Овие протести од пред Дирекција секако дека ќе ги радикализираме и пред Влада, бидејќи ниту на вчерашната седница на Влада се разговараше за ова прашање, ниту пак имаме абер дека некој се грижи за вработените во „Национални шуми“ да подели не само плати за луѓето туку да им се исплатат и надоместоците за пензиско и здравствено осигурување. Навистина се соочуваме со голема категорија луѓе, 1800 вработени, па ќе треба навистина да се стави прст на чело што ќе се случува со нив“, истакна Пешевски.
Тој изрази и надеж дека овие протести ќе станат уште помасовни во наредниот период.
„Се надевам и дека наредниот пат ќе бидеме помасовни и ќе го кренеме гласот и пред владата и пред владините претставници, бидејќи нив зголемените плати од 80 проценти редовно ги земаат, а овде луѓето не земаат ништо“, додаде Пешевски.
За проблемот со неисплатените плати пак од „Национални шуми“ за РСЕ вчера одговорија дека тоа се должи на намалената побарувачка на огревно дрво од граѓаните, како и тоа дека производството е намалено на 100 000 метри кубни.
„Национални шуми“ велат и дека во изминатиот период детално ги известиле и Владата и ресорното Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство за проблемите со кои се соочуваат. Но, не даваат конкретен одговор до кога ќе трае голготата на вработените и како ќе се реши проблемот.
Пекинг: Има уште многу работа пред мировниот самит за Украина
Кина соопшти дека има „уште многу работа“ пред да се одржи мировната конференција за војната во Украина во Швајцарија, но не кажа дали ќе присуствува на состанокот.
Кина и Русија ја зајакнаа економската соработка и дипломатските контакти во последниве години, а нивното стратешко партнерство стана посилно по инвазијата на Москва на Украина.
Додека Кина тврди дека е неутрална во конфликтот во Украина и дури се обиде да игра посредничка улога, таа беше критикувана поради одбивањето да ја осуди офанзивата на Москва.
Швајцарската влада минатата недела објави дека ќе биде домаќин на мировната конференција на високо ниво за Украина во средината на јуни, но дека Русија нема да присуствува.
Германскиот канцелар Олаф Шолц по неговите разговори со кинескиот претседател Кси Џинпинг во вторникот (16 април) во Пекинг изјави дека се согласиле „интензивно и позитивно да ја координираат“ промоцијата на таа конференција.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави најавата, велејќи дека Кина може да помогне да се постигне „праведен мир“ за неговата земја.
Меѓутоа, Кина во средата одби експлицитно да потврди дека ќе учествува на собирот, велејќи дека Кси ја поддржал конференцијата „признаена од Русија и Украина“ и дека „има уште многу работа“ пред да се одржи.
Кси „го поддржува свикувањето на меѓународна мировна конференција во догледно време... со еднакво учество на сите страни“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан.
„Кина верува дека секој конфликт на крајот мора да се реши преку дипломатски канали и политички преговори“, додаде Лин, наведувајќи дека „единствениот излез од украинската криза е на преговарачката маса“.
Шолц, исто така, во вторникот рече дека го повикал Кси да го искористи своето влијание врз Русија за да изврши притисок врз неа да стави крај на „бесмислената“ војна во Украина и да ги повлече војниците од соседната земја.
„Зборот на Кина има тежина во Русија“, рече тој.
Кинеската државна телевизија CCTV соопшти дека Кси навел „четири принципи за спречување на украинската криза да излезе од контрола и да го врати мирот“.
Земјите мора да се фокусираат на „одржување мир и стабилност и да се воздржат од барање себични придобивки“, како и „да ја смират ситуацијата и да не долеваат масло на огнот“, рече Кси.
„Мораме да создадеме услови за враќање на мирот и да се воздржиме од дополнително влошување на тензиите“, изјави Кси, додавајќи дека треба да се направат напори за „да се намали негативното влијание врз светската економија“.
„Четирите принципи“ наликуваат на предлогот на Пекинг минатата година во кој се бараше „политичко решение“ на конфликтот, што според западните земји може да и дозволи на Русија да задржи голем дел од територијата што ја зазеде во Украина.
Центар за граѓански комуникации: Училиштата се нетранспарентни околу јавните набавки
Без транспаретност и отчетност се трошат околу 10 милиони евра за набавки во училиштата кои се финансираат со пари од родителите, покажува истражувањето спроведено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во 8 општини во државата открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина итн. се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила коишто би овозможиле избор на најповолните понуди. Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите, бидејќи Министерството за образование и наука (МОН) за нив има донесено процедури во 2014 година.
Најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации. Од таму велат дека дури и кај оние училишта што ги доставиле одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои фирми да се бараат понуди за набавките.
„Оваа состојба е последица на тоа што МОН доцни со изготвувањето на подзаконските акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитно-образовните институции, кои не подлежат на Законот за јавни набавки. На тој начин им се овозможува на училиштата да бидат нетранспарентни и неотчетни за начинот на трошење на парите од родителите. Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 - 2025 година предвидуваше Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти (правилници) уште во првата половина од 2022 година, со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција“, истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Истражувањето е изготвено во рамки на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.
Истражувањето е спроведено во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете